• сабота, 28 декември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  27 декември 2024

 

Струмица - Со премиерата на претставата „Празнина“, која е закажана за задутре, Народниот театар „Антон Панов“ ќе ја спушти завесата на годинашниве нови остварувања. Претставата е работена според драмска предлошка, драматизација, работена по мотиви на издвоени сцени од драмскиот текст „Празно“ од авторката Алис Бирч.

Според најавата за претставата, секоја сцена е засебна „приказна“, а пак логичната поврзаност помеѓу сцените не е очигледна, туку таа се насетува некогаш преку реплика, некогаш преку зададена состојба, некогаш поради потребата да се надгради една или повеќе драмски ситуации, некогаш преку драмската атмосфера, некогаш во драмската пауза, некогаш во она што го нема, а сепак е присутно.

-Позицијата на жената и децата во општеството се слика низ сцени во кои тие се поставени во ситуација на соочување со правосудниот систем, соочување со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење, личната трансформација преточена во резигнација..., напишано е во најавата за оваа премиера.

Режијата, сценографијата и изборот на музиката се на Васил Христов, драматизацијата на Викторија Рангелова и Васил Христов, асистент на режијата е Драгана Таневска, костимите се на Розе Трајчевска,а дизајнот на рекламниот материјал е на Денко Матевски.

Во „Празнина“ настапуваат Ангелина Тренчева-Ангелова, Коста Ангов, Јасмина Билаловиќ и Ања Митиќ како гостинки, Ванчо Василев, Танкица Стојанова и Игор Тодоров.

Куманово - Оперскиот пејач Дарко Тодоровски од Куманово вечерва во Занаетчиски дом со почеток во 20 часот ќе одржи предновогодишен концерт, информираа денеска од Фондацијата за култура и спорт. Влезот за посетителите е бесплатен.

-После две години многу сум среќен, што пак сум во Куманово, некако најубаво и најодговорно е да се пее во свој град. Подготвена е убава програма. За жал, прескокнав лани, така се случи, настапував по други градови, во други држави, изјави Тодоровски.

Концертот почнува со новогодишен и божиќен репертоар, продолжува со американски џез познати класици. Кумановци ќе уживаата во познатите хитови на Френк Синатра, Елвис Присли, Дин Мартин... Концертот е поделен на неколку блокови.

- Очекувам полна сала и како и претходно кога сум настапувал, сите заедно да уживаме, да пееме и танцуваме, изјави Тодоровски.

Тодоровски е академски пејач, оперски пејач.

- Вечерашниот репертоар на сите им лежи на срце, стиховите на сите им се познати. Последниот дел од концертот ќе свирам на клавир, додава Тодоровски.

Тој очекува интеракција од публиката, како и секогаш. Концертот ќе трае час и половина. Љубителите на познатите евергрини ќе уживаат во убавата атмосфера која традиционално Тодоровски им ја приредува на неговите сограѓани. За 2025 годинава најави концерт со македонски евергрини, познати мелодии, текстови, стихови познати на сите. Во текот на летото ќе следува концерт на отворено и последниот во зимскиот период. 

Скопје - Општина Центар денеска на Боемска 1 организира предновогодишна забава наменета за сите граѓани.

Како што информираат од Општината, во 11:00 часот почнува „Предновогодишно дружење“ со хорот „Златно славејче“ и хорот од ООУ „11 Октомври“ кадешто ќе ги изведат познатите детски хитови и ќе ги забавуваат најмалите.

На овој настан, предвидено е обраќање на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, а веднаш потоа следува забава со Елса и Спајдермен кои ќе им поделат новогодишни пакетчиња на дечињата.

Вечерта, во 20:00 часот ќе почне големиот предновогодишен концерт „Вечер под ѕвездите“ со нашите македонски музички ѕвезди, групата „Нокаут“ и диџеј Александар Јорданов. 

Скопје - Поради уличен дефект, од девет часот без вода за пиење се дел од корисниците од улицата „Перо Наков“, информираат утрово од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Како што појаснуваат од претпријатието, станува збор за корисниците кај поранешен „Бриколаж“, кои ќе бидат без вода за пиење сѐ до завршување со работните активности. 

Скопје - ЈП Водовод и Kанализација-Скопје информира дека денеска поради уличен дефект ф 5/4“ на ул.1 бб во Ново Село, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.

Прекинот ќе биде од 10:30 часот до санирање на дефектот. 

Остани поврзан