• сабота, 09 ноември 2024
МИА Флеш

3 октомври 2024

Скопје - Нов апарат за магнетна резонанца денеска беше промовиран во поликлиниката „Идадија“ која е дел од Здравствениот дом Скопје. Aпаратот е набавен со средства од Здравствениот дом во износ од над 83 милиони денари и е пуштен во употреба на 17 јули. 

На настанот, на кој присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, директорот на Здравствениот дом Скопје, Самир Исени истакна дека досега се креирани вкупно 476 термини за снимање, а пациентите кои доаѓаат на магнентно снимање не се само од Скопје, туку од цела држава.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека претстојната зима ќе биде предизвикувачка во делот на енергетиката затоа што очекува зголемување на цената на електричната енергија на берзите во Европа поради случувањата во Украина. Вели дека како држава сме подготвени и дека ќе одговориме на сите предизвици.  

- Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка не поради температурите, туку поради состојбата што се случува во Украина каде комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече енергија од Европа што значи дека тоа ќе ја зголеми цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, така што ние мораме да бидеме подготвени, нагласи Мицкоски, додавајќи дека очекува енергетска криза во одредена смисла во Европа. 

Скопје – Шест пријави за врсничко насилство пристигнале во Министерството за образование и наука од почетокот на учебната година и по нив се постапува, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска. 

Посочи дека државата има систем да води грижа за менталното здравје на младите преку училиштата, вклучено е и Министерството со својата Педагошка служба, но нагласи дека е неопходна и меѓуресорска соработка на повеќе министерства, невладини организации и стручни лица.

Скопје - Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска го отвори настанот „Изгледите за конкурентност на Западен Балкан за 2024 година“ на кој биле презентирани специфичните клучни наоди за економскиот профил на нашата држава од евалуацијата спроведена во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

- Од страната на МЖСПП, имплементираме многу проекти подржувани од ЕУ преку ИПА програмата, меѓу кои имаме и големи инфраструктурни проекти вклучени во националните стратегии, за кои е потребна здрава економија, истакнала Лашкоска во своето обраќање.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со амбасадорот на Црна Гора, Зоран Миљаниќ, на која му посакал успешна дипломатска мисија и изразил задоволство од досегашната билатерална одбранбена соработка со Црна Гора.

Од Министерството за одбрана соопштија дека на средбата се разговарало за продлабочување на сојузничката соработката меѓу двете земји и за интензивирање на интегративните процеси за пристапување кон Европската Унија со една цел, стабилен, безбеден и просперитетен регион.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска имал средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, на која се разговарало за соработката меѓу двете земји во областа на правосудството, проектите и реформската агенда.

Амбасадорот Риголер, како што соопштија од Министерството за правда, ги поздравил плановите на министерот Филков за реформи и изразил подготвеност Франција да помогне во сите процеси со различна помош, вклучувајќи и експертска, со цел подготовка за членство во Европската унија.

Скопје Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска дадоа поддршка за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, и двата по скратена постапка.

Заменик-министер за финансии Николче Јанкуловски во образложението нагласи дека причините за подготвување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам произлегуваат од потребата за адресирање на недостатоци на одредби од законот утврдени со Извештајот од петтиот круг на евалуација на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам на Комитетот MONEYVAL при Советот на Европа, усвоен во мај 2023 година.

Скопје - Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола во која утрово три лица го загубија животот, а едно е повредено.

Според првичните сознанија, како што соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, до несреќата дошло при судар на патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки и товорно возило „волво“ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат.

Скопје - Целосно е изгаснат пожарот што избувна вчера во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир. Состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ќе се утврдува, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот, спред ЦУК, бил доизгаснат денеска околу 9:30 часот. Утрово пожарот се уште бил активен и на терен биле три противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. 

Скопје - Идејата на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ е да се поврзуваме и да создаваме пријателства. На младите им е важно да имаат ваков фестивал. Тие сакаат да гледаат филмови, да дискутираат, да им биде чуен гласот. Пријателствата што се создаваат на фестивалот траат со години, потенцираше директорот на Фестивалот, Дарко Башески.

Фестивалот „Џифони Македонија“ ќе биде отворен вечерва во киното „Милениум“, со проекција на италијанскиот филм „Последниот пат кога бевме деца“ во режија на комичарот Клаудио Бизио. Станува збор за 12. издание на Фестивалот, а ќе учествуваат повеќе од 450 учесници од осум земји.

Скопје - За јубилејниот 20-ти „Виз Ер Скопски маратон“ пријавени се рекордни 13.400 учесници од 55 земји. Ова на денешната прес-конференција го соопшти Кире Синадиновски, директор на маратонот. 

- Срушен е бројот на учесници од 2019 година кога имавме 12.450 натпреварувачи. Големо зголемување бележиме од минатата година кога имаше 11.000 учесници. Интересот е огромен и од домашните и од странските тркачи, додаде Синадиновски.

Тирана – Албанските опозициски демократски пратеници и денеска предизвикаа тензична ситуација, овој пат пред собраниската зграда, откако на исклучените пратеници, поради понеделничкото насилство, не им беше дозволено да влезат во објектот.

Дваесет и четирите исклучени пратеници од опозицијата, пристигнаа пред Собранието час пред почетокот на пленарната седница, се обидоа да влезат, но беа спречени од припадниците на националната гарда, и откако им се придружија и другите сопартијци се судрија со гардистите, кои сепак не дозволија влез.

Киев - Русија со 105 дронови нападна 15 украински региони. Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле 78 за време на напад.

Властите во главниот град на Украина, Киев, објавија дека воздухопловните сили собориле околу 15 беспилотни летала над градот и неговата околина за време на воздушна тревога која траела повеќе од пет часа.

Дамаск - Зетот на починатиот лидер на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Нусрала, Хасан Џафар Касир, е убиен во израелски воздушен напад врз резиденција во сирискиот главен град Дамаск, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.

Во соопштението се наведува дека во израелски напад е погоден првиот кат од трикатната зграда каде доаѓале лидери на Хезболах и Иранската револуционерна гарда, при што загинале три лица, двајца либански државјани и еден Сириец, а се повредени најмалку четворица чиј идентитет останува непознат.

Доха - Катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад Ал-Тани тврди дека кризата на Блискиот Исток е „колективен геноцид“ и дека неговата земја секогаш предупредувала за „неказнивост“ на Израел.

– Стана кристално јасно дека она што се случува е геноцид, заедно со претворање на Појасот Газа во област непогодна за човечки живот, како подготовка за раселување, рече тој за време на самитот на азискиот дијалог за соработка во Доха.

Токио – На јапонскиот аеродром Мијазаки вчера експлодира американска бомба од Втора светска војна. Во инцидентот нема повредени лица, не се оштетени ниту авиони, туку само пистата, што е поправена во текот на ноќта.

Бомбата на пистата направи кратер широк околу седум метри и длабок еден метар. Поради експлозијата беа откажани над 80 летови.

Стокхолм - Имињата на добитниците на Нобеловата награда ќе бидат објавени од 7 до 14 октомври во Стокхолм и Осло, објавено е на веб-страницата на одборот за доделување на наградата.

Како што се наведува, прво традиционално ќе биде објавено името на добитникот на Нобеловата награда за физиологија или медицина на 7 октомври во Стокхолм, додека добитникот на наградата за физика ќе биде познат ден подоцна, чие име ќе биде објавено во Кралската шведска академија на науките, исто така во главниот град на Шведска.

Остани поврзан