Павел: Конфликтите во Украина, Сахел или Блискиот Исток се закануваат да ги преминат границите на регионални конфликти
- Претседателот на Чешка, Петр Павел предупреди денеска на годишните консултации со чешкиот Генералштаб во Прага дека конфликтите во Украина, Сахел и Блискиот Исток се закануваат да се разгорат, па да ги преминат границите на регионалните конфликти.
Прага, 26 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Чешка, Петр Павел предупреди денеска на годишните консултации со чешкиот Генералштаб во Прага дека конфликтите во Украина, Сахел и Блискиот Исток се закануваат да се разгорат, па да ги преминат границите на регионалните конфликти.
„Сите овие конфликти се закануваат дополнително да се разгорат и да ги преминат границите на регионот“, рече Павел во видео обраќање и потсети дека ситуацијата околу Тајван е исто така загрижувачка во моментот кога се случуваат промени во администрацијата на САД, Европската унија или Германија.
„Промените што се случуваат по изборите во САД несомнено ќе доведат до промена на пристапот не само кон Русија, кон конфликтот во Украина, туку и кон НАТО и Европската унија. Се поважно е да имаме сопствени капацитети за одбрана“, рече чешкиот претседател.
Тој предупреди и дека досега Чешка се потпираше првенствено на НАТО и принципот на колективна одбрана, кој успешно функционира во изминатите 25 години, но дека сега е време да се зголеми одговорноста на поединечните земји-членки, кои не само што треба да одвојуваат за одбрана колку што им ветиле на останатите сојузници, туку толку колку што навистина им е потребно на нивните армии.
„Чешка мора да изгради не само способна, подготвена и бурна армија, туку и економија која ќе биде доволно отпорна, а мора да го подготви и општеството бидејќи безбедноста е услов за нашиот развој и стабилност. Тоа не е плашење со војна, тоа е едноставно неопходна реакција на светот во кој живееме“, рече Павел. рп/
Фото: МИА архива