• четврток, 26 декември 2024
МИА Радио флеш

16 декември 2024 

Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски со сведочење на вишиот инспектор Елвис Ибрахими и сведокот Тодорче Ѓорѓиевски од Единицата за економски и компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, кои биле присутни при претресот на домот на обвинетиот Љупчо Палевски.

Ибрахими, кој присуствувал на претресот на домот на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо на 3 декември, изјави дека при претресот биле одземени лаптоп, таблет Самсунг и телефон Ајфон 6S+, но, како што посочи, не биле евидентирани повици кон Вања.

- Не е забележано дека некој друг од семејството вртел телефони, изјави Ибрахими, одговарајќи на прашањата на обвинетиот Палчо. 

Скопје - Струшката полиција поднела кривична пријава против Рамиз Мерко бидејќи во својство на градоначалник на општината во два наврата донел решение со кое А.О. од струшкото село Подгорци, од библиотекар го именувал за директор на основното училиште во истото село, иако не ги исполнувал потребните услови.

-ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.М.(67) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Тој, во својство на градоначалник на општина Струга, на 30.05.2018 и на 01.04.2024 донел решение со кое  А.О. од струшкото село Подгорци, од библиотекар го именувал за директор на основното училиште во истото село. Пријавениот Р.М., го направил тоа иако знаел дека А.О. нема соодветно образование и не исполнува повеќе услови од Законот за основно образование, немал најмалку пет години  работно искуство во училиштето,  не го положил испитот за директор во утврдениот законски рок, немал приправнички стаж и не поседувал соодветен сертификат за познавање на англиски јазик, информираат од МВР. 

Скопје – Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува пратениците од Демократската унија за интеграција (ДУИ) да го поддржат предлог-законот за средно образование за кој на комисиска расправа во Собранието искажаа забелешки во однос на интонирање на државната химна во училиштата и најавија амандмани на предлогот кој треба да премине во втора фаза од донесувањето.

Според Јаневска, „крајно неразумно е да се запре законот за средно образование кој не е менуван повеќе од 20 години“. Пред да замине на собраниска седница на која е на дневен ред овој предлог, министерката изјави дека жали што тоа се случува по долго очекување на овој и уште шест други закони од областа на образованието.

Скопје - Двата биолошки лека кои недостигаа на Клиниката за онкологија од денеска ги има за пациентите, изјави министерот за здравство Арбен Таравари. 

-Среќен сум да известам дека сите пациенти за кои недостигаше, од денеска ги имаат и овие два биолошки лека, изјави Таравари на настан на кој беше најавен проект за унапредување на образованието за медицински сестри и акушерство.

Соопшти дека постојано е во комуникација со директорот на Онкологија и дека доцнењето се должело на тендерските процедури. 

Скопје - Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со вицегувернерката Емилија Нацевска, оствариле средба со претставници  на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) предводени од претставникот на Канцеларијата на ИФЦ во земјава, Висар Перани, по повод презентацијата на проектот на ИФЦ којшто се однесува на унапредување на дигиталните финансиски услуги и промовирање на финансиската вклученост во регионот, во рамките на нивните стратегиски определби за создавање напреден и одржлив дигитален екосистем.

Иницијативата, како што соопштја од Народната банка, има за цел да ги поддржи иновациите, да помогне во градењето на капацитетите помеѓу давателите на финансиските услуги и да поттикне конкурентна и инклузивна финансиска околина.

Скопје - Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) утре во Скопје ќе ја одржи 33. седница. Домаќин ќе биде потпретседателот на КИФ и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески. На седницата, како што информира Азески, лидерите на коморите од регионот ќе дискутираат за клучните приоритети во 2025 година, имајќи го предвид вид почнувањето на примената на новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар, во кој КИФ е активно вклучен во структурата на управување со процесот во однос на имплементацијата и надгледувањето на мерките предводени од приватниот сектор.

-Со усвојувањето и имплементацијата на стандардите на ЕУ, како основа на мерките во рамките на Заедничкиот регионален пазар, Акцискиот план служи како важна пристапна порта кон единствениот пазар на ЕУ во многу сектори и како алатка за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ, и затоа вклучување на стопанските комори од регионот со активности, преку КИФ во овој процес, е од клучно значење за максимизирање на придобивките, потсетува Азески.

Скопје - Во Културниот центар на Нови Сад, се одржа свечена академија на Националниот совет на Македонците во Србија по повод 20 години од неговото основање. На академијата присуствуваа македонскиот амбасадор во Белград проф.д-р Никола Тупанчевски и директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Србија, Васко Шутаров.

Поздравен говор пред присутните, за историјата и резултатите од работата на Националниот совет на Македонците во Србија во изминатите 20 години, одржа претседателката на советот Зорица Митровиќ.

Честитики за дваесет годишниот јубилеј на свечената академија упатија министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Владата на Република Србија - Томислав Жигманов, специјалниот пратеник на премиерот на Република Србија - Предраг Рајиќ, специјалниот пратеник на премиерот на Република Македонија, заменик министер за евроспки прашања во македонската влада, Викторија Трајков и македонскиот амбасадор во Србија проф.д-р Никола Тупанчевски.

Нови Сад - Ученици од новосадската гимназија „Јован Јовановиќ Змај“ од утрово го блокираа влезот во училиштето, по синоќешен договор на пленум каде усвоија неколку барања, јавија српските медиуми.

Учениците, меѓу другото, бараат директорот на гимназијата Радивоје Стојковиќ да ја повлече изјавата од 29 ноември, како и директорот и училишниот одбор јавно да им се извинат на наставниците и учениците за неправилностите при издавањето на тоа соопштение, пренесува Бета.

Директорот на училиштето од утрово клечи на скалите пред влезната врата на институцијата и според новосадски медиуми - личи дека се моли. На вратата каде директорот клечи се гледа натписот „Јовина е блокирана“.

Загреб - Министерот за наука, образование и млади на Хрватска Радован Фукс изјави дека оценувањето на вработените во образовниот систем, против кое протестираа синдикатите, нема да почне на 1 јануари, бидејќи се уште не се донесени потребните прописи.

„Адвентниот протест“ што во саботата во центарот на Загреб го организираа три од четирите синдикати вработени во науката и образованието, се одржа две недели пред стапувањето во сила на Правилникот за оценување на вработените во јавните служби.

Фукс за ХРТ изјави дека се погрешни информациите дека оценувањето почнува на 1 јануари. Имено, како што рече, за да може да се примени регулативата, надлежните министерства треба да донесат прописи врз основа на кои ќе се врши евалуација во одделни сегменти.

Анкара – Турција не учествуваше во операцијата на вооружената опозиција во Сирија што доведе до пад на режимот на Башар ал Асад, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.

- Турција не беше дел од таков процес. По почетокот на операцијата од страна на Хајат Тахрир ал-Шам и другите опозициски групи, вложивме интензивни напори таа да биде спроведена на најбескрвен начин и без проблеми. Пред ова не сме се обединиле со ниту една земја или група, ниту сме учествувале во планирање на таква операција, рече Фидан.

Според него, немало средба меѓу него или други турски претставници со поранешниот сириски претседател Асад со цел да се разговара за нормализација на односите меѓу Анкара и Дамаск, иако такви обиди неколкупати биле правени со посредство на трети земји.

Брисел - Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас денеска рече дека Брисел поднел листа на Грузијци за санкционирање поради задушувањето на прозападните демонстранти, но Унгарија ги блокира мерките.

- Ние го предложивме списокот за санкции за овие луѓе кои... користат навистина сила и насилство врз опозицијата, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

- Но, сите треба да се согласат со списокот, а ние сè уште не сме таму, одаде таа.

Брисел - Властите во Белгија следната година започнуваат информативна кампања за да ги подготват граѓаните за дејствување во случај на криза, објавија локалните медиуми. Целта е општеството да биде поотпорно и луѓето да знаат како да бараат засолниште, да се евакуираат и што да прават во случај на итност.

Објаснето е дека кампањата е поврзана со војната во Украина, други геополитички конфликти низ светот и зголемената фреквенција на природни катастрофи како неодамнешните поплави во Шпанија.

„Потребен ни е сопствен план и не можеме за се да се потпреме на владата, изјави во оваа прилика министерката за внатрешни работи во заминување“, Анелиз Верлинден.

„Нема причина за паника, но мора да имаме култура на ризик“, се вели во соопштението на белгискиот кризен центар.

Вилнус – Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард денеска изјави дека креаторите на политиките во еврозоната дополнително ќе ги намалат каматните стапки доколку инфлацијата продолжи да паѓа на својот пат кон целта на ЕЦБ од два отсто.

- Доколку дојдовните податоци продолжат да ја потврдуваат нашата основна линија, насоката на патување е јасна и очекуваме дополнително да ги намалиме каматните стапки, рече Лагард во говор во Банката на Литванија.

ЕЦБ повторно ги намали стапките минатата недела бидејќи се чинеше дека инфлацијата е ставена под контрола, а економијата на еврозоната покажа знаци на слабост.

Тeл Авив - Постои досега невидено ниво на подготвеност за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа и кај израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и кај палестинската милитантна група Хамас, изјавија посредници во преговорите за либанскиот весник Ал-Ахбар.

Истовремено, израелски претставник вчера за израелската веб-страница Инет изјави дека договорот може да биде потпишан до 25 декември.

„Израел и Хамас напредуваа во преговорите за решавање на кризата во Појасот Газа, но се уште не е договорен бројот на израелски заложници кои би требало да бидат ослободени во рамки на почетната фаза на договорот“, пренесе Инет, повикувајќи се на извор од Хамас. 

Тел Авив – Израелската компанија за надзор „Целебрите“ соопшти дека ги истражува наводите дека нејзин софтвер бил „користен од српски функционери за хакирање на телефоните на десетици новинари и активисти“ со цел да се инсталира шпионски софтвер на нивните уреди, пишува денеска „Тајмс од Израел“.

Во извештај на организацијата Амнести Интернешнл се наведува дека српски шпионски софтвер направил тајни снимки од екранот на мобилните уреди, копирал контакти и поставувал податоци на сервер што го контролира. Владата, откако израелскиот софтвер бил искористен за отклучување на уредот.

- Во повеќе случаи, активисти и новинари пријавиле знаци на сомнителна активност на нивните мобилни телефони директно по интервјуа со српската полиција и безбедносните власти, соопшти Амнести.

Варшава – Во Украина во последните месеци забрзано се губат симпатиите кон Полјаците, и додека во средината на 2022 година 84 отсто од Украинците имале добро или многу добро мислење за Полјаците, сега само 41 отсто од Украинците имаат такви симпатии, покажа нова анкета за полскиот весник „Жечпосполита“.

Истражување на украинската агенција Инфо Сапиенс за полскиот весник покажа дека процентот на неутрални се зголемува, и за разлика од првата година од војната кога кон Полјаците воопшто немало антипатија, сега пет проценти од Украинците мислат лошо за Полјаците.

„Жечпосполита“ за забрзаното исчезнување на симпатиите како виновник ги гледа првенствено протестите на полските земјоделци кои се обидоа да го блокираат увозот и транзитот на поевтините украински житарки и прехранбени производи.

Тајпеј -  Во Тајван пристигна првата пратка од 38 современи борбени тенкови „Абрамс“ од САД, соопшти денеска Министерството за одбрана на Тајван.  

Вашингтон е еден од најважните сојузници на Тајпеј и негов најголем снабдувач со оружје, што предизвикува негодување од страна на Пекинг. Кина го смета Тајван за дел од својата територија.  

Нарачката од страна на Тајван на вкупно 108 тенкови беше направена во 2019 година. Првата пратка од 38 М1А2 пристигна на Тајван вчера и беше транспортирана до воената тренинг база во Синџу, јужно од Тајпеј, соопшти Министерството за одбрана. Според полуофицијалната Централна новинска агенција, М1А2 се првите нови тенкови што пристигнале на Тајван во последните 30 години.  

Во моментот, тенковските сили на Тајван се состојат од околу 1000 тенкови: домашно произведените CM 11 „Brave Tiger“ и американските M60A3, кои сè повеќе стануваат застарени.  

Џакарта – Индонезија в среда ќе ја екстрадира Филипинката Мери Џејн Велосо, која првично беше осудена на смрт за трговија со дрога, на Филипините, соопштија денеска индонезиските власти.

Велосо, наводно, ќе го отслужи остатокот од казната на Филипините.

Индонезија се согласи да ја екстрадира Велосо на Филипините минатиот месец.

Остани поврзан