САД ги осудија властите на Кина и Хонгконг за акциите против борците за човекови права
- Стејт департментот ја осуди постапката на Хонгконг да распише потерница со награда за информации за шестмина активисти обвинети дека работеле против националната безбедност. САД исто така го осудија и одземањето на пасошите на седум лица.
Вашингтон, 27 декември 2024 (МИА) - Стејт департментот ја осуди постапката на Хонгконг да распише потерница со награда за информации за шестмина активисти обвинети дека работеле против националната безбедност. САД исто така го осудија и одземањето на пасошите на седум лица.
Американското Министерство за надворешни работи ги опиша овие дејства како обиди за заплашување и задушување на оние кои мислат поинаку.
- Ги отфрламе обидите на владата на Хонгконг да заплашува и да ги замолчува луѓето кои одлучиле да оформат свој дом во Соединетите Американски Држави, се наведува во соопштението на Стејт департментот. Се појаснува дека меѓу засегнатите лица некои се наоѓаат во САД.
Покрај тоа, САД ги осудија акциите на кинеската влада насочени против две канадски организации и 20 лица кои работеле на заштита на човековите права на Ујгурите и Тибет.
Повеќе организации за човекови права го обвинуваат Пекинг за сеопфатно газење на правата на Ујгурите, претежно муслиманско етничко малцинство кое брои околу 10 милиони луѓе населени во Синџијанг. Кина е обвинета за прогон на оваа националност со принудна работа во логори, но Пекинг ги отфрла таквите наводи.
Во 1950 година Кина воспостави контрола над Тибет. Меѓународните организации за човекови права и дисидентите редовно го осудуваат наводното репресивно управување на Кина со Тибет. кб/