• сабота, 16 ноември 2024

Празничен концерт „Најубавите песни од Тоше Проески" во Крива Паланка

Празничен концерт „Најубавите песни од Тоше Проески

Крива Паланка, 8 октомври 2024 (МИА) - Со концертот „Најубавите песни од Тоше Проески" на Националната установа Камерен оркестар на Битола во салата на Центарот за култура Крива Паланка, синоќа продолжи празнувањето во чест на „80 години слободна Крива Паланка".

Општината го прославува осумдеценискиот јубилеј со низа свечености, меѓу кои и концерт посветен на Тоше Проески. Концертот беше несекојдневна можност кривопаланчани и гостите на градот да уживаат во безвремените песни на Тоше во интерпретација на Наде Талевска и Јасна Димитровска, придружувани од битолските музичари под диригентската палка на Владимир Димовски.

-Тоше е вечен, а неговите песни се бесмртни, тоа го потврди уште еднаш извонредниот концерт на Камерниот оркестар од Битола.  

Најпознатите хитови на Тоше Проески длабоко ја трогнаа публиката и предизвикаа силни емоции на почит, гордост и љубов кон нашиот ангел. Патриотскиот дух и големата љубов на Тоше кон татковината се најубавиот подарок посветен на свеченостите во чест на 80- годишниот јубилеј, слободна и демократска Крива Паланка, напишаа од општината.

Концертот се одржа како дел од програмата на „Есенски музички вибрации” што општината ја реализира во рамки на манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата за 2024".

Општина Крива Паланка денес го прославува Денот на ослободувањето. По тој повод, денес на пладне цвеќе на спомен бистата на паднатите борци од НОБ пред зградата на локалната самоуправа ќе положат повеќе од 40 делегации, а во 13:00 часот е предвидено одржување на свечена академија и доделување на општинските награди и признанија.

Попладне се одржува традиционалната гастрономска манифестација „Шопска софра".ид/

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан