МИА Радио флеш
- 25 декември 2024
25 декември 2024
Скопје - Поради врнежи од снег, денеска од 10 часот се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец село Узем - Граничен премин Деве Баир, соопшти ЈП „Македонијапат“. АМСМ информира дека поради обилни врнежи од снег од 9:55 часот на патот Крива Паланка кон Деве Баир е воведена забрана за движење на тешки товарни моторни возила.
Од 9:15 часот на патниот правец Битола – Ресен кај превој „Ѓавато“ и обратно, престанува забраната за одвивање на сообраќај за тешки товарни возила. Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција од дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“.
Дебар - По повод двата најголеми христијански празници, Рождество Христово-Божиќ и Христовото воскресение - Велигден, Свештената бигорска Обител, секоја година се обраќа до јавноста и повикува на солидарност, милостивост и автентично прославување на празниците.
За таа цел и сега апелира до сите правни субјекти, односно до сите трговци и сопственици на маркети и на големопродажни објекти, да се вклучат конструктивно и сеопфатно во иницијативите за намалување и непоскапување на цените на производите, со што „милосрдно и општествено одговорно ќе се пристапи кон посиромашните категории и ќе се овозможи и тие да ги почувствуваат празничните денови во радост, заедништво и барем помала безгрижност“.
Скопје - Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска до Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски Киро Стојанов, до свештенството и монаштвото на Католичката црква во Македонија, како и до граѓаните од католичка вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по грегоријанскиот календар, им го честита празникот Раѓање Христово (Божиќ).
- Овој празник нè потсетува на љубовта и мирот кои Христос му ги даде на светот, кога силна светлина засвети во Витлеемската пештера и ги огреа срцата на луѓето. Веста за раѓањето Христово донесе радост и надеж кај оние кои страдаа, и е потсетник да ги прифатиме овие вредности и ние во нашите животи, особено за време на овој голем верски празник. Како што запишал големиот евангелист Јован во Библијата: „Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати“ така светлината на овој голем празничен ден нека ги стопли Вашите домови и влее надеж во Вашите срца. Нека радосната вест за раѓањето на Спасителот продолжи да биде ѕвезда водилка во Вашата благородна мисија да ги ширите зборовите на Евангелието, но и во правењето добри дела кои секогаш ќе инспирираат, пишува таа во честитката.
Атина – Стотици хартиени фенери од плоштадот пред општина Атина отпатуваа кон небото со цел за на божиќната ноќ да испратат порака на надеж и оптимизам во рамките на „Ноќта на желбите“, што традиционално се одржува секоја година во пресрет на Божиќ, јави дописничката на МИА од Атина.
Семејства со деца, друштва, туристи, граѓани од сите возрасти го исполнија плоштадот, но и небото со 1.500 хартиени биоразградливи фенери.
Москва - Вкупниот извоз на руски гас во европските земји оваа година бил меѓу 18 и 20 отсто поголем од минатата година, изјави денеска рускиот вицепремиер Александар Новак. -И покрај сите изјави и притисоци од санкции, гасот е високо еколошки производ, тој е баран. А рускиот гас е најпрофитабилен - и логистички и по цена, рече Новак.
Договорот за транзит на руски гас во Европа преку украинска територија истекува на 31 декември, а претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, најави дека Киев нема намера да го обнови договорот со Русија, што доведе до несогласувања со неколку европски лидери, вклучувајќи го и словачкиот премиер Роберт Фицо. Руски Газпром вчера оцени дека потрошувачката на гас во Европа ќе продолжи да се намалува во 2025 година, а стапката на пад ќе зависи од идните политички одлуки.
Астана - Патнички авион се урна во близина на градот Актау во казахстанската област Мангистау, соопшти Министерството за вонредни состојби на Казахстан.
Според медиумските извештаи, во авионот имало најмалку 67 патници и пет члена на екипажот.
Авионот на Азербејџан ерлајнс летал од Баку кон Грозни во Чеченија, Русија, но бил пренасочен поради магла во Грозни. Засега нема коментар од авиокомпанијата.
Астана - Казахстанските власти соопштија дека 28 лица го преживеале падот на патничкиот авион во близина на Актау, меѓу кои и три деца. Се верува дека 39 лица загинаа во несреќата. Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало државјани на пет земји - 37 Азербејџанци, шест државјани на Казахстан, тројца државјани на Киргистан и 16 Руси.
Според Министерството за вонредни ситуации на Казахстан, од местото на несреќата досега се извлечени четири тела. Руската агенција за надзор на воздушниот сообраќај информира дека првичните податоци покажуваат дека пилотот се одлучил за принудно слетување откако авионот удрил во птица.
Рамала - Осум Палестинци, меѓу кои и две жени, загинаа за време на израелска воена операција во два бегалски кампа во областа на градот Тулкарем, на северниот дел од окупираниот Западен Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Израелската армија тврди дека „елиминирала терорист“. Военото крило на „Хамас“ потврди дека меѓу загинатите во операцијата се двајца нивни борци.Израелската армија соопшти дека нивен командир е повреден откако неговото возило наишло на експлозивна направа за време на операцијата. Тој е евакуиран за медицинска помош, додека останатите војници не се повредени.
Вашингтон – Идентификуван мажот кој на 22 декември во метрото на Њујорк запали жена, која почина. Напаѓачот е 33-годишниот Себастијан Сапета, илегален имигрант од Гватемала. Тој во полиција изјавил дека не знае што се случило во метрото. Починатата жена, која најверојатно спиела за време на нападот, сè уште не е идентификувана.
Сапета на 27 декември ќе се појави пред суд и може да биде осуден на доживотен затвор без право на помилување.Федералната имиграциска служба на соопшти дека Сапета бил депортиран од САД во 2018 година, но тој повторно илегално влегол во земјата.
Исламабад - Пакистански беспилотни летала и борбени авиони ги нападнаа камповите на исламистичките милитанти во соседен Авганистан, убивајќи неколку борци кои наводно стојат зад смртоносните прекугранични напади во последниве недели, изјавија денеска извори.
Воздушните напади беа извршени вчера во провинцијата Пактика, која се граничи со Пакистан, изјавија тројца разузнавачи за ДПА. Најмалку четири засолништа што ги користеа пакистанските талибанци за обука на милитанти, вклучително и бомбаши самоубијци, беа цел и демонтирани во нападите, рекоа властите.
Сеул - Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол, кој беше отстранет од функцијата по воведувањето на воена состојба на почетокот на месецов, повторно не се појави на распит во Националната агенција за борба против корупцијата, пренесува агенцијата Јонхап.
Јун прогласи воена состојба на 3 декември, по што беше сменет од функцијата со импичмент во јужнокорејскиот парламент.
Тој доби повик за распит од обединет истражен тим составен од полицијата, Антикорупциската служба и истражители од Министерството за одбрана.