• среда, 18 декември 2024

Петта победа во низа за македонската фудбалска репрезентација

Петта победа во низа за македонската фудбалска репрезентација

Скопје, 17 ноември 2024 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје ја совлада селекцијата на Фарски Острови со 1:0. Натпреварот го одлучи Бојан Миовски кој ја затресе противничката мрежа во 62. минута. 

- Задоволен сум од епилогот на натпреварот и во групата. Целта ни беше првото место и ја остваривме. Тие одиграа одличен натпревар, беше тешко да ги пробиеме. Останавме смирени и трпеливи и дојде таа шанса што ја искористив и донесов победа за Македонија. Чест е да се игра за репрезентацијата. Атмосферата во националниот тим е одлична и очекувам уште поголеми успеси во иднина, изјави Миовски, по натпреварот.

За избраниците на селекторот Благоја Милевски ова е петта победа по ред, сите пет без примен гол.

Со трите освоени бода Македонија го освои првото место во четвртата група Ц-сегмент од Лигата на нации.

„Црвено-жолтите“ групата ја завршија со 16 бодови и гол-разлика 10:1. Второто место и припадна на Ерменија која по денешната победа (2:1) над Летонија стигна до седум бода. Фарски Острови се трети со 6 бода, Летонија е последна со 4 бода.

Македонија во следното издание на Лигата на нации ќе игра во Б-сегментот. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан