• вторник, 26 ноември 2024

Парламентарните групи за соработка како мост за приближување со Чешка

Парламентарните групи за соработка како мост за приближување со Чешка

Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Чешката Република оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешка. На средбата присуствуваше и чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, информира собраниската прес-служба.

Претседателот на Групата, Блерим Беџети, ја искористил пригодата да честита за јубилејните 30 години дипломатски односи помеѓу нашата земја и Чешка, меѓусебно почитување и поддршка. Во таа насока изразил уверување за поинтензивна соработка меѓу Групите за соработка на двата Парламента во периодот што следува.

Беџети ја истакнал стратешката цел на земјава - полноправно членство во Европската Унија и во таа насока значајната чешка поддршка и искуства на тој пат. Од гостинската делегација ја потврдиле поддршката, за што говори и формирањето на Групата за соработка со нашата земја во 2019 год.

Било констатирано дека дискусијата е најзначајниот метод за зачувување на одличните односи, а има многу основи и теми за разговор помеѓу двете пријателски земји. Во тој контекст да се иницираат повеќе вакви средби во иднина за приближување на народите на повеќе полиња, како култура, образование, наука, економија, туризам. сст/дма/

фото Собрание на РСМ

 

 

 

 

 

Остани поврзан