Одбележување на првиот „Ден на италијанскиот спорт во светот“
- На Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одбележи првиот „Ден на италијанскиот спорт во светот“, нов настан промовиран од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со италијанското Министерство за спорт и италијанскиот Национален олимписки комитет (CONI).
Скопје, 29 септември 2024 (МИА) - На Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одбележи првиот „Ден на италијанскиот спорт во светот“, нов настан промовиран од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со италијанското Министерство за спорт и италијанскиот Национален олимписки комитет (CONI).
Овој настанот, организиран од страна на Амбасадата на Италија во Скопје, се стреми да ги валоризира вредностите на: почит, страст, фер игра и тимски дух, карактеристични за спортот, кои истовремено претставуваат и многу корисна алатка за зајакнување на соработката и промовирање на дијалогот помеѓу народите.
Овогодинешното издание на „Денот на италијанскиот спорт“, соопштија од Амбасадата на Италија во Скопје, посветува посебно внимание на фудбалот, еден од најомилените спортови во Италија, но и во Северна Македонија.
По повод овој настан, како што е најавено, италијанскиот Амбасадор Андреа Силвестри и министерот за спорт Борко Ристовски, ќе го инаугурират новоформираното здружение на македонски фан клубови на италијанските фудбалски екипи „Навивачи Калчо Триколоре “.
- Со своите бои, дресови, знамиња, шалови и други навивачки реквизити, на нивните штандови ќе бидат присутни бројни симпатизери на Јувентус, Интер, Милан, Лацио, Наполи и Рома, така што, посетителите во текот на денот ќе можат да се запознаат со историјата и сегашноста на овие светски познати фудбалски брендови, а ќе можат и да се дружат и да разговараат со со страстните тифози на овие тимови, кои ги следеле своите миленици на безброј натпревари на стадионите во Италија и низ светот, се појаснува во соопштението.
По свечениот дел, ќе следуваат фудбалски натпревари на јуниорската машка и женска екипа (8-12 години) на фудбалските клубови Брера од Струмица (настаната со спојувањето на историскиот тим на Милано и Академија Пандев од Струмица – женски и машки тим), ЖФК Џиџи – Скопје (девојчиња) и ФК Работнички - Скопје (момчиња), како и турнир во мал фудбал помеѓу фан клубовите на италијанските екипи присутни во земјава.
Шаторите на македонските фан клубови ќе може да се посетат за време на целиот настан, а ќе има и штандови со храна и пијалоци. Амбасадата на Италија ќе реализира и квиз „Колку го познаваш италијанскиот фудбал?“.
Со почетокот на италијанското првенство во Серија А и почетокот на Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига, во кои учествуваат осум италијански екипи, се посочува во соопштението, Амбасадата на Италија, во соработка со Лабораториум, исто така, има намера да организира преноси на дел од најинтересните фудбалски натпревари на кои ќе играат италијанските екипи и на кои ќе бидат поканети нивните навивачи и останатите љубители на фудбалот.
- Денот на италијанскиот спорт исто така има за цел да потсети дека Италија - чии спортисти остварија одлични резултати на неодамнешните Олимписки и Параолимписки игри во Париз - ќе биде домаќин на следните Зимски олимписки и параолимписки игри, кои ќе се одржат во Милано и Кортина, во 2026 година. Понатаму, во 2025 година Торино ќе биде домаќин на следното издание на Зимските светски игри на Специјалната Олимпијада, спортски настан осмислен да промовира социјална инклузивност преку вклучување, во ист тим, на спортисти со и без интелектуална попреченост, стои меѓу другото во соопштението од Амбасадата на Италија во Скопје. цр/
Фото: Амбасада на Италија во Скопје