• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш

10 јануари 2024

-Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со предлогот да се пролонгира рокот за замена на лични документи кој, согласно Преспанскиот договор, истекува на 12 февруари. Поради големиот притисок да се стигне рокот и метежите пред пунктовите на МВР, каде што луѓе чекаат со часови во редици, шефот на државата вчера во гостување во ТВ Сител рече дека на двајца министри им предложил со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи, рокот да може да се одложи до септември-октомври и за тоа да биде известена Грција со образложение дека, како што рече, „немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“.

-Доаѓаме во фаза кога треба да се седне на маса, но треба сите да седнат бидејќи во 2001 година седеле најголемите партии од двете, да кажеме етнички заедници, и меѓународното посредништво на ЕУ и на САД. Тоа значи, еднострано не можете да го смените, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со примената на балансерот односно вработувањата во јавниот сектор врз основа на етничка припадност. Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека балансерот како автоматизирано електронско решение врз основа на Законот за рамноправна застапеност го вовела Владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и дека по Охридскиот договор „се направени исчекори во поголема застапеност на помалите заедници“, а тоа не се однесува само на Албанците. 

-Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања за смената на директори во Македонска навигација (М-НАВ) вчера на владина седница, рече дека имало повеќе кандидати, а не само двајца, откако прво беше споменато името на поранешниот директор на АЦВ Илир Мехмеди па потоа тој предлог беше повлечен и на негово место предложен Хекуран Асани, бидејќи како што наведоа од Влада, Мехмеди не ги исполнувал условите за функцијата. -Имаше повеќе кандидати, не беа само двајца кандидати, кои беа предложени и разгледувани од страна на Владата, беше земен предвид и Статутот на М-НАВ и врз основа на тоа двајца кандидати беа издвоени со што едниот веќе бил во М-НАВ, потоа бил во Агенција за цивилно воздухопловство, меѓутоа се испостави дека согласно со Статутот на М-НАВ мора да биде контролор на летање, рече Ковачевски.

-Министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека имало реакција од НАТО во однос на случувањата во операторот за воздухопловна навигација М-НАВ, но не во форма на официјална писмена реакција.-Кога зборуваме за НАТО да не заборавиме дека и ние сме во НАТО. Комуникацијата која ја имаме на секојдневна основа, но на различни нивоа, дека биле поставувани прашања во рамки на тоа што се случува асполутно, да. Официјална писмена реакција, барем до Министерството за одбрана нема. Меѓутоа, секој вид на комуникација ние го сметаме можеби не за загриженост, туку за заинтересираност за тоа што се случува што е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден, на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од НАТО-земји членки со определна намена, така што јасен е интересот на земјите членки на НАТО кои што го изразуваат ова. Многу е важно, кога што и да се случи како оваа ситуација во М-НАВ, да постои реакција и да постои соодветно постапување. Владата го заврши својот дел од задачата, ги разреши директорите за кои сметаше дека недоволно добро ја менаџирале институцијата. Сега ги повикуваме во интерес на граѓаните и јавноста ги  останатите институции да го завршат професионално и без никакво влијание својот дел од работата, рече денеска Петровска на новинарско прашање.

-Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со претседателот на Собранието на Кралството на Саудиска Арабија, Абдула бин Мухамед Ал аш-Шеик кој престојува во посета на Република Северна Македонија, соопшти МНР. Во фокус на средбата беа билатералните односи меѓу двете држави, при што беше истакната заедничката заложба за натамошно зајакнување на економската соработка. Османи упати честитки за изборот на Саудиска Арабија за домаќин на ЕКСПО 2030, што ќе претставува одлична можност за интензивирање на трговската размена и бизнис врските. Во однос на договорната состојба меѓу двете земји, изразено е заемно убедување дека е потребно проширување на постојната договорна рамка, со што ќе се постават основите за натамошно продлабочување на односите помеѓу двете земји.

-Повикуваме на вакцинација затоа што вакцините спасуваат животи, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарско прашање, каква е состојбата со големата кашлица во државата, дали се должи на тоа што многу луѓе не ги вакцинираат своите деца и што се планира да се преземе во врска со тоа.- Знаете дека ги презедовме сите чекори, со сите европски институции соработуваме во тој правец и се одвива во добра насока. Значи, не можеме преку ноќ да го смениме менталниот склоп на граѓаните, но, ги повикувам сите, нашата иднина се нашите деца и ние ги повикуваме сите да се вакцинираат зошто тоа пред се ни ги заштитува животите и спасува. Затоа мора да сфатат и лека полека ќе сфатиме сите, дека вакцинирањето на нашата иднина е пред се и тоа е иднината на нашата држава, нагласи министерот. 

-До недела ќе се задржи стабилно и постудено време со ниски утрински температури. Во петок и сабота ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Во понеделник и вторник ќе има зголемување на облачноста и локални врнежи, соопшти УХМР. Минималната температура ќе се спушти до -11 степени, а масиманлата ќе достиге до одум степени.

-Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека сите во светот и во регионот „се вооружуваат до заби“ и дека Србија не смее да заостанува во овој поглед. „Сите се вооружуваат до заби. Се вооружуваат и во регионот и наше е да не заостанеме. Сè што можам да ви кажам е дека не заостануваме“, рече Вучиќ при посетата на Руската куќа во Белград. Тој додаде дека јавноста наскоро ќе може да се увери во тоа и самата, пренесува Бета.

-Косовскиот премиер Албин Курти денеска ја обвини Србија дека и натаму го следи патот на користење на методите на рускиот претседател Владимир Путин со акциите од почетокот на новата година, вклучително и апсење на косовски граѓани и тепање српски политичари кои мислат поинаку. Тој на седницата на Владата на Косово рече дека годината почнала со добри вести за Косово, меѓу кои и либерализацијата на визите, но додаде дека и покрај промените годинава „покажува дека стариот сосед станува сè полош“. Како пример го наведе апсењето на двајца државјани на Косово и тепањето на српскиот опозициски политичар Никола Сандуловиќ.

-Судиите во Словенија денеска почнуваат двонеделен предупредувачки протест, кој ќе трае до 24 јануари, јави словенечките медиуми. Протестот беше организиран поради неспроведувањето на уставната одлука од јуни минатата година, според која платите на судиите во Словенија се прениски. Според одлуката, платите на судиите требаше да се зголемат до 3 јануари 2024 година, но тоа не се случи. За време на протестот, судиите ќе размислуваат дали да ги разгледуваат предметите кои се веќе поднесени. Врховниот суд во Љубљана во понеделникот на својата веб-страница објави дека дури и за време на предупредувачкиот двонеделен протест, странките на веќе закажаните судски рочишта мора да присуствуваат, освен ако релевантните судови не ги известат за промената. Останатите судски и јавни евиденции ќе работат нормално во овој период.

-Албанската влада најави дека во текот на оваа година ќе распише тендер за изградба на аеродром во Ѓирокастро, јужна Албанија, објавија албанските медиуми. Тоа ќе биде четвртиот аеродром во Албанија, по меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Ринас до Тирана, аеродромот во Кукуш (Северна Албанија) и аеродромот во крајбрежниот град Валона, кој треба да профункционира во 2025 година. Одлуката на албанската влада за аеродромот во Ѓирокастро доаѓа по незаинтересираноста на инвеститорите за изградба на аеродром во Саранда, повторно во јужна Албанија, каде што првично беше планирано.

-Секој трет турски новинар е невработен, а 95 отсто од медиумите во земјата се под контрола на владата, се вели во соопштението на Здружението на новинари на Турција (ТГЦ), објавено по повод денешното одбележување на Денот на работните новинари во Турција.„Поминаа 63 години откако на 10 јануари 1961 година беше донесен Законот 212, со кој за првпат се заштитуваат правата на новинарите. Иако постоењето на законот е гаранција, во пракса продолжува неправдата кон условите за работа на новинарите“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на организацијата. Во текстот се наведува и дека бројот на медиуми кои се затвораат под притисок на владата и намалувањето на медиумските организации рапидно се зголемува.

-Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека по денешната посета на Литванија ќе ги посети Естонија и Летонија. „Естонија, Летонија и Литванија се наши сигурни пријатели и принципиелни партнери. Денеска пристигнав во Вилнус пред да заминам за Талин и Рига“, напиша Зеленски на својот профил на мрежата Х. Тој вчера разговараше со романскиот претседател Клаус Јоханис за начините за зголемување на капацитетот на граничните премини меѓу Романија и Украина, додека во разговор со неговиот полски колега Анджеј Дуда рече дека границата меѓу двете земји треба да биде „граница на единство“ и се заблагодари на Варшава за поддршката на патот на Украина кон ЕУ и НАТО.

-Петтата, последна серија њујоршки судски документи во случајот Џефри Епстајн е отпечатена. Милијардерот обвинет за педофилија и организирање педофилска мрежа и трговија со луѓе не се соочи со судење бидејќи беше пронајден мртов во затворска ќелија во 2019 година. Последните записи поврзани со случајот на Епстајн беа објавени како дел од тужбата во 2015 година поднесена од жртвата на трговија со луѓе Вирџинија Јуфре. Меѓу 1.400 страници документи се и изјавите на Џефри Епстајн и неговата поранешна партнерка Џилијан Максвел, која моментално отслужува 20-годишна затворска казна за вмешаност во злосторствата на американскиот финансиер.Судските записи вклучуваат транскрипт од сведочењето на Епстајн од 2016 година, во кое тој постојано се повикуваше на правото на петтиот амандман на американскиот устав против самоинкриминација, објави Би-Би-Си.

-Ново научно откритие нуди надеж за лекување дијабетес со регенерирани клетки коишто произведуваат инсулин, имитирајќи ги природните функции. Луѓето кои страдаат од дијабетес имаат проблем со неправилно функционирање на панкреасот. Затоа, за да се регулира неговата работа, односно нивото на инсулин во крвта, најчесто мора да консумираат вештачки замени во облик на таблети или инјекции. Но, неодамнешните испитувања покажаа напредок во обновувањето на клетките што создаваат инсулин во панкреасот. Предводени од научниците од австралискиот Институт за срце и дијабетес „Бејкер“, во истражувањето се користени лекови одобрени од американската Федерална администрација за лекови (ФДА) коишто се насочуваат кон ензимот ЕЗХ-2 за да ги стимулира прогениторните дуктални клетки на панкреасот.

-Министерството за надворешни работи на Кина повика на сеопфатен и итен прекин на огнот и апелираше до Израел да престане со „колективното казнување“ на цивилите во Појасот Газа.Министерството, исто така, ги повика завојуваните страни во Газа да ги спроведат релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН, пренесува Ал Џезира. Со последната Резолуција донесена од Советот за безбедност на Обединетите нации на крајот на декември се повикува на брза и непречена испорака на хуманитарна помош од големи размери за палестинското цивилно население во Појасот Газа.

Остани поврзан