• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

8 ноември 2024 

Скопје - Комисиската расправа за Предлог-Буџетот за 2025 година во Собранието ќе почне на 14 ноември, а пленарната седница за негово носење се очекува да биде закажана во втората недела од декември, изјави денеска во интервју за МИА претседателот на Собранието Африм Гаши. 

-Предлог-Буџетот за 2025 година е донесен на 5 ноември. Неколку дена ќе остане во Собрание за разгледување. Комисиската расправа ќе почне на 14 ноември и трае до 30 ноември. Значи по новиот Деловник, веќе е утврден крајот на ноември односно 30 ноември како последен датум кога треба да заврши комисиската расправа. Потоа се носи предлогот до Влада, очекуваме Владата да го дополни предлогот и во втората недела од месец декември треба да биде свикана пленарната седница, која трае пет дена и се надеваме дека во рамки а тие четири - пет дена ќе биде донесен буџетот за 2025 година, изјави Гаши во интервју за МИА.  

Во интервјуто за МИА, Гаши зборува за работата на Собранието, за примената и недоследностите во новиот Деловник за работа, за односите и соработката со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, за владината коалиција, за можните уставни измени, како и за ривалството меѓу Вреди и ДУИ во албанскиот политички кампус. 

Скопје - Првпат во државава е дијагностицирана ретката генетска болест фабри. За првпат е започнат и третман со ензимска заместителна терапија согласно протоколите на Европската агенција за лекови (ЕМА) и Американската администрација за храна и лекови (ФДА). Со оваа болест, детектирани се вкупно седум пациенти во државава, припадници на едно семејство. Со терапија, опфатени се двајца пациенти на возраст од 45 и 46 години. Со оваа терапија, пациентите нормално се вклучуваат во сите социјални, економски активности на општеството и придонесуваат за квалитетно општество.

За ова информираа попладнево на прес-конференција, директорот на Клиниката за нефрологија во Скопје - Никола Ѓорѓиевски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) - Сашо Клековски, претседателот на Комисијата за ретки болести при Министерството за здравство - Злате Стојаноски и нефрологот Игор Николов.

Ѓорѓиевски појасни дека станува збор за ретко генетско наследно х врзано заболување, се манифестира како нарушување врз метаболизмот на мастите, инциденцата во светот се проценува на 1:40.000-170.000. За првпат, болеста била опишана во 1898 година - 19. век.

Скопје - Сертифициран, оригинален мед, полен, матичен млеч, прополис, природна козметика од мед и опрема, се само дел од производите што ги нуди Пчеларскиот саем во Скопје. 

Саемот почна денеска, а ќе трае до недела. Штандовите на производителите се поставени на Плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост.

Пчеларите апелираат, посетителите да дојдат и да дегустираат, па ако им се допадне медот, да си одберат матичен производител. Тоа е, велат, клучно ако сакаат да бидат сигурни дека купуваат вистински мед. 

Оценуваат и дека годинава е слаба во однос на производството, но одлична според квалитетот на медот. Од поддршката што им ја дава државата се генерално задоволни, но се уште голем проболем, сметаат, се фалсификаторите.

Цената на медот се движи околу 700 денари, а саемската е 650. 

Скопје – ДКСК на денешната 10. седница донесе одлука да поднесе иницијатива до Судскиот совет и Здружението на судии за поведување на дисциплинска постапка против член на Судскиот совет за „судир на интереси“ и „пристрасност при вршењето на функцијата“ јавувајќи се во улога на иницијатор за поведување на постапка за утврдување одговорност на судии во Врховен суд кои постапувале во предмет, каде учествувало негово блиско лице, сестра. 

Членот на Судски совет постапил спротивно на членовите 73 и 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со што сторил прекршок, казнив по член 107 за што ДКСК ќе поведе постапка за издавање прекршочен налог. 

По предметот реферираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, која рече дека станува збор за претставка против член на Судски совет од познат подносител, во која се наведува дека пријавениот се наоѓа во состојба на судир на интереси и при вршењето на функцијата член на Судски совет покажува пристрасност раководејќи се од приватен интерес. 

Скопје - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани за време на дводневната посета на Турција, каде учествува на шестиот Меѓународен самит за жените и правдата, оствари  билатерална средба со министерката за семејство и социјални политики на Република Турција, Махинур Оздемир Ѓокташ.

Како што информираат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, средбата на министрите била можност за разговор на одредени прашања кои се во надлежност на двете министерства, со размена на позитивни искуства кои би значеле подобрување на досегашните политики и пракса.

-Двете земји имаат долгогодишна соработка во областите кои ги покриваат, а потврда за тоа се склучените договори за соработка во областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето,  како и потпишаната Изјава за намера за соработка на полето на социјалната политика, каде што се опфатени прашањата поврзани со социјалните услуги за семејството, жените, децата, старите лица и лицата со попреченост, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Скопје - Советот за координација на активностите поврзани со членството на Република Северна Македонија во НАТО, во новиот состав на Владата, денеска ја одржа првата седница.

Како што соопшти владината прес-служба, седницата ја водеше премиерот Христијан Мицкоски, во својство на претседавач на Советот, на која присуствувале сите членови на Советот, како и амбасадорите на земјите членки на НАТО во земјата на негова покана.

Мицкоски ја истакнал важноста од нашето членство во НАТО, како и блиската меѓуинституционална координација во рамките на Владата, по значајни прашања од агендата на НАТО и реализацијата на нашите обврски кои произлегуваат од членството во Алијансата.

Штип - Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПДП) прави план за изградба на нови станбени згради во Битола, Штип и Скопје, со цел да се регулира цената на станбениот квадрат, бидејќи токму ова јавно претпријатие треба да е регулатор на цената на станбениот квадра најави денеска од Штип, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Тој истакна дека последната комерцијална зграда од страна на ЈПДП во Битола е изградена пред 13 години, а  во Штип какошто рече веројатно и никој не се сеќава кога.

-А улогата на ова јавно претпријатие е да ја регулира цената на пазарот со цел градежниците да неможат да имаат екстремно високи цени, да имаат монополи и на тој начин да го цицаат народот. 

За Битола најавивме дека ќе одиме со цени кои ќе се за 30-40 проценти пониски од тоа што е пазар во моментот, вели Николоски.

Скопје – Просечната инфлацијата годинава значително ќе забави и од 9,4 отсто минатата година ќе се сведе на 3,5  отсто, а трендот на намалување ќе биде карактеристичен и за следните години, додека економскиот раст постепено ќе забрзува, при претежно стабилна платнобилансна позиција, посочила гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2024 ‒ 2027 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствувале претставници на Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Казахстан, Кина, САД, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шведска.

Охрид – Осумдесеттина епохални наоди, исклучително вредни археолошки предмети се пронајдени при истражувањата на Архајска некропола од шестиот век пред нашата ера на локалитетот Расница во атарот на струшкото село Корошишта.

Брознен шлем со позлата, бронзен штит, килибарни и стаклени перли, сребрени игли, котел со постамент, златни прстени и фолии со различна форма и декорација е само дел од предметите пронајдени во ископувањата, што денеска беа презентирани пред јавноста.

На прес-конференција свикана по повод откритието беше истакнато дека се работи за две гробници од кои едната со димензии седум на четири метри, на пет метри длабочина, што според артефактите и додатоците пронајдени укажува дека припаѓала на член на елитно семејство што владеело со регионот во тоа време.

Атина – Со златен медал и одбрана на европската титула од пред две години, македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски го заврши Европското сениорско првенство во Атина, откако во финалето беше подобар од Ерик Ниевегловски од Полска, јави дописничката на МИА од Атина.

Во финалето во категоријата лоу кик до 86 килограми, Илиоски со 2-1 го совлада противникот.

Македонскиот кикбоксер се пласираше во финалето откако вчера со нокаут пред крајот на првата рунда беше убедливо подобар од грчкиот репрезентативец Христос Филис.

Атина – Нашето вечно соседство да го претвориме во вечно пријателство, порача шефот на турската дипломатија Хакан Фидан по средбата во Атина со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, кој од своја страна истакна дека постои итен и искрен канал на комуникација со Турција, а нивните контакти веќе стануваат нормaлизирани, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри за надворешни работи на заедничката прес-конференција по нивната средба што траеше повеќе од планираното, односно над два часа, се осврнаа на билатералните односи, на следните чекори, на трговската соработката, на кипарското прашање.

Герапетритис рече дека постојат директни контакти, а целта е да ги приближат двата народи.

Истанбул – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја истакна важноста на соработката меѓу Турција и САД во решавањето на големите глобални кризи, како и оние во Појасот Газа, палестинските територии и во Украина, јави Анадолија.

- Се соочуваме со многубројни предизвици, меѓу кои палестинското прашање и руско-украинската криза. Нивното надминување е можно преку соработка меѓу Турција и САД, изјави Ердоган за новинарите на летот на враќање од Будимпешта, каде што учествуваше на самитот на Европската политичка заедница.

Тој, исто така, го истакна потенцијалот за обновено партнерство, истакнувајќи ги позитивните коментари за Турција од страна на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој во вторникот беше избран за уште еден мандат во Белата куќа. „Го поканивме во нашата земја и се надевам дека ќе ја прифати нашата покана“, рече Ердоган.

Турскиот претседател додаде дека тој и Трамп претходно работеле заедно на значајни прашања, за време на првиот мандат на Трамп од 2017 до 2021 година. „Иако повремено имаше одредени разлики во мислењата, моделот на партнерство меѓу Турција и САД е непобитен.“

Ерусалим - Израелската војска издаде забрана за својот персонал да патува во Холандија, откако неколку Израелци вчера беа повредени во судирите по фудбалскиот натпревар од Лигата на Европа во Амстердам.

„По проценката на ситуацијата, армијата му забранува на целиот персонал што служи во армијата да патува во Холандија до понатамошно известување“, се вели во соопштението на ИДФ. 

Брисел -  Европската федерација на новинари (ЕФЈ) денеска соопшти дека победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, поради неговата антимедиумска реторика и поврзаноста со сопственикот на мрежата Икс, Илон Маск, е предизвик не само за Американците, туку исто така за европското новинарство и ја повика Европската унија подобро да ги заштити новинарите и слободата на медиумите.

„Непријателската реторика на Доналд Трамп кон новинарите и медиумите не смее да ги охрабри европските влади да ги напуштат своите обврски за обезбедување на безбедноста на новинарите и создавање поволна средина за слободата на изразување, вклучително и слободата на печатот“, рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.

Во соопштението се наведува дека антимедиумската реторика на Трамп веќе навела многу негови обожаватели, ширум светот и Европа, да им возвратат на медиумите и дека со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, тие ќе добијат уште поголема моќ да ги вознемируваат новинарите.

Брисел - Советот на ЕУ објави дека го продолжува мандатот на Мисијата за воена помош во Украина за две години, до 15 ноември 2026 година, со доделен буџет од речиси 409 милиони евра. Мисијата се спроведува во земјите на ЕУ и е наменета за обука на украински војници.

Мисијата останува клучно средство за воената поддршка на ЕУ за Украина, а нејзината главна цел е да придонесе за зголемување на воените капацитети на украинската армија, се наведува во соопштението. Се очекува учесниците во европската мисија да работат во соработка со Мисијата за безбедносна помош и обука на НАТО.

Во октомври 2022 г Советот на ЕУ донесе одлука за формирање на мисијата за Украина со првично времетраење од две години. Стратешка цел на мисијата е да придонесе за ефективно извршување на операциите за одбрана на територијалниот интегритет на земјата според меѓународно признатите граници.

Лондон - Џонатан Пауел, поранешен шеф на кабинетот на поранешниот премиер Тони Блер и клучен преговарач во мировниот процес во Северна Ирска, денеска беше назначен за нов советник за национална безбедност во Владата на Велика Британија.

Пауел, кој исто така служеше 10 години како дипломат во британското Министерство за надворешни работи, беше еден од творците на Договорот за Велики петок, кој во голема мера стави крај на тридецениското насилство што ја потресе Северна Ирска од доцните 1960-ти.

„Со искуство во помагање да се преговара за Договорот од Белфаст (Велики петок) и работејќи на некои од најсложените конфликти во светот, тој е квалификуван да ја советува владата за предизвиците што претстојат и да се ангажира со колегите ширум светот за заштита и унапредување на британските интереси“, се вели во соопштението на британскиот премиер Кир Стармер.

Сантијаго – Силен земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во јужниот дел на Чиле.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 35 километри и на 608 километри јужно од Пуерто Монте.

Сè уште нема информации за евентуални човечки жртви и причинета материјална штета.

Остани поврзан