МИА Општински пул
- МИА Општински пул
27 декември 2024
Куманово - Претставниците на занаетчиската комора се задоволни од сработеното во годината што изминува, најавуваат нови проекти и барања до надлежните институции за олеснувања на работата на занаетчиите во Куманово и земјава, соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од ЗКРСМ и од Регионалната занаечиска комора Куманово.
-Отворивме сувенирница во Куманово, ќе продолжиме со отворање сувенирници, првин во Скопје, а потоа и во останатите градови во земјава. Многу ни е важно да функционираат сувенирници насекаде за да може да се промовира локалното богатство, традицијата, културата, изјави претседателот на ЗКРСМ и на РЗК Куманово, Агрон Фазлији.
Во меѓувреме ќе продолжат напорите на комората за обезбедување подобри услови за работа на занаетчиите во кои влегуваат, не само старите занаети или помалите занаетчии, туку и компании како што се пекари, автомеханичари, водоинсталатер...
-Добро е што се отвара ,,старата тема" за недела неработен ден. Не може во наше име да преговара никој. Не смееме да дозволиме фризерница, козметичари, автомеханичар, водоинсталатер да не работи во недела. Ние секако ќе ги почитуваме и работничките права. Оние кои самите се самовработени, самите ќе си плаќаат, не ,,бегаме" од одговорност ќе си плаќаме трикратно дневница за работниците, изјави Фазлији.
Занаетчиите уште при носење на овој закон реагираа дека не е во интерес ниту на малите, микропретпријатија, ниту пак на државата која на овој начин, според нив ја поттикнуваше сивата економија. ЗКРСМ очекува средба со надлежните институции.
Гостивар - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска заедно со управата на болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар го посетија целосно реновираниот оддел за физикална терапија, каде е поставена новата опрема и апаратура.
Реконструкцијата започна пред половина година и е дел од активностите кои раководството на болницата ги опфатија амбулантите за дерматовенерологија и урологија, делот за администрација, новиот паркинг и зеленило, а беше набавена и медицинска опрема.
- Во болницата се реновираа и други оддели и беа набавени нови апарати со средства на болницата. Се надевам дека со буџетот кој е обезбеден за 2025-та година, директорот со неговиот тим ќе се покаже како еден од поуспешните директори, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Во подобрување на условите за пациентите и вработените се вложени околу 4,5 милиони денари. Сега како поголем проблем на одделот за физикална терапија е недостиг на лекари специјалисти.
- Пациенти има многу, а една е докторка физијатар и сама тешко постигнува да ги исполни обврските. Среден медицински персонал имаме доволно, но потребни ни се еден или двајца специјалисти, рече Арѓент Муча, директор на општата болница.
Битола - Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во соработка со Амбасадата на НР Кина во Скопје обезбеди 40 награди, стипендии во висина на едногодишна уписнина за редовни студенти на прв циклус студии.
Од секторот за односи со јавност на УКЛО информираа дека наградите се во износ од 12.600 денари и ќе се доделат во три категории, односно награда за највисок успех во студирањето, најдобри трудови и категорија за извонредност во студирањето.
-Категоријата највисок успех во студирањето е за студенти запишани во академските 2022/23, 2023/2024 година и притоа ќе се доделат 22 стипендии по две на секоја универзитетска единица. За оваа категорија, селекција на најдобрите ќе извршат самите единици согласно нивната евиденција. За категоријата најдобри трудови на годишната студентска конференција, како и за категоријата извонредност во студирањето може да конкурираат сите студенти на прв циклус студии. Постигнатиот успех ќе се анализира врз основа на успехот во студирањето, учеството во воннаставни активности како и учество во проектните активности на Европска универзитетска алијанса КОЛОРС, информираа од УКЛО-Битола.
Куманово - Поради сообраќајна несреќа во близина на Младо Нагоричане, затворен е патот Куманово- Крива Паланка, а во моментот се врши увид, потврдија денеска од СВР Куманово.
Во меѓувреме, од АМСМ соопштија дека сообраќајот на патот Куманово – Крива Паланка, кај село Младо Нагоричане се одвива наизменично по една коловозна лента.
Од кумановската полиција од каде најавуваат детали за сообраќајката по завршување на увидот.
Кавадарци - Гроздови од автохтоната сорта грозје „станушина", набрани во Тиквешко, со години чувани соодветно во Земјоделски институт Скопје, денеска беа подарени на Вински музеј Кавадарци, во рамки на манифестацијата насловена „Станушината се враќа дома".
Директорката на музејот, Елизабета Ристова рече дека е чест и задоволство да се организира еден ваков настан, по идеја на енологот Елена Богева.
- Земјоделскиот институт од Скопје што постои 80 години, денеска подари неколку предмети на Вински музеј Кавадарци. Меѓу предметите има такви за анализа на вино, а најзначаен експонат се гроздовите од сортата „станушина", конзервирани во тегли и чувани со години, подвлече Ристова.
Директорот на Земјоделскиот институт, Виктор Ѓамовски изрази задоволство што можат да придонесат за збогатување на збирката во музејот, со експонати што ја претставуваат државата како лозарска и винска земја.
Прилеп - Членовите на прилепскиот мото клуб „Рисови“ денеска ги посетија штитениците во Дневниот центар за лица со попречености „Ѕуница“ и пред новогодишните и божиќните празници им поделија новгодишни пакетчиња.
- Традиционално, секоја година пред Новгодишните и Божикните празници ги посетуваме штитениците во дневниот центар „Ѕуница“. Им подаруваме новгодишни пакетчиња како еден мал начин на внимание дека не ги забораваме. Нашата пораке е дека има деца на кои треба уште повеќе да им обрнеме внимание. Еден апел до сите, без разлика кои се, да одделат еден момент за радост на децата во Ѕуница, рече Блаже Милчиноски, претседател на мото клуб от од Прилеп „Рисови“.
Истовремено, во Дневниот центар „Ѕуница“ новгодишни пакетчиња им подели и ги посети и заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Дневниот центар „Ѕуница“ во Прилеп постои 22 години и еден од најстарите Дневни центри во земјава. Дневно се згрижени 20-тина лица со попречености.
Пехчево - Буџетот на Општина Пехчево за 2025 година, изнесува 145,8 милиони денари кои ќе бидат наменети за реализација на капитални проекти, информираше денеска градоначалникот на Општината, Александар Китански.
Дел од предвидениот буџет, меѓу другото, како што додаде, ќе биде наменет за инфраструктурни проекти, проекти од областа на спортот и културата, социјална заштита, туризам, локален економски развој, енергетска ефикасност, животна средина.
- Може да се каже дека Буџетот на Општина Пехчево за 2025 година, е изготвен водејќи се од начелото на почитување на принципот на буџетска дисциплина и транспарентност. Во Буџетот на Општина Пехчево за 2025 година, се внесени голем број предлози и проекти кои произлегоа од граѓаните, од невладиниот сектор, од младите и предлози кои произлегоа од одржаните форуми во заедницата, истакна Китански.
Тој упати благодарност до советниците во Советот на Општина Пехчево кои го поддржаа изгласувањето на истиот.
Штип - Освен многу денови со надминати прагови за квалитет на воздух, крајот на 2024 година го одбележaа и други „краеви“, истакна тимот на лабароторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) -Штип во денешното писмено соопштени. Информираат и дека по завршување со едногодишните мерења и анализи за квалитет на амбиентниот воздух во пет општини Гостивар, Кавадарци, Куманово, Струга и Струмица, како и на воздухот внатре во градинките и училиштата, сепак ќе има продолжување на проектот, во новата 2025 година.
- Во 2024 година крај на форумите со заедниците каде граѓаните имаа можност активно да учествуваат во избор на конкретни мерки акции за чист воздух во нивната општина; крај на шпекулациите кој го загадува воздухот засновани на научни докази и стручни мерења, се вели во соопштението од лабароторијата АМБИКОН при УГД-Штип.
Посочуваат дека сепак крајот на 2024 година го одбележаа и многу почетоци: нови акции и мерки за чист воздух во сите пет општини кои ќе се реализираат во 2025 година со 50 отсто кофинансирање од самите општини и 50 отсто од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го имплементира УНДП со финансиска поддршка на Шведска.
Тетово - Општина Тетово денес ги заврши јавните дебати за предлог буџетот за 2025 година со средба на која своите предлози ги истакнаа претставници на невладините организации. Претходните денови вакви средби се одржаа со претставници на месните заедници и руралните населени места.
Претставник на невладина организација побара да има општински простор за дебати и слично активности на граѓански здруженија. Градоначалникот Касами рече дека за таков простор е можно да се искористи делот од објектот Радио Тетово каде сега има маркет. Од една кошаркарска школа побараа финансиска поддршка, за што Касами рече дека ќе направи обид да се помогне.
Во изјава за медиумите Касами информираше дека за 2025 година буџетот на Опптина Тетово е проектиран да има 48,5 милиони евра.
Штип - Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, Дарио Атанасов и Драган Атанасов во недела ќе ја организираат по петти пат Предновогодишната велосипедска дружба, која има хуманитарен и забавен карактер. Дарио и Драган на денешната прес-конференција истакнаа дека во недела во 12 часот ќе поделат подароци на најмалите на шеталиштето „Ванчо Прќе“. Посочија дека подароците ги имаат обезбедено од 16 општествено одговорни компании.
- Главната организација е посета на Домот на деца без родители и на дневниот Центар за деца со посебни потреби, каде што имаме испланирано дружба со нив и делење на пакетчиња, се со цел да ги израдуваме, вели Драган.
Двајцата браќа, Дарио и Драган со велосипедизмот се шест години, а почнале со хуманитарниот карактер на Предновогодишната велосипедска дружба во време на пандемијата, со цел да ги развеселат децата пред Новогодишните и Божиќни празници подарувајќи им чоколади и пакетчиња. Дарио Атанасов истакна дека целта не им е само хуманитарниот аспект, туку сакаат да го промовираат и велосипедизмот.
Велес - Во организација на Сојуз на спортови на Велес, со поддршка на Општина Велес, синоќа свечено беа наградени најдобрите спортисти и екипи од спортот во Велес за 2024 година, кои традиционално ги доделува Сојузот на спортови на Велес.
Признанија и плакети добија клубови, поединци, тренери, судии, манифестации, звучни имиња кои се запишале меѓу најдобрите во Велес, Македонија, Европа и светот. За најдобар од сите во 2024 година и Спортист на Велес за 2024 година беше прогласен и пехарот го доби велешкиот кајакар и македонски репрезентативец Ангел Петрушев член на ККК „Вардар“ од Велес.
Како што истакнаа на свеченоста од Сојузот на спортови на Велес, Ангел Петрушев со своите достигнувања е велешка гордост за која уште многу ќе се зборува.
Скопје - На денешната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров бил усвоен најголемиот и најобемниот проектиран буџет во историјата на општината. Како што се наведува во соопштението од Општината, буџетот е развоен буџет, создаден со целосен фокус на потребите на граѓаните и значи инвестиции во инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот и реализација на приоритетните барања на жителите на Општина Ѓорче Петров.
За капитални расходи наменети се 48 проценти од буџетот со вкупна вредност од рекордни 332 милиони денари.
Предвидени се 130 милиони денари капитални инвестиции за изградба на градинките.
- Изградба на градинка во Стопански Двор, отпочнување на изградба на градинка во Дексион, изградба на градинка во План СЗ 16, населба Александрија, изработка на проект за детска градинка во План СЗ 03, населба Ново Село. Со овие капитални инвестиции, листата за чекање за прием во градинката „Росица“ ќе стане минато, се наведува во соопштението
Образованието, се подвлекува, останува врвен приоритет и затоа се предвидени доградба на основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Страшо Пинџур“ и изградба на спортска сала во ПООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населба Хром.
За поддршка за учениците и семејствата се издвоени 1 милион денари за учениците со попреченост – прв пат во историјата на општината, посебни права за децата на семејствата на бранителите: 2,7 милиони денари за градинките 2,1 милиони денари за основните училишта, 1,6 милиони денари за бесплатна ужинка за првачињата и бесплатен транспорт за учениците во основните училишта каде што е потребен.
Дополнително, износот на еднократната парична помош е зголемен за 40 проценти односно 7000 денари за секое новороденче во Општина Ѓорче Петров!
Со новиот буџет предвидени се 80 милиони денари за изградба и реконструкција на улици и патишта.
Скопје - По повод новогодишните и божиќните празници градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевскки, додели 100 смарт таблети, таму кадешто е најпотребно во трите основни училишта на територија на општина Илинден. Смарт уредите се наменети за ученици од прво до осмо одделение, како и за ученици од социјално ранливи семејства, со цел успешно следење на наставата по новиот концепт и програма.
Градоначалникот Георгиевски, истакна дека главната цел, е обезбедување на квалитетна настава и креирање на можности за унапредување на воспитно-образовниот процес. Со овие таблети ќе им се помогне на децата од социјално загрозените семејства, ќе се зголеми квалитетот на образовниот процес на учениците, а локалната самоуправа цели кон модерно и современо образование за сите млади.
Денеска градоначалникот додели новогодишни пакетчиња и за децата со попреченост од двете хуманитарни здруженија ,,Боиме сино” и ,,Илинден” кои се единствени на територија на општина Илинден и со кои локалната самоуправа има потпишано Меморандум за соработка.