Општина Зрновци потпиша договор за обезбедување логопедска поддршка за децата од градинката и основното училиште
- Над 30 дечиња на предучилишна возраст кои ја посетуваат ЈОУДГ „Бисерчиња", како и ученици во ООУ „Синиша Стоилов" од Зрновци во иднина ќе имаат секојдневен пристап и поддршка од стручно лице - логопед.
Кочани, 2 октомври 2024 (МИА) – Над 30 дечиња на предучилишна возраст кои ја посетуваат ЈОУДГ „Бисерчиња", како и ученици во ООУ „Синиша Стоилов" од Зрновци во иднина ќе имаат секојдневен пристап и поддршка од стручно лице - логопед.
Согласно Стратегијата и политиката за социјална и детска заштита на локално ниво, Општина Зрновци потпиша договор со логопед, за чие работење се обезбедени буџетски средства, а со што ќе се надминат проблемите и финансиските трошоци на кои се изложуваа родителите на овие деца.
-Се работи за деца кај кои се регистрирани потешкотии во говорот или изговарањето на одредени гласови и зборови. Поради тоа логопедот ќе помага превентивно и едукативно со сите дечиња кои се запишани воп градинката „Бисерчиња" во Зрновци. Со тоа ја потврдуваме нашата насоченост да му помагаме и на училиштето во напорите децата да постигнат успех со континуирано подобрување на нивните програми, услуги и процеси. Наша заедничка цел е да израснеме и да изградиме здрави и едуцирани генерации дечиња во општина Зрновци, истакна градоначалникот Борчо Коцев.
Родителите досега беа принудени сами да бараат логопедска услуга кај логопеди од приватната пракса или со месеци да чекаат на термини за работа со дечињата кај единствениот логопед во јавното здравство во Кочани.
Советот на Општина Зрновци на последната седница даде едногласна поддршка на предлогот за ангажирање логопед во двете општински образовни институции, по што Локалната самоуправа во најкраток рок ја спроведе одлуката.та/са/
Фото: МИА