8 ноември 2024
Будимпешта/Брисел – Нашето место е во рамките на ЕУ и мора да бидеме таму каде што заслужуваме, порача премиерот Христијан Мицкоски од Будимпешта, каде вчера учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница задно со лидерите на уште 26 земји од Европа и високи претставници на Унијата и НАТО. Во исто време од Брисел, кандидатката за нова еврокомесарка за проширување Марта Кос нагласи дека очекува земјава да го промени Уставот како што вети, за да може да продолжи на својот европски пат.
Мицкоски од Будимпешта изрази оптимизам за иднината на земјата, нагласувајќи дека се бориме за нашите аргументи и за „вистината која е не заобиколива“.
- Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси, изјави Мицкоски. Тој информираше дека на маргините на Самитот остварил продуктивна средба со францускиот претседател Емануел Макрон, со кој, како што кажа, отворено разговарале за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија.
Мицкоски истакна дека за време на средбите што ги имал на маргините на Самитот во Будимпешта, ги презентирал нашите аргументи, како ја гледаме нашата економска иднина и нашите економски цели, како и „начинот на којшто планираме да ја развиваме нашата Македонија, но истовремено и ги презентирал и „нашите погледи и аргументи за нашиот евроинтегративен пат“.
Скопје - Реформската агенда на Владата (2024-2027), која се однесува на Планот за раст на Европската комисија, ќе биде презентирана денеска на третата седница на Комисијата за европски прашања која ќе се одржи во Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 14:30 часот.
Реформската агенда ги истакнува заложбите на државата за успешно спроведување на реформите неопходни за подобрување на стандардите во областите како владеење на правото, реформа на администрацијата и енергетската транзиција.
На седницата обраќања пред пратениците ќе имаат претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљаноска – Давкова, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Со седницата ќе претседава потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
Скопје - Во рамки на годишните активности за унапредување на јавната администрација, Министерството за јавна администрација ќе одржи состанокот во Владата на Секторската работна група за Реформа на јавната администрација.
Како што соопшти Министерството, на состанокот ќе се презентираат реализираните активности од Стратегијата за реформа на јавната администрација за 2023 година, текот на програмирањето на IPA III за периодот 2025-2027 година.
Предвидено е министерот за јавна администрација, Горан Минчев да даде изјава за медиуми.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за интервју на Алфа ТВ на прашање за акцијата во којашто паднаа двајца поранешни полициски службеници коишто издавале службени тајни на една од групите од подземјето, истакна дека преку ЕУРОЏАСТ, МВР и Обвинителството имаат добиено голем број докази поврзани со организиран криминал и корупција добиени преку апликацијата SKY која ја користеле криминалните групи и нивните доушници за меѓусебна комуникација.
„Ќе следат постапки и во иднина, коишто ќе бидат насочени кон сите оние кои сториле криминал, а за кои има докази во рамки на предметната апликација. Моите информации се дека доказите се доста обемни. Се работи континуирано и посветено на овој предмет, и од страна на Јавното обвинителство и од страна на МВР, така да очекувам и други постапки во иднина, се со цел оние коишто печалеле незаконито на грбот на македонските граѓани, отидат таму кај што им е местото.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски изрази сомнеж во фактот што голем број полициски акции кои порано се реализирале често завршувале со неуспех да се обезбедат водачите на тие кланови и банди а зад решетки завршувале условно „поситните риби“.
Скопје - Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска учествуваше на сесијата наречена „Лабораторија за учење за да ги направиме градовите отпорни 2030: Акции за намалување на ризици од катастрофи на локално ниво“ што денес се одржа во рамки на Европската платформа за намалување на ризици од катастрофи, во Будва, Црна Гора.
Сесијата модерирана од Армен Григоријан постојан претставник на УНДП во нашата држава, на која покрај Лашкоска учестуваа и Жоао Динис, координатор на Канцеларијата на Каскаис Амбиенте - EMAC, Каскаис, Португалија и Бахтијар Оспанов, виш експерт од Центар за вонредни ситуации и намалување на ризикот од катастрофи (CESDRR), беше одлична можност за размена на искуства и предизвици за операционализацијата на локално ниво на намалувањето на ризикот од катастрофи и адресирање на финансиските и институционалните бариери низ регионите.
Во своето излагање, заменик министерката Лашкоска ги претстави напорите на локални заедници во Македонија кои во изминатиот период беа најизложени на ризици од катастрофи и начините на справување со нив и истакна дека заложбите на општините за зајакнување на отпорноста кон климатските промени напредуваат.
„Мерките за намалување на ризикот од катастрофи (DRR) на локално ниво се од суштинско значење и тие ќе станат само покритични бидејќи климатските промени продолжуваат да се интензивираат. Со ставање приоритет на DRR, можеме да ги заштитиме заедниците и да ја зајакнеме отпорноста против идни катастрофи“ истакна Лашкоска.
Скопје - ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија информира дека денеска, првото семејство во државата, кај коешто е дијагностицирана болеста „Фабри“ ќе почне да прима терапија.
Оттаму соопштуваат дека ќе почнат со третман „Ензимска заместителна терапија“ која првпат се применува кај пациенти со ретка болест Фабри.
- Станува збор за првото семејство во Македонија кај кое е детектирана болеста на Фабри, велат од ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија.
Скопје - Шестиот по ред Пчеларски саем на Македонија, ќе се отвори денеска на плоштадот Македонија, а ќе трае до недела. Организатор на саемот е Пчеларска Федерација на Македонија, главен покровител е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а домаќин е Градот Скопје.
Пчелари од целата држава на саемот ќе им понудат на посетителите мед, пчелните производи, како и пчеларска опрема.
Од ПФМ ги повикуваат граѓаните да дојдат на плоштадот Македонија и да дегустираат природен, вистински мед, за да препознаат лажен, фалсификуваниот производ.
Скопје - Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) започнува телефонска линија за советување, со цел да ги поддржи лицата во процесот на откажување од пушењето. Квалификувани стручни лица ќе нудат персонализирани совети и стратегии за успешно ослободување од пушењето, информираат утрово од Институтот.
Како што појаснуваат, линијата ќе биде достапна секои понеделник и среда од 11 до 13 часот. Заинтересираните да се откажат од пушење, може да се јават на телефонскиот број 078 285 873 и да добијат совети.
Од Институтот порачуваат да не се чека, да се почне со патот кон подобро здравје.
Скопје - Во главната сала на Друштвото на писателите на Македонија денеска во 12 часот ќе се одржи комеморација за писателката Оливера Николова (1936-2024).
Нејзината појава и творештво, како што велат од ДПМ, оставаат неизбришливи траги не само во нашето културно и општествено милје, туку и низ светот, и за чија личност и дело може да се зборува само со восхит и со извонредна благодарност.
Оливера Николова е родена во 1936 година, во Скопје. Учела во Струга и Велес, а завршила Филозофски факултет во Скопје. Работела како драматург на радио и телевизија. Таа била член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Попознати нејзини дела за деца се „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1966), „Пријателите Бон и Бона“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1975), „Мојот звук“ (Награда „Младо поколење“,1978), „Девојките на Марко“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, и други.
Скопје – Со изведба на ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини, вечерва од 20 часот, во Националната опера и балет започнува одбележувањето на 100-годишнината од смртта на Џакомо Пучини. Изведбата е дел од проектот „Месец на Пучини“ во кој ќе бидат изведени и други негови дела.
Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Италија, Маурицио Коласанти, во режија на Дејан Прошев.
Претставата е доловена преку масивната сценографија на Зоран Николовски и колоритната костимографија на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Скопје - Во Македонскиот народен театар вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи премиера на драмскиот текст Марта Верина од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, а во копродукција помеѓу Перипетија продукција и МНТ и во соработка со Фондација „Ацо Шопов“.
Марта Верина е приказна за жена која поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството и мора да живее со товарот на „грешката“ која ја направила. Претставата која е инспирирана од поезијата на Ацо Шопов, отвора прашања за стигматизацијата во општеството и ги истражува меѓучовечките односи и влијанието на родителските постапки врз децата.
Во претставата играат Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселонов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова.
Скопје - Изложбата „Од семејно до институционално наследство“ на Музејот на македонската борба за самостојност од 8 до 14 ноември ќе гостува во Културно-информативниот центар во Истанбул.
Експозицијата ја сочинуваат 15 изложбени паноа, со текстови и фотографии од донирани предмети на семејството Шабан во временски интервал од 200 години, кои со својата посебност доловуваат моменти и пренесуваат емоции при презентирање на традицијата и културата, истовремено, овозможувајќи подлабоко разбирање на ритуалите, обичаите и уметничките изрази, кои ги дефинираат нашите културни идентитети.
Автор на изложбата е Елизабета Марковска, кустос етнолог, а соработници за реализација на проектот се Василија Чали, Ана Китановиќ, Марија Коробар и Габриела Бошкова Постолова.
Скопје - Во моментот сообраќајот се одвива непречено по една коловозна лента кон Пониква, исто така и кон с. Бели, а од страна на граѓаните е најавено дека единствено до депонијата ќе бидат пропуштени возила од КЈП Водовод Кочани, но не и возила од други општини.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје – Времето денеска изутрина ќе биде студено со услови за појава на магла по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 4, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени Целзиусови.
Во Скопје изутрина ќе има услови за појава на слаба магла, а преку денот ќе биде сончево со мала локална облачност и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 17 степени Целзиусови.
До сабота, според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе се задржи сончево време со мала до умерена локална облачност. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност, која само понекаде ќе остане подолготрајна. Од недела времето ќе биде променливо облачно и постудено, а на почетокот на следната недела наместа ќе има појава на повремен дожд, на највисоките планини услови за краткотраен снег.
Вашингтон – Победникот на американските претседателски избори, Доналд Трамп, освои 301 електорски глас , наспроти 226 на кандидатката на Демократската партија, Камала Харис, покажуваат најновите проекции на медиумската компанија Еј-Би-Си Њуз (ABC News)).
Трамп ги освои Ајдахо, Јута, Монтана, Вајоминг, Северна и Јужна Дакота, Небраска, Канзас, Оклахома, Тексас, Мичиген, Висконсин, Ајова, Мисури, Арканзас, Луизијана, Мичиген, Индијана, Кентаки, Тенеси, Мисисипи, Алабама, Флорида, Џорџија , Јужна Дакота, Северна Каролина, Охајо, Западна Вирџинија, Алјаска и Пенсилванија.
Еј-Би-Си предвидува дека Трамп ќе победи и во Невада, која ја загуби и на изборите во 2016 и во 2020 година.
Харис победи во округот Колумбија, Мериленд, Делавер, Њу Џерси, Конектикат, Род Ајленд, Масачусетс, Њу Хемпшир, Вермонт, Њујорк, Мејн, Вирџинија, Илиноис, Минесота, Колорадо, Ново Мексико, Вашингтон, Орегон, Калифорнија и Хаваи.
Трамп води и во освоени гласови, досега има добиено 73,3 милиони гласови, а Харис 69 милиони гласови
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека по прогласувањето на победата на изборите не разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, но кажа оти „мисли дека ќе зборуваат“.
Трамп за Ен-Би-Си Њуз изјави дека од средата, кога прогласи победа на претседателските избори во САД, разговарал со 70 светски лидери.
Претходно вчера, Путин му честиташе на Трамп за неговиот избор за претседател, велејќи дека „не е под негова чест“ да се јави самиот Трамп и дека нема ништо против да го обнови контактот со него.
Путин рече дека новоизбраниот шеф на Белата куќа покажал голема храброст по обидот за атентат претходно оваа година.
Вашингтон – Во свето прво кадровско решение по победата на претседателските избори во вторникот, Доналд Трамп ја назначи својата поранешна менаџерка на кампањата Сузан Вајлс за шефица на кабинетот на Белата куќа – првата жена што ќе ја има таа улога.
- Сузи Вајлс штотуку ми помогна да постигнам една од најголемите политички победи во американската историја и беше составен дел од моите успешни кампањи во 2016 и 2020 година, се вели во изјавата на Трамп.
Тој ја опиша како „цврста, паметна, иновативна“ и рече дека и се восхитуваат и почитуваат многу луѓе.
Вајлс (67), родена во Њу Џерси, ќе има значителна моќ во Белата куќа. Канцеларијата служи за регулирање на пристапот до врховниот командант, што ја прави една од клучните позиции во секоја администрација.
Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Украина треба да остане неутрална за да има шанса за мир, додавајќи дека границите на Украина треба да бидат во согласност со желбите на луѓето кои живеат на територијата на која Русија има право.
-Ако нема неутралност, тешко е да се замисли постоење на какви било добрососедски односи меѓу Русија и Украина, рече Путин.
Тој нагласи дека Русија ги признала постсоветските граници на Украина врз основа на разбирањето дека таа ќе биде неутрална. НАТО, предводен од САД, повеќепати изјави дека Украина еден ден ќе се приклучи.
-Ако Украина не беше неутрална, таа „постојано ќе се користеше како алатка во погрешни раце и на штета на интересите на Руската Федерација“, нагласи рускиот претседател.
Москва - Руската армија во текот на ноќта собори 17 дронови над четири региони на Русија, соопшти руското Министерство за одбрана.
-Шестмина се пресретнати над територијата на Воронежската област, шест над територијата на Саратовската област, четири се соборени над територијата на Белгородската област и еден - над територијата на Брјанската област, се наведува во соопштението.
Локалните власти соопштија дека нема жртви или штети на местата каде што биле пресретнати беспилотните летала. Аеродромот во Саратов работи нормално, јавија руските медиуми.
Киев - Во Запорожје, како резултат на рускиот напад со наведувани воздушни бомби, осум лица загинаа, а 42 се повредени, меѓу кои и едногодишно момче, соопшти денеска началникот на воената управна област, Иван Федоров.
Во вчерашниот руски напад на Запорожје, петкатница беше погодена од касетни бомби (КАБ), а три бомби погодија приватни куќи, пренесуваат украинските медиуми.
Од експлозијата се оштетени зградите на здравствената установа.
-Руските војници го нападнаа Запорожје со воздушни бомби. Уништена е обична станбена зграда, приватни куќи, оштетена е зграда на онколошка болница. Се трага по луѓе под урнатините. Секој таков руски напад не само што убива луѓе и уништува животи, туку го уништува и значењето на какви било изјави дека разговорите со Русија наводно недостасуваат...Смртта на луѓето им причинува задоволство, напиша вчера украинскиот претседател, Володимир Зеленски на Телеграм.
Киев – Четири лица се повредени во руски воздушен напад врз Киевската област, соопшти шефот на регионалната државна администрација Руслан Кравченко.
Според него, четири лица се повредени од делови од соборени „непријателски цели“ за време на напад што бил извршен утрово врз Киев.
Како што прецизира Кравченко во објава на Фејсбук, повредени се возачи кои биле во автомобили во близина на местото каде што паднале делови од соборените дронови. Тие се здобиле со повреди од различен степен, а состојбата на еден од нив е тешка.
Повредените се хоспитализирани во локална болница, информира Кравченко.
Вашингтон - По распадот на германската владејачка коалиција на социјалдемократи, либерали и зелени, американскиот милијардер Илон Маск го нарече германскиот канцелар Олаф Шолц будала
Маск на неговата мрежа Х напиша „Олаф е будала“ (Olaf ist ein Narr).
Маск беше голем приврзаник на републиканецот Доналд Трамп во кампањата за негово враќање во Белата куќа.
Тој донираше над сто милиони долари во неговата кампања,а неговите политички ставови во последните годиони станаа уште подесничарски.
Амстердам – По фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив, синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестинските демонстранти и израелските навивачи.
Како што пренесе ДПА, локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи. Ајакс го доби натпреварот со 5 спрема 0.
Според информациите на амстердамската телевизија АТ5, демонстрантите фрлале со столчиња кон навивачите на Макаби. Мобилните единици на полицијата ги штителе Израелците и ги придружувале до нивните хотели.
Тел Авив – Пропалестински напаѓачи повредиле 10 израелски фудбалски навивачи во Амстердам, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање спасувачки авиони за израелските граѓани во Холандија, пишува „Тајмс оф Израел“.
Напаѓачи кои извикувале „Ослободете ја Палестина“ вчера ги нападнале навивачите на Макаби од Тел Авив во Амстердам, од кои двајца се исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да се испратат два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам.
Министерството за национална безбедност на Израел ги повика своите граѓани во Амстердам да останат во хотелите додека трае истрагата.
Вашингтон - Израел повторно ќе отвори нов премин во Појасот Газа, соопшти синоќа Стејт департментот, неколку дена пред истекот на ултиматумот на САД за зголемување на хуманитарната помош за Палестинците.
-Видовме дека Израел презеде важни чекори во последните недели... и планира да отвори нов дополнителен премин во Кисуфиму во наредните денови, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Американските министри за надворешни работи и за одбрана, Ентони Блинкен и Лојд Остин на 13 октомври испратија писмо во кое бараат Израел да ја зголеми хуманитарната помош, давајќи му 30 дена да одговори.
Во спротивно, САД се заканија дека ќе прекинат дел од својата воена помош за Израел.
Газа - Хамас, палестинската исламистичка милиција во Појасот Газа, повикува на светски протести денеска, утре и задутре во знак на солидарност со Палестинците и против поддршката на Западот за израелските напади.
Активирањето на актуелната војна дојде откако Хамас и други групи го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници. Израел потоа одговори со масовни напади во Газа, кои беа широко критикувани за нивното уништување и цивилни загуби.
Хамас го пренесе својот апел преку социјалните мрежи. Исламистичката организација го обвини Израел за геноцид и масакри во северниот дел на зафатената палестинска територија. Израелската армија неодамна ги прошири своите операции таму за да преземе акција против Хамас и ги повика цивилите да ја напуштат борбената зона. Сепак, наводно, илјадници остануваат во областа.
Атина – Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан денеска е во посета на Атина и ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата е закажана за претпладнево, по што ќе следи заедничка прес-конференција и работен ручек на двајцата министри.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека целта на средбата на шефовите на дипломатиите е „продолжување на сите теми на агендата, како што се билатералните односи, позитивната агенда и одново констатирање на климата на дијалог меѓу двете земји“.
Лондон – Принцот од Велс ја опиша изминатата година како „најтешката година“ во неговиот живот.
Зборувајќи со новинарите на крајот од неговата посета на Јужна Африка, принцот Вилијам говореше за тоа како се снашол откако и на неговата сопруга и на неговиот татко им бил дијагностициран рак.
- Беше страшно. Веројатно беше најтешката година во мојот живот. Така што беше многу тешко да поминам низ сè друго и да одржувам сè на вистинскиот пат, рече тој одговарајќи на новинарско прашање каква му била годината која беше тешка за кралското семејство.
Бакингемската палата во февруари соопшти дека кралот има рак и оти ќе почне со лекување. Само шест недели подоцна беше објавено дека принцезата од Велс е подложена на хемотерапија по дијагностициран рак.
Оттогаш, кралот се врати на јавните должности, а Кејт го заврши лекувањето со хемотерапија.
- Многу сум горд на мојата сопруга, горд сум на мојот татко за тоа како се справија со работите … Но, од лична семејна гледна точка, тоа беше брутално, рече Вилијам.