• сабота, 09 ноември 2024
МИА Флеш

30 септември 2024

- Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор по одлуката на Уставниот суд за замрзнување на алатката „балансер“ при вработувањата во јавната администрација.

-Во врска со Решението на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.Бр.90/24 од 18 септември 2024 година, Министерството за јавна администрација даде насоки за постапување на институциите од јавниот сектор, опфатени во точката 1 од  ова Решение, соопштија денеска од Министерството.

– Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на секакви предизвици во иднина. Предизвици кои што ќе бидат насочени кон дестабилизација на Македонија, доколку ги има како такви во реалноста, жестоко ќе одговориме, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во изјава за медиуми по отворањето на Регионалниот центар К9 во Полицискиот центар Ѓорче Петров, Тошковски посочи дека службите проследуваат соодветни информации до надлежните.

-  Истражувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски е добитник на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Михајловски се добитници на наградата  „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста.

 

Како што информира денеска Министерството за култура, оваа одлука ја донел Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ на седница одржана на 11 септември 2024 година. 

- Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење ќе почне на 15 октомври 2024 година, со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 6:00 до 22:00 часот. 

Како што информира денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ), доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден  е еднаква или помала од 12 степени, тогаш грејната сезона може најрано  да почне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април.

 - На поранешниот премиер Никола Груевски на 4 октомври годинава му застарува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, кој се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“. Груевски на 4 октомври 2018 година беше правосилно осуден, така што на 4 октомври годинава поминуваат шест години, што е законски предвидениот рок за застарување на одлежувањето на казната.

Според Кривичниот законик, како што објави Призма, застареноста на извршувањето на казната настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што е потребно за застарување на делото, а во случајот на Груевски, рокот за застареност изнесува два пати по три години.

- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретна со хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ.

На средбата, како што информира Министерството за европски прашања, беа реафирмирани долгогодишното пријателство и блиските односи меѓу двете земји, а беа разгледани и идните можности за билатерална соработка.

 - Номинирањето на Гркот Апостолос Ѕиѕикостас за нов еврокомесар за транспорт, одново го актуелизираше прашањето за улогата на грчките власти во попречување на истрагата за минатогодишната железничка несреќа кај Темпи во централна Грција, во која загинаа 57 лица, повеќето млади. 

Во врска со ова прашање претставничката на родителите на жртвите во несреќата, Марија Каристијану, упати писмо до претседателките на Европската комисија и Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола и до еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, во кое тврди дека грчките власти се обидуваат да прикријат некои работи поврзани со случајот, во прилог на што посочува дека судската постапка за утврдување на одговорните за несреќата се одвива бавно и се одолговлекува. 

- Русија го осудува убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрула и израелските напади врз Либан и верува дека тоа доведе до значителна дестабилизација на регионот на Блискиот Исток, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Руската страна ги осудува ваквите акции. Сметаме дека тие доведоа до значително дестабилизација на ситуацијата во регионот, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање, пренесуваат руските медиуми.

- Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани денеска изјави дека на Австрија и е потребна влада предводена од конзервативците, која ја исклучува крајнодесничарската Слободарската партија (ФПО) и нагласи дека „секое повторно појавување на неонацизмот мора да се отфрли“.

Тајани ги даде коментарите еден ден откако екстремната десница победи на првите австриски парламентарни избори по Втората светска војна, соборувајќи ја владејачката конзервативна Австриска народна партија.

- Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за попладнево закажа вонреден онлајн состанок на шефовите за дипломатии на членките на Унијата со единствена точка на дневниот ред – актуелната состојба во Либан. 

Како што информира портпаролот за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Петер Стано на оваа неформално заседание, шефовите на дипломатии ќе расправаат за развојот на настаните во Либан по влошувањето на состојбата на теренот. 

- Нашата порака е многу јасна, изразуваме жалење за цивилните жртви и бараме итен прекин на огнот, истакна Стано, додавајќи дека ЕУ својот став за случувањата во Либан го искажа во минатонеделната изјава на Борел.

- Српскиот претседател Александар Вучиќ докажа дека е вешт во балансирањето меѓу Западот од една страна и Русија и Кина од друга, пишува „Политико“, додавајќи дека Вучиќ се стекнал со репутација на личност која без напор игра за секоја страна, во која било ситуација, јави дописникот на МИА од Белград.

Кога Вучиќ не е зафатен со балансирање меѓу Западот, Русија и Кина, тој се фокусира на убедување на гласачите дека е просечен човек, како и тие, пишува бриселскиот портал.

- Израелските разузнавачки агенции со години со помош на сателити, дронови и други кибер алатки собираат податоци за исламистичката милиција Хезболах. Таквите информации Тел Авив можеше да ги искористи за нападите врз Либан изминатите недели, објави „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).

Весникот истакнува и дека во израелската армија има формирано специјална единица задолжена за обработка на добиените информации за Хезболах.

- Бројот на случаи на Мпокс продолжува да расте во неколку африкански земји, а вирусот, порано познат како мајмунска сипаница, исто така се шири во нови области, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Во својот последен извештај за ситуацијата, СЗО рече дека западноафриканската земја Гвинеја пријавила прв случај. Најпогодена е Демократска Република Конго во Централна Африка.

- Либанското шиитско движење Хезболах ќе го избере наследникот на убиениот генерален секретар, Хасан Насрала, „што е можно поскоро“ и ќе ја продолжи борбата против Израел, изјави заменик-шефот на групата поддржана од Иран, Наим Касем, цитиран од британските медиуми.

Според Касем, движењето продолжува со операциите според претходно подготвените планови, а нападите што досега ги преземаше организацијата се само „минимумот“ за кој таа е способна.

 

Остани поврзан