29 август 2024
Скопје – Службената влада на Република Бугарија е легитимна влада и останува отворена за дијалог со Северна Македонија. Обидите за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, информираат од бугарското МНР. Бугарското МНР, во реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, нагласува дека „без разлика дали е привремена или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање за веќе преземените обврски од Скопје“.
Скопје - Во јули 2024 година продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки за 0,1 отсто на месечно ниво и за 3,5 проценти на годишно ниво. Според Државниот завод за статистика, во јули 2024, во споредба со јуни 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки во групата Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,8 отсто.
Велес - Во сообраќајна несреќа утрово во 4:55 часот на улица „Андон Шурков“ во Велес 24-годишниот мотоциклист Т.И со „пијаџо беверли“ удрил во 58-годишниот Т.А и му нанле тешки телесни повреди на главата, констатирани во велешката Општа болница, информира Биљана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.
Скопје - Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски денес го објави списокот со повикани фудбалери за натпревари против Фарски Острови (7 септември) и против Ерменија во Скопје (10 септември) од новото издание на Лига на Нации.
Белград/Подгорица - Во Србија oд 1 септември до крајот на октомври граѓаните ќе можат да купат 81 вид на производи во 2.500 малопродажни објекти во рамки на акцијата „Најдобра цена“ по поповолни цени, изјави денеска премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
На денешната презентацијата на таа акција тој истакна дека ќе бидат означени како „Најдобра цена“ и дека ќе ги има во продавниците што ќе ги продаваат. Станува збор за храна и средства за лична хигиена и производи за хемија во домаќинството, а меѓу нив се месо, јаболка, кромид, кафе, риба, шампони, тоалетна хартија и слично. Тој ги спомена и конкретните производи и нивните нови цени и посочи дека попустот е во просек 26,82 отсто и дека домаќинствата ќе можат да заштедат од осум до 22.000 динари.
Курск - Властите во руската Курска област соопштија дека од денеска (29 август) се воведуваат дополнителни безбедносни мерки во областа на градот Курчатов и нуклеарната централа Курск, пренесе Хина. Влезот во Курчатов, каде што се наоѓа централата, ќе биде привремено ограничен, напиша регионалниот гувернер Алексеј Смирнов на социјалната платформа Телеграм.
Газа - Членовите на семејствата на израелските заложници држени од милитантите на Хамас се собраа на границата со Газа за да ги повикаат своите роднини преку звучници и во еден момент се обидоа да упаднат во палестинската енклава, пишува Тајмс оф Израел. Некои роднини на заложниците кои организираа протест во близина на границата со Газа ја пробија безбедносната ограда и се обидоа да влезат подлабоко во палестинската енклава кај своите најблиски, соопшти Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите лица. Тие исто така објавија дека ги послушале барањата на безбедносните сили и се вратиле во Кибуц Нирим каде што бил организиран собирот.
Њујорк - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш го повика Израел да ги прекине воените операции на Западниот Брег, откако израелските сили соопштија дека вчера почнале голема антитерористичка операција во која загинаа најмалку 11 Палестинците. -Генералниот секретар е длабоко загрижен од најновите случувања на Западниот Брег и силно ја осудува загубата на животи, вклучително и на деца, изјави неговиот портпарол Стефан Дижарик. Гутереш го повикува Израел да ги исполни релевантните обврски според меѓународното хуманитарно право и да преземе мерки за заштита на цивилите и обезбедување на нивната безбедност, додаде Дижарик.
Пекинг - Кина и САД треба да станат извор на безбедност за светскиот мир и двигател на заеднички развој, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен, пренесоа државните медиуми. „Посветеноста на Кина за стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи останува непроменета“, рече Си, кој денеска во Пекинг го прими советникот за национална безбедност на Белата куќа, кој од вторникот е во посета на Кина. Тој е првиот советник за национална безбедност што ја посетил земјата од 2016 година.
Токио - Најмалку три лица загинаа кога тајфунот Шаншан денеска го зафати југозападниот дел на Јапонија со силен дожд и ветер, што го наруши воздушниот сообраќај и остави повеќе од четвртина милион домаќинства без струја. „Три лица загинаа, едно исчезна, двајца се тешко повредени, а петмина се здобија со полесни повреди како последица на тајфунот“, изјави главниот секретар на кабинетот Јошимаса Хајаши.
Венеција - Можеби едно од најпопуларните туристички места во Италија, Венеција понуди можност за заработка и престој во градот за плата од 150.000 евра годишно. Градот, имено, бара веслачи на гондоли кои ќе ги водат туристите низ каналите. Кандидатите треба да имаат 18 години или повеќе, да имаат одредено училишно образование и да знаат да пливаат. Тие ќе мора и да зборуваат италијански. Идните гондолиери сега прво ќе треба да минат шестмесечен курс за обука - вкупно 400 часа, којшто инаку, чини околу 1.000 евра.
Лондон - Британската влада наводно размислува да го забрани пушењето во некои отворени простори за да го подобри јавното здравје, пренесе денеска ДПА. Забраната за пушење може да важи за градините на пивниците, помалите паркови и рестораните на отворено. Владиниот портпарол одби да потврди дали таквите планови се навистина се разгледуваат на маса.
Загреб - Жена која неодамна наполнила 107 години ги открива тајните на долговечноста... Имено, таа е убедена дека „завидната возраст“ се постигнува со урамнотежена исхрана и секојдневна активност. Но, и уште две работи: Избегнување алкохол и луѓе со негативна енергија. Според стогодишничката, пред сè, важно е да се избегнува алкохолот што не само што ги уништува телото и умот, туку и животот на луѓето околу зависникот, пренесува хрватски „Н-1“.
Атина - Црквата Света Богородица во напуштеното грчко село Ропото е недопрена со, според многумина - импресивен наклон од 17 степени. Со тоа, оваа православна црква е понавалена и од „Кривата кула“ во Пиза. Ропото е мало село во Тесалија, на падините на планината Каравула. Кога црквата е изградена, била на надморска височина од 750 метри, а денес, според грчките медиуми, целото место е пониско за најмалку 40 метри, поради бројните одрони што го зафатија овој крај последниве 60 години.