Последен ден од кампањата за избор на претседател на Хрватска, на полноќ стапува на сила изборниот молк
Загреб, 27 декември 2024 (МИА) - До денеска на полноќ кога почнува дводневниот изборен молк, останува кандидатите за претседател на Хрватска да ги убедат гласачите дека еден од нив е најдобриот избор за следниот петгодишен мандат.
Дводневниот изборен молк пред изборите в недела на 29 декември ќе трае цела сабота и недела до 19 часот или до затворање на избирачките места, од кои 6.755 ќе бидат отворени во Хрватска и во странство.
Осум кандидати учествуваат на осмите претседателски избори од независноста, в недела на 29 декември.
Тоа се актуелниот претседател и кандидат на СДП и нејзините партнери Зоран Милановиќ, кандидатот на ХДЗ и нејзините партнери Драган Приморац, кандидатот на Мост, Миро Буљ, кандидатот на Можемо! Ивана Кекин, кандидатката на Партијата за дом и национално обединување (ДОМИНО) Бранка Лозо, и независните кандидати Марија Селак Распудиќ, Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.
Додека е на сила молкот, се забранува секаква изборна кампања, објавување проценки за изборните резултати, како и објавување на претходни, неофицијални изборни резултати.
Забрането е и објавување фотографии на кандидати во медиумите, нивни изјави и интервјуа, како и цитирање на нивните изјави или пишани трудови.
Иако не се предвидени казни за прекршителите на претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) ги повикува кандидатите, партиите што ги поддржуваат и другите правни и физички лица да го почитуваат изборниот молк.
Официјалната кампања започна на 11 декември, но беше одбележана со трагедијата во основното училиште „Пречко“ и божиќните празници, што ги натера кандидатите да ги прекинат или да ги забават своите активности, јави Хина. зш/