27 декември 2024
Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска изјави дека не е важно кога ќе биде донесено законското решение за правична застапеност, туку дека тоа треба да биде направено солидно и да не е предмет на политики и партии. Законското решение, вели Минчев, треба да биде содржајно, квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена.
- Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, која произлегува од Охридскиот рамковен договор. Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд, рече Минчев на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање дали по укинување на Балансерот од страна на Уставниот суд, во догледен рок ќе биде донесено ново законско решение за правична застапеност во јавната администрација.
Гостивар - Најавените над илјада вработувања во здравството го поминале владиниот филтер и добиле согласности од Министерство за финансии, конкурсите ќе се распишуваат во јануари, информира министерот за здравство Арбен Таравари, кој денеска беше во посета на Општата болница во Гостивар.
Процедурите во влада поминаа, сега останува на директорите. На оние вработени кои имаа договори, тие им се продолжени за три месеци, за да не бидат отпуштени. Се работи за голем опфат од околу 1200 лица од среден медицински персонал и тие мора да поминат низ тестирања. Очекувам тоа да биде готово до средината на јануари, рече Таравари.
Гостивар - Министерот за здравство Арбен Таравари е оптимист за отпочнување на преговори со ЕУ и очекува поддршка и од опозицијата. По денешната посета на Општата болница во Гостивар, тој нагласи дека владеачкото мнозинство е проевропски ориентирано.
- Јас сум оптимист дека ќе имаме меѓусебна соработка и знам дека владејачкото мнозинство е проевропски ориентирано. Тоа ме уверува дека наскоро ќе се отпочне со евроинтеграциските процеси, одговори Таравари на новинарско прашање за очекувањата од останатите политички субјекти за поддршка во процесот на уставни измени и евроинтеграциите на земјата, по последното соопштение од коалицијата ВЛЕН за уставните измени.
Скопје - Пратеничката група на Европскиот фронт предводена од ДУИ денеска побара итна оставка од претседателот на Собранието Африм Гаши откако тој во интервју зателевизија „Алсат“ изјави дека македонскиот јазик е единствениот официјален јазик во државата, а албанскиот јазик е преведен јазик.
- „Европскиот фронт“ изразува длабок револт и огорченост поради срамните и неодговорни изјави на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во врска со статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија. Неговото тврдење дека единствениот службен јазик во земјата е македонскиот, а дека албанскиот јазик е „преведен јазик“, претставува не само отворена лага, туку и тежок чин на предавство кон албанскиот народ, нашата историја и нашите тешко стекнати права. Шокантно е, но не и изненадувачки, што г. Гаши – личност избрана за да служи како марионета во највисоката хиерархија на државата – може да падне толку ниско, достигнувајќи ниво на самопонижување кое дури и најжестоките анти-Албанци не би се осмелиле да го допрат. Бараме негова итна оставка од функцијата претседател на Собранието. Тој ќе остане срам за нашиот народ, за нашата историја, изјави денеска пратеничката на „Европскиот фронт“, Арбана Пашоли.
Скопје - Директорот на Инфективната клиника во Скопје, доктор Фадил Цана во изјава за МИА вели дека во државава нема простор за паника околу мајмунските сипаници и нагласи дека е запознат е со случајот во Косово. Тој потсетува дека кај нас досега нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а доколку се појави, вели дека се подготвени и дека имаме стручњаци добро запознати со болеста.
- Кај нас нема. Запознат сум со случајот, имав долг разговор со директорот на Инфективната клиника во Приштина. Пациентот е стабилен, сѐ е под контрола во моментов, нагласува Цана за МИА.
Тој појаснува дека станува збор за изолиран случај на граѓанин на Косово, кој работел подолго време во странство.
Приштина - Националниот институт за јавно здравје на Косово (НИЈЗК) соопшти дека Лабораторијата за микробиологија го потврди првиот увезен случај на мпокс (поранешно име: мајмунски сипаници).
Случајот се однесува на маж (30 години), државјанин на Косово, кој беше хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести на УКЦК на 24.12.2024, по враќањето од западноафриканска земја, со симптоми како треска, осип на кожата на лицето и рацете и чешање – соопшти НИЈЗК. Пациентот е во стабилна здравствена состојба, се додава во соопштението.
Приштина - Периодот за пријавување и регистрација на гласачите од косовската дијаспора, кој започна на 29 август, заврши на 26 декември 2024 година.
Портпаролот на Централната изборна комисија (ЦИК), Ваљмир Елези, изјави за RTKlive дека рокот од 120 дена за регистрација е успешно завршен.
Според прелиминарните податоци, бројот на косовски државјани кои се регистрираа како гласачи од странство во периодот од 29 август до 26 декември 2024 година, заклучно со 23:59 часот, изнесува 90.860. Во моментов, 18.244 апликации се во процес на разгледување, изјави Елези.
Тој додаде дека разгледувањето на пристигнатите апликации ќе продолжи и во текот на денешниот ден.
Сараево – Го поканувам претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно да се свртиме кон градење мир, стабилност и соработка, а не кон провокации и измами, изјави членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, по повод изјавата на српскиот претседателот, Александар Вучиќ, кој протестите во Србија ги поврза со усвојувањето на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
- БиХ и Република Србија мора да соработуваат како рамноправни држави во интерес на сите луѓе. Како земји кои меѓусебно се почитуваат и соработуваат, имаме голема можност за економски и друг напредок. Конфронтирани и искарани, осудени сме на стагнација. Да почнеме да го градиме и имплементираме скандинавскиот, а не балкански модел на соработка, истакна Беќировиќ.
Тирана – Албанската Влада донесе одлука со која на семејствата во социјален ризик, оние кои имаат член на семејство со попреченост и децата без родители, ќе им биде исплатен еднократен финансиски надоместок од по 150 евра.
Веста ја објави министерката за здравство и социјална заштита, Албана Кочиу, во која наведува дека со новогодишен бонус ќе бидат опфатени 275 илјади семејства и поединци.
-Со најновата одлука на владата, ќе бидат опфатени 275 илјади семејства и поединци кои остваруваат одредено право од социјалната заштита. Фондот што е одвоен за оваа намена е 21 милион евра, односно по 150 евра. Наменети се за семејства во неволја, деца без родителска грижа, лица со посебни потреби, како и оние кои се грижат за нив, објави министерката Кочиу.
Берлин – Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за весникот „Ханделсблат“ ((Handelsblatt) изјави дека Србија планира да ја обезбеди германската автомобилска индустрија со литиум, што ќе ја прекине зависноста на Европа од увоз на редкиот метал.
-Ова партнерство е од многу големо стратешко значење за двете земји. Германија ќе биде единствената земја што директно ќе добие литиум. На овој начин Србија се позиционира како столб на германската автомобилска индустрија, на која и е потребен материјалот за производство на батерии за електрични возила. Досега Европа беше зависна од увоз од Кина, Австралија и Јужна Америка. Сакаме да ставиме крај на ова, посочи Вучиќ.
Атина – Противвоздушна, противдронска, антибалистичка, но и противбродска одбрана ќе има грчката „Железна купола“, што се очекува во првите месеци на 2026 година да биде ставена во функција, а ќе чини над две милијарди евра, според заменик-министерот за одбрана на Грција Јанис Кефалојанис, кој откри детали говорејќи за радијата „Скај“ и „Talk radio“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Целта е да имаме целосно функционална купола во пролетта 2026 година, која во суштина ќе има четирикратна функција. Ќе биде и противдрон и антибалистички и противвоздушен, во однос на воздушните закани, но и противбродски систем во однос на поморските закани. Го штитиме Егејското море од секаква можна опасност, без во првата фаза, да мораме да ги користиме авионите кои досега пресретнуваа или бродовите кои вршат набљудување на море. Очигледно ќе биде скап систем, нема да чини, според првите процени, под 2-2,5 милијарди евра, објасни Кефалојанис за „Talk radio“.
Берлин - Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер денеска го распушти Бундестагот – Долниот дом на германскиот Парламент, јави ДПА.
Шефот на германската држава закажа предвремени парламентарни избори на 23 февруари, откако трипартиската владејачка коалиција предводена од канцеларот Олаф Шолц се распадна.
Шолц го загуби гласањето за доверба во парламентот претходно овој месец, по повлекувањето на Слободната демократска партија (ФДП), чиј лидер е министерот за финансии Кристијан Линднер. Со тоа, владата остана без поддршка на парламентарното мнозинство.
Лондон - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е отворен за мировни преговори со Украина во Словачка „ако дојде до нив“, пренесува британскиот Скај Њуз.
Путин рече дека словачкиот премиер Роберт Фицо, кој оваа недела го посети Кремљ, ја понудил Словачка како место за преговори додека војната во Украина се приближува до својата трета година.
-Немаме ништо против, ако се случи. Зошто да не? Словачка зазема неутрална позиција, изјави Путин, додавајќи дека е решен да го заврши конфликтот во Украина, кој започна со копнена, воздушна и поморска инвазија во февруари 2022 година.
Талин - Естонските вооружени сили започнаа поморска операција за заштита на подводниот електричен кабел Естлинк 2 во Балтичкото Море, соопшти министерот за надворешни работи на Естонија Маргус Цакна.
„Доколку постои закана за подводната критична инфраструктура во нашиот регион, ќе има и одговор“ напиша Цакна на платформата Икс.
Финските власти го задржаа бродот поврзан со Русија, кој моментално се наоѓа во финските територијални води, за да истражат дали тој го оштетил кабелот за пренос на струја во Балтичкото Море и неколку интернет кабли, соопшти финската полиција.
Тел Авив - Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар тврди дека новата администрација во Сирија „го измамила Западот“ по соборувањето на режимот на партијата Баас.
Во изјава за весникот „Џерусалем пост“, Саар даде своја оценка за новата администрација во Сирија.
Обвинувајќи ја администрацијата предводена од Ахмед ал-Шар како „екстремистичка“, Саар рече дека се сомневаат во новата администрација и дека „има причини“.
Сеул- Новиот вршител на должноста претседател на Јужна Кореја, Чои Санг-мок, изјави дека Владата и наредила на армијата да ја зголеми својата борбена готовност. Тоа, од своја страна, ја зголемува веројатноста Северна Кореја да ја искористи политичката ситуација во земјата за да изврши провокации, пренесуваат светските агенции.
Чои, кој беше министер за финансии во претходната администрација, го објави тоа откако стана вториот вршител на должноста претседател на Јужна Кореја за две недели.