• среда, 25 декември 2024

Муртезани го потпиша барањето за претфинансирање на средствата од Реформската агенда

Муртезани го потпиша барањето за претфинансирање на средствата од Реформската агенда

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, по вчерашното овластување на Седницата на Владата на Република Северна Македонија, денеска го потпиша барањето за претфинансирање од 7 проценти во рамките на Реформската Агенда на земјата, информираат од Министерството за европски прашања.

Со испраќањето на ова барање во износ од 52,5 милиони евра, додаваат оттаму, Северна Македонија станува првата земја во регионот која ги презема сите неопходни чекори за претфинансирање во рамките на новиот европски финансиски механизам.

-Европската Унија предвидува седум проценти од вкупните средства од Планот за раст на Европската комисија за сите партнери од Западен Балкан, по усвојувањето на нивните Реформски агенди, обезбедувајќи ги средствата како претфинансирање. Оваа финансиска програма, со вредност од шест милијарди евра, ги опфаќа годините 2024-2027 и има за цел двојно да го зголеми економскиот раст на регионот во наредните десет години, појаснуваат од Министерството за европски прашања.

Од оваа институција нагласуваат дека остануваат посветени на ефикасното искористување на достапните средства за поддршка на европските интеграции и економскиот развој на земјата. сст/ац/

фото Министерство за европски прашања



Остани поврзан