• недела, 29 декември 2024
МИА Флеш

  25 ноември 2024

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски не е импресиониран од новото раководство на опозициската СДСМ и смета дека нема да бидат конструктивна опозиција. 

- Ние не може да кажеме какво раководство треба да има СДСМ, тие одлучиле дека такво раководство заслужуваат. Не сум импресиониран од ова раководство. Напротив, сум разочаран затоа што ценам дека овие луѓе не можат да бидат конструктивна опозиција и додадена вредност на политичката сцена и дека ќе продолжат со конструкции, измислици, ниски странски, дневни навреди...., изјави денеска Мицкоски, коментирајќи го изборот на највисоките тела на СДСМ на вчерашниот конгрес.

Според Мицкоски, локалните избори, што треба да се одржат за 10-тина месеци, ќе бидат тест за новото раководство на СДСМ. 

Скопје – До крајот на неделава ќе бидат целосно дефинирани условите за добивање средства од унгарскиот кредит за стопанството во износ до 250 милиони евра, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски  и ги повика компаниите да подготват добри издржани проекти и добар бизнис план за да можат да аплицираат за добивање на средства по поволни услови.

Нагласи дека ќе бидат поддржани компании кои ќе вложат во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба. Максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра што значи дека кредитот ќе биде до осум милиони евра, а останатите два милиони евра ќе бидат од сопствено учество. Каматната стапка од 1,95 отсто ќе биде фиксна независно од сумата на парите која ќе ја добијат од кредитот.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Арапската Република Египет, Бадр Абделати, на маргините на годишната конференција „Медитерански дијалог“ што се одржува во Рим, соопштија од Министерството.

Во година кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, денешната средба, како што велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ги потврдува одличните билатерални односи и ја истакнува заедничката подготвеност за нивно натамошно зајакнување.

Скопје - Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков, остварила средба со Ана Каспшак, вршителка на должност амбасадор на Република Полска во земјава. 

Како што денеска соопштија од Министерството за европски прашања, на средбата се дискутирало за унапредувањето на билатералните односи, поддршката на Полска за евроинтеграциите на нашата земја и проширувањето на соработката во повеќе области.

Скопје – Со сослушување на оштетени, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против доктор Жан Митрев.

Лицата во својство на оштетени - брачни партнери, родители и членови на потесните семејства на жртвите, како и лица кои се лекувале во болницата пред Судот се произнесуваа по однос на преднајава на имотно правни барања.

Барање за отштета пред Судот денеска преднајавија вкупно 7 лица, додека едно од лицата во својство на оштетено, се откажа од барањето.

Скопје - На судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска сведочеа службени лица кои биле назначени да го спроведат обвинетиот Велибор Манев до местото каде што било закопано телото на Жежовски.

Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес, каде што Велибор изјавил: „Тука е местото, тука има закопано човек.“

Скопје - Изјавата не е моја, ми беше дадено ливче да биде напишано со мој ракопис и да ви го дадам, изјави обвинетиот Влатко Кешишов на денешното судење во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во врска со изјавата во која тој наведува дека Палчо нема врска со убиството.

Кешишов денеска рече дека тоа го сторил од страв.

Гостивар – Министерот за здравство, Арбен Таравари во одговор на новинарско прашање на настан во Гостивар посочи дека има сознанија оти функционери на ДУИ се повикуваат во надлежните обвинителства. Тој не спомена конкретни имиња.

- Верувам дека за кусо време ќе видите кои се тие. Не знам, не работам во полиција, ниту во обвинителства или судови. Ако ви треба таква информација, прашајте таму. Но, знам дека многу луѓе и често се движат таму, рече Таравари.

Гостивар - Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН/ВРЕДИ, Арбен Таравари смета дека со сегашните закони албанскиот јазик не е изедначен со македонскиот. Тој ова го кажа на настан во Гостивар одговорајќи на новинараско прашање. Како дел од владината коалиција тие имаат намера да го отстранат терминот „20 проценти“ од Уставот, а употребата на албанскиот јазик треба да се врати на рамниште како што била пред 1991 година.

Скопје - Одлуката за изградба на асфалтна база во индустриската зона Визбегово Владата ја поништи, имајќи ги в предвид аргументите на граѓаните и бизнисот дека тоа е штетно. Ќе бараме други решенија, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. 

Скопје - Во СВР Скопје утрово, во 3:16 часот, било пријавено дека на улица „Методија Шаторов - Шарло“ во Општина Аеродром бил опожарен стан – деловен простор на Адвокатската комора на Северна Македонија. 

Како што соопшти МВР, повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ).

- Увидот е во тек и го вршат увидна екипа од СВР Скопје, Одделот за форензички испитувања при МВР и јавен обвинител, информира МВР.

Скопје - Граѓани добиле лажни е-маил пораки во име на Фондот за здравствено осигурување, од ФЗО апелираат да не се наседнува на лажните пораки, за да не бидат злоупотребени лични податоци и трансакциски сметки.

- Фондот за здравствено осигурување на Македонија има сознанија дека се појавија лажни пораки што им се праќаат на граѓани по електронски пат, на е-меил, а како да е од ФЗО.  Во лажните пораки, што не се испратени од е-меилот на ФЗО, им се укажува на граѓаните дека, наводно, системот со управување на трансакции на Фондот препознава дека треба да добијат исплата за рефундација на средства по што треба да кликнат на одреден линк, појаснуваат од ФЗО во денешното соопштение.

Куманово - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска остварил средба со амбасадорот на Казахстан Сатибалди Буршаков. 

Како што информираа денеска од Општината, на средбата акцент бил ставен на досегашната успешна соработка меѓу двете земји, а било разговарано и за унапредување на соработката во повеќе области од значење за граѓаните.

Скопје - Општина Центар информира дека 1500 пензионери досега се имаат пријавено на јавниот повик за доделување еднократна парична помош во висина од 2.500 денари за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека јавниот повик којшто се имплементира трета година по ред се одвива по принципот „прв дојден - прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена.  

Демир Хисар - Општина Демир Хисар на јавен буџетски форум со граѓаните, утврди дел од проектите што со локални средства, но и со владина поддршка ќе се реализираат во 2025 година.

Градоначалникот Никола Најдовски информира дека со Владата е потпишан договор преку Министерство за локална самоуправа за четири проекти, а ќе се аплицира и за други комунални проекти.

Белград - Во Специјалниот суд во Белград денеска имаше завршни зборови на судскиот процес за масовното убиство во селата Мало Орашје и Дубона против Урош Блажиќ и неговиот татко Радиша Блажиќ, за кои обвинителството побара максимални казни, јави дописникот на МИА од Белград.

Обвинетиот Урош Блажиќ изјави дека моли да биде „најстрого казнет“, велејќи дека сака да ги „искупи гревовите“. Тој им изрази сочувство на семејствата на жртвите што ги убил таа ноќ и додаде дека би сакал да ги донира своите органи на повредените во масакрот.

Тирана - Албанската опозициска Демократска партија ја одби поканата на шефот на државата, Бајрам Бегај, околу одредувањето на датумот на парламентарните избори.

Претставници на партијата требаше да се сретнат со претседателот денеска претпладне, но како што и претходно најавија не дојдоа.

Приштина – Советот на обвинители на Косово (КПК) и Канцеларијата на главниот државен обвинител (ЗКПШ) ја осудија вчерашната изјава на министерот за финансии, Хекуран Мурати, кој го обвини Специјалното обвинителство дека се однесува како „слуга на опозицијата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното заедничко соопштение на двете институции се бара од носителите на владините функции да бидат внимателни, воздржани и да не ја попречуваат работата на обвинителите.

Брисел - Советот на ЕУ денеска го одобри Предлог-буџетот на Европската Унија за 2025 година, кој беше усогласен меѓу претставници на Европскиот парламент и на земјите членки на 16 овој месец. 

Со договорот, вкупните обврски на Унијата во годишниот буџет се утврдени на над 199,4 милијарди евра, а вкупните исплати на нешто повеќе од 155,2 милијарди евра. Дополнително, 800,5 милиони евра се наменети за реагирање на непредвидливи потреби. 

Обврските во буџетот на ЕУ се законски обврзувачки ветувања за трошење пари за активности кои се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, додека плаќањата ги покриваат трошоците што произлегуваат од обврските од тековната или претходните финансиски години. 

Лондон - Русија и други противници на Обединетото Кралство користат вештачка интелигенција за засилување на кибер-нападите врз националната инфраструктура, предупреди британскиот министер Пат МекФеден на НАТО конференцијата во Лондон.

Министерот најави формирање на истражувачки центар во Лондон – Лабораторија за безбедност на вештачката интелигенција (LASR), со цел справување со новите безбедносни предизвици. Според него, нападите најчесто доаѓаат од Русија и целат на електроенергетската мрежа.

Вашингтон - Две агенции на ОН оценија дека во 2023 година во светот во просек дневно умираат 140 жени и девојки, или една на секои десет минути како последица на насилство од страна на интимен партнер или член на семејството.
 
Вкупниот број починати жени и девојки во оваа категорија лани изнесувал околу 51.000, во споредба со приближно 48.800 жртви во 2022 година, соопштија денеска од „ОН-Жени“ и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал.
 
Во извештајот, објавен по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, се наведува дека зголемените бројки главно се должат на порастот на достапните податоци од земјите, а не на реален пораст на бројот на убиства.

Вашингтон - Сенаторот од Јужна Дакота Мајк Раундс, кој е од редовите на Републиканската партија, ги отфрли повиците за мировен договор меѓу Русија и Украина, тврдејќи дека на рускиот претседател Владимир Путин не може да му се верува.

- Се залажуваме ако мислиме дека може да преговараме со тиранин. Верувате ли дека ќе запре ако му понудите дел од слободна земја? рече Раундс на безбедносниот форум во Халифакс.

Неговите ставови се во спротивност со новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој тврди дека би можел да го реши конфликтот за еден ден.

Вашингтон - Украинскиот боксер Владимир Кличко го обвини водителот Џо Роган за ширење руска пропаганда, откако овој изјави дека претседателите на САД и Украина се обидуваат да започнат трета светска војна.

Роган во својот подкаст ја коментираше одлуката на Џо Бајден за одобрување на користење на американски ракети со долг дострел од украинската армија против руските сили во регионот Курск.

Атина – Безживотните тела на осум лица, од кои шест деца и две жени биле извлечени од морскиот дел северно од грчкиот остров Самос во новата несреќа со мигранти кои се пренесувале со чамец, додека на копно биле откриени и спасени вкупно 39 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите од крајбрежната служба на Грција во спасувачката акција учествуваат патролни бродови и спасувачки брод, еден авион и еден хеликоптер, како и копнени сили.

Вашингтон - Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах е „многу блиску“, изјави регионален извор за Си-Ен-Ен.

Регионален извор сугерира дека договорот е поблиску од кога било, но сè уште не е постигнат. Американските и израелските власти предупредуваат дека посредниците се уште не добиле зелено светло.

- Се движиме во таа насока, но се уште има некои прашања што треба да се решат, изјави портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Си-Ен-Ен.

Киев - Украинската армија изврши напад врз нафтено складиште во Калушка област, Русија.

Во соопштението се наведува дека украинските сили погодиле „значајни цели“ во Брјанската и Курската области, кои се граничат со Украина.

Русија сè уште нема официјална реакција за нападите.

Џакарта - Најмалку 16 лица загинаа, а шестмина се водат за исчезнати во ненадејните поплави и свлечишта на индонезискиот остров Суматра, јавува Анадолија.

Претставник на Националниот центар за катастрофи на Индонезија (BPBD), Јуспри М. Надеак, изјави дека поројните поплави и свлечишта ја погодиле областа Каро на островот Суматра.

Надеак посочи дека обилните дождови предизвикале уништување на куќи и фарми во многу региони.

Тагови

Остани поврзан