• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш

12 декември 2024 

Скопје - Собранието денеска изгласа законски измени со кои треба да се овозможи забрзана изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10д, со решенија со кои се уредува начинот на исплатата на работите поврзани со експропријацијата.

На продолжение на 22. седница, со 64 гласа  „за“ беше усвоен Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), по скратена постапка, на предлог на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Скопје - Собранието денеска со 61 глас „за“ го изгласа Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година, по скратена постапка, по усвојувањето на Буџетот на седницата на 10 декември. 

Со Законот се определуваат начинот и условите за извршување на Буџетот за тековната фискална година.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека е решен откупот на ориз. Донесена е одлука дополнително да се поддржи откупот со по 6.000 денари за 1.000 килограми откупена оризова арпа наменета за извоз, а оризопроизводителите ќе добијат субвенции од 18 илјади денари од хектар за тековната 2024 година.

- По интензивните средби кои ги имавме заедно со министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Цветан Трипуновски периодов се пронајде решение за откупот на оризопроизводителите. Се донесе одлука дополнително да се поддржи откупот со по 6.000 денари за 1.000 килограми откупена оризова арпа наменета за извоз. Плус на ова оризопроизводителите ќе добијат субвенции од 18 илјади денари од хектар за тековната 2024 година, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Скопје - Кум за Бадник 2025 година е Радомир Макеларски, стар скопјанец, економист по професија кој кариерата ја завршува во семејната фирма на неговиот брат „Макпримат“, а здравичар е Атанас Петров, дипломиран архитект и сопственик на фирмата „Торус инженеринг“.

Од Одборот за традиционална прослава на Бадник денеска најавија дека традиционалното собирање на бадниковите гранчиња ќе се одржи на 22 овој месец од 12 часот на падините на Водно каде, според најавите, покрај годинашните кум и здравичар, ќе бидат присутни и поранешни кумови и здравичари. Централната прослава за Бадник ќе се одржи традиционално на 6 јануари на платото пред Соборниот храм во Скопје. 

Приштина - Криминалната група за трговија со оружје која делуваше на Косово и Албанија е разбиена по девет месеци истрага на Специјалното обвинителство на Косово со Обвинителството на Основниот суд од општа надлежност во Тирана и при тоа се уапсени 14 лица, соопшти денеска Специјалното обвинителство.

„Специјалното обвинителство на Косово во врска со овој случај ја информира јавноста дека во април годинава добило информација во врска со сомнение дека одредени државјани на Косово и Албанија се занимаваат со увоз, извоз, снабдување, транспорт, посредување и неовластено продажба на оружје или експлозивни материјали по добивањето на таа информација ја овластила косовската полиција да преземе истражни дејствија, заради прибирање докази“, се наведува во соопштението.

Приштина - Косовскиот премиер Аљбин Курти денеска одби да одговори дали ќе одговори на повикот на Специјалното обвинителство на Косово да сведочи во случај на наводна злоупотреба на стоковните резерви.

По учеството во промоцијата на проектот „Зајакнување на дигиталниот менаџмент за испорака на услуги“, Курти на новинарските прашања за поканата на Специјалното обвинителство рече дека „брза на некои други средби“.

Сараево - Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Босна и Херцеговина (БиХ) ги повика претставниците на Парламентот на Федерацијата БиХ (ФБиХ) денеска да го усвојат законот за јужна гасна интерконекција, наведувајќи дека овој проект ќе зајакнување на регионалната енергетска безбедност во БиХ и на Западен Балкан, со што ќе се стави крај на целосната зависност на БиХ од рускиот гас.

„Овој проект ќе ја зајакне регионалната енергетска безбедност во БиХ и на Западен Балкан со ставање крај на целосната зависност на БиХ од рускиот гас, зависност што ги изложува земјата и нејзините граѓани на политичка и економска уцена“, се вели во соопштението на Американската амбасада.

Приштина - Министерот за одбрана на Летонија, Андрис Спрудс денеска ќе престојува во официјална посета на Косово.

Како што соопштија од косовското Министерство за одбрана, официјалниот прием придружуван од свечениот вод на Косовските безбедносни сили ќе започне во 14 часот во Приштина.

Брисел - Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска ги дефинираше стратешките насоки на ЕУ за законодавно и оперативно планирање во областа на слободата, безбедноста и правдата. 

Според унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, овие стратешки насоки ја нагласуваат единствената позиција на земјите членки на Унијата во однос на справувањето со миграциските предизвици, враќањето на нормалното функционирање на Шенген зоната, гарантирање на безбедноста на граѓаните на ЕУ и борбата против криминалот.  

Остани поврзан