• четврток, 26 декември 2024
МИА Радио флеш

  25 декември 2024

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска напладне ќе има годишно обраќање во Собранието, прво во нејзиниот мандат.

Се очекува претседателката да говори за актуелните и случувањата во изминатиот период, како и за очекувањата во следната година во внатрешната и надворешната политика, состојбата во економијата...

Обраќањето на шефицата на државата е во рамки на 25. собраниска седница. 

Скопје - Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх Киро Стојанов упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед по повод  Божик:

-  Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот. Впрочем тоа е повикот на празникот Рождество Христово – Божиќ, тоа е повикот на Јубилејната година, која ја започнуваме, не случајно на Бадник, со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар во Ватикан.

Скопје - Во Собранието за денеска се закажани седници на пет комисии - Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно правната комисија.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на започнување на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода.

Како што најави владината прес-служба, предвидено е премиерот Мицкоски да даде изјава за медиумите.

Скопје - Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска ќе го одржи последниот јавен состанок за 2024 година.

Како што е најавено, за спроведените активности согласно Годишната програма за работа на АВМУ, ќе говори Зоран Трајчевски, директор на АВМУ. 

Скопје - Агенцијата за пошти (АП) денеска на јавен состанок ќе ја презентира состојбата на поштенскиот пазар, тековните активности, плановите и програмите за делување во идниот период.

На јавниот состанок ќе се обрати директорот на АП Сретен Миладиновски по што ќе биде презентирана Анализа на пазарот на поштенските услуги во државава за првото полугодие од 2024 година. 

Скопје - Утрово во 07.30 часот е укината забраната за сообраќај на товарни моторни возила на патниот правец Крива Паланка –Деве Баир и обратно, соопштија од диспечерски– информативен центар на ЈП Македонијапат.

Скопје - Забраната за сообраќај на товарни моторни возила на планинскиот премин Плетвар се укинува во 08.30 часот, информираа од диспечерски– информативен центар на ЈП Македонијапат. 

Скопје - Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска ќе организира свеченост по повод  осум години од основањето.

На годишнината на УМТ ќе им бидат доделени дипломи на студентите кои дипломирале во 2023 година. 

УМТ соопшти дека на настанот  ќе бидат презентирани и досегашните достигнувања, како и предизвиците на оваа висоокообразовна институција.

Скопје - Во рамки на Проектот „Зајакнување на националните и локални капацитети за поддршка на ефективна социо - економска интеграција на повратниците во земјите на Западен Балкан“ денеска во Скопје ќе се одржи настан за промоција, соработка и поддршка на мали компании создадени од страна на повратници Роми во општина Шуто Оризари со постојните компании.

Скопје – Атлетската федерација на Македонија на свечена церемонија вчеравечер во Скопје ги додели наградите за најуспешните атлетичари во 2024 година.

Претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска-Зикова е задоволна од постигнатите резултати.

Скопје - Во просториите на Националната опера и балет во Скопје денеска ќе се одржи настанот „Спортисти на годината“ за 2024 година, во организација на Министерството за спорт.

На свечениот јубилеен настан, како што е најавено, ќе се доделат спортските награди на најдобрите македонски спортисти, тренери и тимови за 2024 година со пропратна забавна програма и дружење.

Скопје - „Фамилијата Адамс“ е новата премиера што ќе биде изведена вечер во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.

Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата за претставата. Во програмската белешка за претставата таа истакнува дека Фамилијата Адамс е "нормалното" во ненормалното.

Куманово - Изложбата на дела по повод 50 години од постоењето на ликовната колонија „Куманово (1979-2024) ќе биде отворена вечер со почеток 19:30 часот во Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово. 

Ватикан - Папата Франциск вчера ја предводеше бадниковата миса во базиликата Свети Петар во Ватикан, на која присуствуваа илјадници верници.

На мисата и претходеше отворањето на „Светите врати“, кои го симболизираат почетокот на католичката света година, позната и како јубилеј. Светата година се слави на секои 25 години и се смета за време на мир, простување и помилување.

Оваа традиција датира од 1300 година, кога за прв пат ја вовел папата Бонифациј VIII.

Папата Франциск ја отвори „Светата врата“, посебен чин кој претставува надеж и обнова за верниците ширум светот.

Рим - Верниците од Римокатоличката црква, протестантската и англиканската црква, како и некои православни цркви кои го прифатија новото сметање на времето, денеска го слават Божик, денот на раѓањето на Исус Христос.

Според традицијата, овој ден се поминува со семејството и во заедничка молитва. Рано наутро верниците присуствуваат на миса, по што следи семеен ручек.

Скопје - Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.

Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија. 

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.

Љубљана - Парламентот на Словенија гласаше за измена на Законот за зачувување на јавниот ред и мир, со кој се забранува величење или истакнување симболи поврзани со нацизмот и фашизмот.

-Забраната се однесува на земји, организации и групи, т.е. знамиња, симболи, песни, униформи, дури и однесување што би сугерирало глорификација на нацизмот и фашизмот, пишуваат медиумите во Словенија.

Следствено, во листата на забранети биле вклучени и четници и усташи, заедно со словенечките соработници на фашистичките сили.

Казната за прекршителите на законот ќе изнесува од 500 до 1.000 евра, предвидуваат усвоените измени на Законот за зачувување на јавниот ред и мир.

Сараево - Сообраќајот во БиХ сè уште е во прекин на неколку патни правци поради големото количество снег, додека дополнителен проблем претставува и силниот ветер.
На следните патни правци сообраќајот е целосно запрен за сите категории возила:

Гламоч-Млиниште, Босанско Грахово-Дрвар-Босански Петровец,Дрвар-Гламоч, Сански Мост-Клуч, Купрес-Ново Село, Котор Варош-Теслиќ (Борја), Бања Лука-Кнежево и
Бихаќ-Босански Петровец-Клуч.

Рига – Летонија и даде 612 конфискувани автомобили на Украина во вресност од 2,25 милиони евра.

Парламентот на Летонија во февруари мината година изгласа закон за поддршка на украинските цивили со кој е дозволено на Украина да и се достават моторни возила кои станале државна сопственост на Летонија. Во тоа се вклучени и возилата одземени од лица кои возеле под дејство на алкохол.

Тел Авив - Истрагата на израелската армија заклучи дека присуството на израелски војници во областа веројатно довело до убиство на шест заложници кои ги држел Хамас во Појасот Газа.

Телата на овие луѓе, заробени во нападот што го изврши палестинското исламистичко движење против Израел на 7 октомври минатата година, беа пронајдени во подземен бунар на крајот на август.

Тогаш израелската армија соопшти дека заложниците биле убиени пред војниците да стигнат до нив. Премиерот Бенјамин Нетанјаху прецизираше дека заробениците биле егзекутирани со куршум во главата.

Киев - Министерот за енергетика на Украина Герман Галушченко денеска преку Фејсбук објава информираше дека Русија масовно ја напаѓа енергетската инфраструктура на земјата.

Галушченко додаде дека компанијата за управување со енергетската мрежа го ограничила снабдувањето со електрична енергија за да се минимизираат штетите.

Москва - Најмалку едно лице загина, а седум се повредени во експлозија на гас во трговски центар во рускиот град Владикавказ, соопштија локалните служби за итни случаи.

Според руските медиуми, експлозијата се случила на третиот кат од трговскиот центар додека вработените ги подготвувале продавниците за отворање.

Експлозијата предизвика пожар, а во моментов околу 800 квадратни метри малопродажен простор е зафатен во пламен, вклучувајќи го и покривот на зградата.

Остани поврзан