Пендаровски ги посети припадниците на македонскиот контингент во рамки на КФОР во Косово
- Претседателот Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Република Косово денеска во Пеќ престојуваше во посета на Регионалната команда – Запад на КФОР. Шефот на државата се сретна со припадниците на македонскиот контингент и оствари средба со командантот на Регионалната команда - Запад, полковник Франческо Ферара.
Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Република Косово денеска во Пеќ престојуваше во посета на Регионалната команда – Запад на КФОР. Шефот на државата се сретна со припадниците на македонскиот контингент и оствари средба со командантот на Регионалната команда - Запад, полковник Франческо Ферара.
Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, на средбата со припадниците на македонскиот контингент во мисијата КФОР, каде се распоредени 65 припадници на нашата Армија, се разговараше за нивните обврски и должности во извршувањето на задачите, како и за нивните тековни активности.
Претседателот Пендаровски оддаде признание за професионализмот и посветеноста со која нашите војници ги извршуваат поставените барања и задачи и посочи дека тие ја претставуваат честа, професионалноста и моралот на сите припадници на македонската армија.
Тој нагласи дека нивната мисија има и додадена вредност затоа што служат во земја која е наш сосед и пријател и со која не врзуваат длабоки историски, културни и економски врски, при што порача дека нивното присуство во Косово уште повеќе ги продлабочува и јакне тие односи.
Претседателот Пендаровски им посака добро здравје и успешно извршување на работните обврски и задачи на припадниците на македонскиот контингент во мисијата КФОР.
- На средбата со командантот на Регионалната команда - Запад, полковник Франческо Ферара, претседателот Пендаровски беше информиран за целите и за севкупните активности на оваа команда во поддршка на мирот и безбедноста во Република Косово, се вели во соопштението.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка за мисијата на КФОР, истакнувајќи ја нејзината важност за стабилноста на Косово и на целиот регион и посочи дека со учеството на 65-те припадници, нашата држава како членка на НАТО дава активен придонес за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко. мд/аа/
Фото и видео: Кабинет на претседателот Пендаровски