• среда, 27 ноември 2024

Националниот караван „До вас за вас“ 2024/25 претставен пред граѓаните на Велес

Националниот караван „До вас за вас“ 2024/25 претставен пред граѓаните на Велес

Велес, 21 ноември 2024 (МИА) - Во организација на Бирото за Јавна безбедност при МВР националниот караван „До вас за вас“ 2024/2025 денеска беше претставен пред граѓаните на Велес. На штандови беа претставени опремата и возилата на Единиците на МВР, посебно на специјалната единица САЕ „Тигар“.

Караванот го посети министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој беше пречекан  од директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и градоначалникот Марко Колев, кои заеднички направија обиколка на штандовите со специјална опрема и возила на единиците на МВР. 

Во изјавата за медиумите министерот Панче Тошковски информира дека целта на овој национален караван е МВР заедно со Бирото за јавна безбедност да прикажат дека делуваат во насока што е можно поблиску да бидат до граѓаните.

- Македонската полиција работи во интерес на македонските граѓани и во ничиј друг интерес. Колку што сме поблиску до нив и колку што сме поекспонирани во јавноста со сето она што го работиме,особено со запознавањето на најмладите со нашата работа, толку повеќе  посоодветно ќе можеме да одговориме. Полицајците треба да бидат во функција на македонските граѓани, тие кои што ќе подадат рака и оние во коишто граѓаните ќе имаат најголема доверба. Затоа сметам дека со вакви кампањи само можеме да ја зајакнеме довербата и соработката,а сето тоа да биде во насока на побезбедна Македонија којашто е во интерес на сите нас, порача министерот Тошковски.

Како што појасни Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев пред граѓаните се претставени сите единици на МВР, како што се специјалните единици и специјалната единица САЕ „Тигар“, Единицата за брзо распоредување, како и Посебната единица на полицијата.

- Најмногу е застапена специјалната единица „Тигар“ со нивните алпинистички способности, претставени се и тимовите за превенција во рамките на секторите на МВР и од СВР Велес. Воедно претставена е и импровизирана полициска станица, има претставено и за одделот за обезбедување на личности и објекти, а кои се поставени во делот на криминалистичката техника со се она што значи крим-техничка обработка, при увиди на лице место при сообраќајни незгоди. Претставена е и единицата за службени кучиња на МВР и единицата за откривање криминални дејствија  со најсовремени дронови, а претставена е и Граничната полиција, информира  Јанев.

Тој потенцира дека целта на овој караван е граѓаните што повеќе да се информирани за нивната работа.

- И на крајот на секој ден јавната безбедност покрај што е силна одговорност на МВР воедно е и  одговорност на сите нас како чинители на ова општество, потенцира Јанев.

Тој најави дека кампањата ќе продолжи и во текот не целата наредна  2025 година и со неа ќе бидат опфатени сите поголеми градови во земјава.

Во рамките на кампањата денеска се одржаа и спортски натпревари. ад/цр

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан