Почна надоградбата на училиштето „Ацо Шопов“ во населбата Радишани
- Почна надоградба на Основното Општинско училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани во Бутел. Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска го посети училиштето, изјави дека со овој проект ќе се олесни животот на бутелчани, но во исто време ќе се овозможат пристојни услови за школување.
Скопје, 16 ноември 2024 (МИА) - Почна надоградбата на Основното Општинско училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани во Бутел. Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска го посети училиштето, изјави дека со овој проект ќе се олесни животот на бутелчани, но во исто време ќе се овозможат пристојни услови за школување.
-Секој еден нов проект што го создаваме од почеток претставува посебна радост и задоволство бидејќи тоа е она го очекуваат граѓаните од нас. Благодарност до Министерството за образование и наука, градоначалникот, советниците и администрацијата којашто неуморно работи во општина Бутел. Навистина се прават исклучително брзи и квалитетни чекори во насока на подобрување на условите за живот на нашите граѓани кога станува збор за образованието и науката, за школување и другарувањето на нашите најмили, децата, рече Мицкоски.
Тој посочи оти е убеден дека и во следниот период ќе има вакви проекти во државата.
-Ние како Влада ќе продолжиме да работиме, да создаваме бидејќи тоа е она за што отприлика пред шест месеци граѓаните ја дадоа довербата. Нема да шпекулираме, нема да се сведе нашата работа на дневна политика туку на создавање нови нешта, нови проекти, додаде Мицкоски на настанот на кој присуствуваа министерката Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски..
Министерката Јаневска посочи дека за девет месеци, училиштето ќе добие четири нови училници, со што тука ќе можат да учат уште 100-тина ученици.
-За Министерството за образование и наука, оваа инвестиција од 36 милиони денари е инвестиција во поквалитетно образование, во создавање просторни можности за целосна реализација на потребните наставни и воннаставни активности, израз на нашата грижа и посветеност кон децата и младите кои се иднината на оваа земја, рече Јаневска.
Со надградбата, додаде таа, веќе од наредната школска година, на сите ученици од 1 до 3 одделение во училиштето, им се овозможува целодневна настава.
Министерката нагласи дека без квалитетни услови во кои се изведува наставата нема ниту квалитетно образование. Затоа, во тек се 36 капитални инвестиции во изградби и реконструкции на училишта, во целата земја, како и 40 помали санации на училишни објекти.
-Образованието е еден од приоритетите на новата Влада, рече министерката, додавајќи дека интензивните вложувања во инфраструктура ќе продолжат.
Буџетот на Министерството за образование и наука за 2025 година ќе изнесува 40 милијарди денари, за 10 милијарди повеќе од годинава, што ја покажува посветеноста кон инвестиции во децата, во нивните знаења и вештини, во градењето здрави поколенија. бт/вг/
Фото: Влада на Република Северна Македонија