• петок, 22 ноември 2024

Нелкоски: Македонскиот лешник е квалитетен и има потенцијал да стане извозна култура

Нелкоски: Македонскиот лешник е квалитетен и има потенцијал да стане извозна култура

Скопје, 8 јуни 2024 (МИА) - Македонскиот лешник е квалитетен и постои голем потенцијал да стане извозна култура, беше истакнато на денешната конференција за лешникари што се одржува во Скопје.  

Бошко Нелкоски, еден од организаторите на конференцијата, вели дека од досегашното искуство со извоз на лешник во Швајцарија, може да се забележи дека земјата е класифицирана во А класа добавувачи. 

- Нашиот лешник е доста квалитетен. Во доста ставки е поквалитетен и од турскиот лешник, вели Нелкоски.

На швајцарскиот пазар, како што посочи, се откупуваат околу четиристотини до петстотини тони органски лешник. 

- Во овој момент сме подготвени да извозиме органски лешник по нивниот квалитет, околу десетина до дваесет тони. Бараме да можеме да извозиме барем половина од тој потенцијал и да станеме партнер на оваа швајцарска компанија, а Македонија да стане препознаена како производител на лешник на територија на Европа, што е многу значајно, нагласи Нелкоски.

null

Миланка Фијамин, претставничка на швајцарската фирма „Халба“ вели дека се заинтересирани да купуваат македонски лешници за швајцарскиот пазар.

- Во последните неколку години сме многу активни со нашиот партнер Бошко Нелкоски и со неговата фирма, со желба да го поттикнеме производството на лешници и извозот на органски лешник за швајцарскиот пазар, изјави Фијамин која посочи дека во моментот е тешко да се говори за минимална откупна цена.

Дополнителен заменик - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката влада Цветан Трипуновски во изјава за медиуми рече дека стојат на располагање за да се олесни пласманот на македонскиот лешник на европскиот пазар.

- Како идна влада, стоиме на располагање. На оваа конференција ќе стане збор и за новиот закон за органско производство што е во фаза на припрема. Едноставно, да ги слушнеме двете страни, сѐ со цел да донесеме закон што ќе биде применлив, што ќе има ефект и ќе значи дополнително квалитетно земјоделско производство на лешник во Република Македонија, рече Трипуновски.

Очекува на конференцијата да стане збор и за тоа како македонскиот лешник да стане поконкурентен на европскиот пазар, како и да се слушне што бараат купувачите од странство, за да се усогласат двете страни. бд/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан