• сабота, 09 ноември 2024
МИА Флеш

1 октомври 2024

Скопје - Првите 100 дена од изборот на новата Влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни - каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата за одбележување на првите 100 дена од работата на новата Влада, наследената состојба била многу полоша отколку што кој било очекуваше, а состојбите се далеку од идеални.  За 100 дена, нагласи, реализиравме, донесовме или отпочнавме над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.

Скопје - Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје бил и ќе остане средина каде се зацврстува и унапредува научната мисла. Сега стоите на прагот на бескрајните можности. Одлуките што ги правите, ќе го обликуваат не само вашиот академски развој, туку и патот по кој ќе се движите во животот, потенцираше ректорката на УКИМ, проф. д-р. Биљана Ангелова.  Таа им упати порака да ги прифатат сите можности кои им се нудат, нагласувајќи дека започнуваат ново патување исполнето со возбуда, можности, предизвици и раст. 

Штип - Во фаза на дискусија се разговорите за повисоки плати на наставниците меѓу Синдикатот за образование и наука (СОНК) и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски и министрите во Владата, кои почнаа вчера, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.- Деталите се уште се во фаза на дискутирање и дооформување. Значи се разговараше за идните можности, се разговараше за методологија, се разговараше за потребите на наставниците, за можностите на државата и продолжуваме и понатаму да изнаоѓаме соодветни решенија на општо задоволство на сите, вели Јаневска.

Скопје - Министерството за образование и наука информира дека објавени се конкурсите за доделување на стипендии за средношколци за учебната 2024-2025 година и истите можат да се погледнат на следниот линк. Крајниот рок за аплицирање е 15 октомври 2024 година.  Како што посочуваат од МОН, станува збор за вкупно девет различни категории на стипендии, а условите за стекнување на правото на користење, како и потребните документи се наведени во секој од конкурсите. 

Скопје – Фемида системот за аудио и видео снимање на судските расправи ќе овозможи поефикасно, поефективно и транспарентно правораздавање во судниците и ќе придонесе кон враќањето на довербата во правосудството. Ова беше заклучокот од денешната промоција на системот во Управниот суд на Република Северна Македонија. Програмата која што е инсталирана во сите судови, како што информираше претседателот на Управен суд, Бурим Сејдини, чинела 21 милион денар од судскиот буџет. Според него, надоградбата и инсталирањето на нови технологи за задолжително аудио (тонско) снимање на судските расправи, ќе овозможи поефикасно, поефективно и потранспарентно правораздавање, во судниците. 

Скопје - Од Сојузот на синдикати на Македонија не сакаат да ги коментираат првите 100 дена од работењето на новата Влада и се надеваат дека ќе биде свикана седница на Економско-социјалниот совет на која ќе им биде кажано што е сработено досега, а од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека имале високи очекувања, но дека досега ништо не е направено. Двата социјални партнери очекуваат дека наскоро од Владата ќе биде свикана седницата на Економско-социјалниот совет.  

Скопје – Столбовите за спроведување на политиките за справување со глобалните економски шокови се независноста и кредибилитетот на централните банки, кои во регионот на Југоисточна Европа за само една година имаат придонесено да се намали најголемата инфлација во изминатите пет децении на едноцифрени стапки, беше посочено на денешната Десетта меѓународна конференција во организација на Народната банка. Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер смета дека независноста на централните банки може да биде основа на модерното централно банкарство, но дека транспарентноста и отчетноста се она што ја балансира независноста на централната банка со принципите на демократијата.

Скопје - Здружението „Биди човек" и пензионерското движење (ИОПД) „Тука сме“ денеска организираа настан по повод 1 октомври - Денот на возрасните лица, на кој беше одржано предавање и проекција на краткиот филм „Шарац“. На повозрасните граѓани мора да им се поедностават потребите за јавен превоз, здравствена заштита, примарно здравство..., изјави Јасмина Арсова Чашуле од Здружението „Биди човек".

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имаше средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, на која беше реафирмирана заедничката заложба за напредок на тековната реформска агенда на Северна Македонија. Соговорниците ја потенцираа важноста од продолжување на соработката за зајакнување на демократските процеси, подобрување на институционалните капацитети и поттикнување на транспарентноста во управувањето – клучни области неопходни за успешна интеграција во Европската Унија, соопшти Министерството за европски прашања.

Скопје - Бројот на работниците во индустријата од јануари до август годинава, во однос на истиот период лани, е зголемен за 1.4 отсто. Во август 2024, пак, во споредба со август претходната година, нивниот број е намален за 0.5 процент, соопшти Државниот завод за статистика. Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во август 2024 година, во однос на август 2023 година, бележи пораст од 4.8 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1.3 %, додека опаѓање бележи во секторот Преработувачка индустрија за 0.9 %.

Скопје - Град Скопје заврши со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, капитален инфраструктурен проект кој опфаќа и нова водоводна мрежа како дел од програмата за работа на градот. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.

Скопје - Во среда ќе се задржи стабилно и сончево време со студенo утрo, а во четврток попладне претежно во западните подрачја ќе има повремен дожд, соопшти УХМР. Под влијание на циклонска активност во петок и за време на викендот на повеќе места ќе има повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер. Локално ќе има услови за појава на невреме.

Белград - Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рударски и геолошки истражувања поднесен од 86 пратеници од опозицијата е „противуставен и штетен за Србија“, јави дописникот на МИА од Белград. Брнабиќ за ТВ Пинк изјави дека донесувањето на ваков предлог-закон ќе биде „погубно“ и ќе има лошо влијание врз стопанството.

Приштина – Командантот на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, Озкан Улуташ вели дека КФОР има добри ресурси и е добро позициониран за да спречи каква било ескалација и да одговори на секој безбедносен предизвик, јави дописникот на МИА од Приштина. Во интервју за новинската агенција КосоваПрес, Улуташ оценува дека безбедносната ситуација на Косово е мирна, но кревка, додавајќи дека КФОР продолжува со нејзино внимателно следење.

Атина – Намалувањето на цените на пет патарини во централна Грција, на автопатот Солун – Атина најавено минатиот месец, од денеска стапува во сила со што патувањето со автомобил ќе биде за околу 17 отсто поевтино, јави дописничката на МИА од Атина. Петте патарини се во централниот дел на Грција, во близина на градовите Катерини, Лариса, Волос и Ламија.

Подгорица – Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ денеска го претстави проектот „Веље Брдо“ со кој е предвидено граѓаните полесно да се стекнат со стан. - Својата судбина трајно ја врзав за Црна Гора, ќе останам овде, ќе дадам сè што е во моја моќ да ја подобриме нашата земја, за нашите млади повеќе да не мора да одат во странство! Јас ќе бидам еден од првите што ќе се пријават за програмата „Веље Брдо“ затоа што 1) Верувам во овој проект и неговата реализација, 2) Останувам овде трајно затоа што верувам во големата иднина на државата Црна Гора, напиша Спајиќ на платформата Икс.

Тирана – Албанскиот министер за внатрешни работи, Ервин Хоџа денеска реагираше во врска со актите на насилство што вчера ги извршија пратениците на Демократската партија на пленарната седница на Собранието. Хоџа нагласува дека, „попречувањето на вршењето на уставните функции, насилното одземање на правото на говор, напад на службено лице, загрозувањето на животите на пратениците со удирање со предмет, уништувањето на јавен имот, се акти на тешко насилство и вандализам“.

Анкара - Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан денеска изјави дека копнената офанзива на Израел во Либан е нелегален обид за окупација што го нарушува територијалниот интегритет на земјата.Тој додаде дека израелската операција мора веднаш да се прекине, со повлекување на нејзината војска од Либан. Израелски падобранци, командоси и вооружени единици започнаа рации во упад во јужен Либан, откако денеска се интензивираше судирот со Хезболах.

Брисел – Со симболично предавање на дрвен чекан, подарок на НАТО од Исланд, досегашниот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг официјално му ја предаде должност на неговиот наследник, поранешниот холандски премиер Марк Руте. Во обраќањето на церемонијата, што се одржи во рамки на заседанието на Северноатлантскиот совет, Руте се заблагодари на сите земји членки на НАТО за укажаната доверба и поддршка за неговиот избор за нов генерален секретар, а посебно на Столтенберг за како што рече, неговата одлична работа. 

Прага - Парламентарното мнозинство на чешката десноцентристичка влада е на работ на намалување, откако најмалата партија во владејачката коалиција доцна вчера гласаше за нејзино напуштање по разрешувањето на нејзиниот лидер Иван Бартош од функцијата министер за регионален развој. Либералната пиратска партија соопшти дека речиси четири петтини од нејзините членови, кои гласале на интерна анкета, го поддржале излегувањето од Владата на премиерот Петер Фиала. Двајца министри, меѓу кои и министерот за надворешни работи Јан Липевски, во текот на денешниот ден ќе поднесат оставки, соопштија од партијата.

Тел Авив - Израелската армија денеска нареди евакуација на речиси дваесет либански погранични населби. Наредбата доаѓа само неколку часа откако Израел испрати копнени сили во јужен Либан во, како што ја нарече, ограничена операција против милитантите на Хезболах. Наредбата за евакуација, издадена од портпаролот на израелската армија на платформата X, прецизираше дваесетина населби во јужен Либан, а со неа им се наредува на тамошните жители да се евакуираат северно од реката Авали, на околу 60 километри од границата.

Газа – Најмалку 21 Палестинец денеска загинаа во два израелските воздушни напади врз Појасот Газа, изјавија палестински лекари. Во нападот врз две куќи во Нусеират, еден од осумте бегалски кампови во енклавата загинаа 13 лица, меѓу кои и жени и деца. Во нападот врз училиште во населбата Туфа во Газа загинаа најмалку седуммина. Во Туфа се сместени раселени палестински семејства.

Техеран - Поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад за време на интервјуто за Си-Ен-Ен Турк откри дека се испоставило оти шефот на единицата на тајната служба, која беше формирана да ги таргетира агентите на Мосад во земјата, всушност бил израелски агент, пишува Тајмс оф Израел. Зборувајќи за Си-Ен-Ен Турк, Ахмадинеџад рече дека уште 20 агенти во иранскиот разузнавачки тим задолжени за следење на активностите на израелското разузнавање, исто така, се свртеле против Техеран.

Вашингтон - Поранешниот претседател на САД, Џими Картер денеска наполни 100 години и стана првиот претседател кој го прославил тој роденден. Картер беше претседател од 1977 до 1981 година, а во последните 19 месеци се наоѓа во болница во неговата родна држава Џорџија, пишува Би-Би-Си.

Тагови

Остани поврзан