• среда, 25 декември 2024

Почнаа стручните дебати за реформи на Судскиот совет, конечно решение се очекува до крајот на декември

Почнаа стручните дебати за реформи на Судскиот совет, конечно решение се очекува до крајот на декември

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) – Воведување на цензус за избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите и формирање на независна Комисија за спроведување на изборот на кандидати за членови во Судскиот совет од страна на Собранието. При изборот на судии, се предлага членовите на Судскиот совет да гласаат поединечно за сите кандидати на ранг листата, а се предвидуваат и конкретни рокови при постапување по дисциплинските постапки. Образложено барање за поведување на постапка за дисциплинска постапка на член на Советот, се предлага да може да поднесат најмалку 10 судии наместо како досега најмалку 20 судии. 

Ова се дел од Предлог измените и дополнувањата на Законот за Судски совет, содржани во работниот документ за дискусија на првата тркалезна маса, од серијата стручни  дебати што ги организира Министерството за правда во соработка и со поддршка на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Предлозите во работниот документ, изработен од експертите на проектот, се однесуваат на составот и структурата на Судскиот совет, изборите и именувањата, дисциплинската постапка и транспарентноста. Тие ги адресираат препораките од Оценската мисија на ЕУ за функционирањето на Судскиот совет и се прави споредба меѓу сегашната правна рамка и предлозите на работната група на Министерството за правда, предводена од академик Владо Камбовски.

Вкупно десет од 20 точки се однесуваат на составот и структурата на Судскиот совет. За избор на член на Судскиот совет од редот на судиите, сегашниот закон не предвидува задолжителна излезност на судиите, па предлозите на работната група се однесуваат на воведување на цензус – односно за успешни се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица, а за избран член на Судскиот совет да се смета кандидатот што добил повеќе од половината од излезените гласачи. Ако за избор на член на Судскиот совет е пријавен само еден кандидат, се предлага гласачкото ливче да содржи „за“ и „против“. 

Во делот на критериумите со кои се дефинира изборот на членови кои ги избира Собранието од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и останатите истакнати правници, наместо досегашното „дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија кој се истакнал со научна или професионална работа“, се предлага на огласот на Собранието свои предлози за член да дадат Интеруниверзитетската конференција, со „кандидати од редот на редовните професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата и Адвокатската комора со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години“. 

Се предлага формирање на независна Комисија за спроведување на изборот на кандидати за членови во Судскиот совет од страна на Собранието, составена од седум членови номинирани од Претседателот, Здружението на судии, Адвокатската комора, Интеруниверзитетската конференција, НВО, власта и опозицијата. Комисијата, потоа организира интервјуа на кандидатите кои ги исполнуваат условите, со пренос на Собранискиот канал и утврдува ранг листа за разгледување и поединечно гласање на пленарна седница во Собранието. 

Должината на мандатот на избраните членови на Судскиот совет, останува шест години, но наместо досегашното право на избор на уште еден мандат (за членовите избрани од Собранието) и правото на уште еден мандат по истекот на најмалку шест години од престанокот на претходниот мандат за членовите од редот на судиите, се предлага правото на уште еден избор по истекот на најмалку четири години од престанокот на претходниот мандат. 

Сегашниот закон не предвидува конкретна постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет, па работната комисија предлага постапка за разрешување на претседател, односно заменик претседател, да може да биде поведена по барање од најмалку двајца члена на Судскиот совет со право на глас. Судскиот совет донесува одлука со осум гласа од членовите со право на глас. Се предвидува постапката да биде јавна. 

Мандатот на претседателот на Судскиот совет, односно заменикот претседател се предвидува да престане ако се исполнети општите услови од законот, ако не ги извршува своите законски обврски и поради непочитување на одредбите од Етичкиот кодекс. 

Во делот на изборите и именувањата, наместо за судија да биде избран кандидатот кон добил најмалку осум гласа од вкупниот број на членови на Судскиот совет со право на глас, без можност да се гласа за друг кандидат, откако првиот кандидат ги добил потребните гласови, се предлага членовите на Советот да гласаат поединечно за сите кандидати на ранг листата, а за судија да биде избран кандидатот кој добил најмногу гласови, но не помалку од осум. Доколку двајца или повеќе кандидати добиле ист број гласови за избран се смета кандидатот кој има повеќе бодови на конечната ранг листа. 

Во делот на дисциплинските постапки се предвидуваат конкретни рокови, па така по добивање на барање за утврдување на одговорност на судија или претседател на Судот, Советот на првата наредна седница треба да формира Комисија на известители. Се предвидува рок од 30 дена во кој Комисијата може да го отфрли барањето, а доколку не го отфрли Комисијата во рок од 15 дена треба да му достави известување за утврдената фактичка состојба на Советот, кој потоа во рок од 15 дена одржува седница по Извештајот на Комисијата. 

Работната група посочува дека неопходно е начелно да се уреди дали постапката ќе остане, како досега по правило тајна со можност за учество на јавност по исклучок, или пак по правило да биде јавна со јасно наведени основи за исклучување на јавноста. 

Во делот на транспарентноста по усвојување на извештајот за својата работа, Судскиот совет, како и досега, го доставува до сите судови во земјава, но се предлага тој да биде пратен и до здруженијата на судии кои можат да дадат свои препораки и мислења. 

Министерството за правда најавува серија стручни  дебати за Нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет за консултирање на стручната јавност. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за Судски совет.  Се очекува, планираните четири дебати  да завршат до крајот на декември, по што, како што најави Министерството за правда, ќе се излезе со конкретно решение. аа/бак/

Фото: МИА/МП

 

 

 

Остани поврзан