10 јуни 2025
Скопје - Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов осомничен за сериозни финансиски злоупотреби, доби триесет дена притвор.
Тој од Кривичен суд ќе биде спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.
Мерката му е одредена поради опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото.
Скопје - Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница ќе разгледа годишни извештаи за работата на Народниот правобранител, на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап и на Агенцијата за администрација.
Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денека ќе присуствува на пуштање во употреба на целосно реконструираното Одделение за управни работи – Скопје во зградата на МРТВ.
Како што сопштија од владината прес-служба, вкупната вредност на проектот (приземје + 1 кат) опфаќа 2.300 метри квадратни, односно 48.000.000 денари. Завршена е прва фаза на проектот, реконструкција на најголемиот дел од приземјето од 1.300 метри квадратни.
Скопје - Трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 млади лица е од невидени размери, велат од Владата и посочуваат дека како Влада имаат обврска покрај целосна истрага и расветлување на случајот, носење на сите инволвирани лица пред правдата, да обезбеди соодветна здравствена заштита и медицинска помош на сите повредени и нивни семејства.
-До сега како Влада обезбедивме 30 милиони денари за транспортот и сместувањето на придружбата односно за членовите на семејствата на повредените пациенти. Но, нашата грижа не завршува тука, бидејќи Кочани е наш приоритет и никој не смее да биде заборавен, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Скопје - Парламентарниот карван под мотото „Собранието за граѓаните, отворено и одговорно“ денеска со настан во Жена паркот во Скопје ја завршува обиколката низ општините во земјава.
Како што соопштија од Собранието, завршниот настан во Скопје е уште една можност граѓаните да се запознаат од поблиску со работата на законодавната власт и да се сретнат со пратениците од своите општини.
Скопје - Повеќе нерегуларности и системски слабости покажала Ревизијата на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност на Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија што ја направил Државниот завод за ревизија.
ДРЗ контатирал дека било извршено бришење од сметководствената евиденцијата на расходуваните движни ствари по попис, без одлука на Владата и без спроведување на постапка за нивно отстранување, како и оти исплата на плата на дел од вработените се врши за не полно работно време и применета пониска стапка при пресметка на надоместокот при спреченост на работа (боледување).
Скопје - Во Кавадарци денеска ќе се одржи промоција на мерките и активностите кои произлегуваат од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
На овие средби покрај заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески ќе бидат присутни и претставници од Општина Кавадарци, Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
Скопје - Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) денеска во Скопје организира трибина за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната.
Настанот е во рамки на активностите на АХВ за одбележување на 7 Јуни, Светскиот ден на безбедна храна, а ќе се обратат директорот на АХВ Оливер Миланов и Барбара Галани, раководител на Секторот за комуникација и партнерство од EFSA.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Скопје - Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје денеска ќе одржи презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники.
Како што соопштија од Град Скопје, во рамки на проектот ќе биде промовирана и новата генерација пожарникари.
Скопје - Книгоиздавателствто „Матица македонска“ денеска ќе ја промовира книгата „Час по незадолжителна лектира“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска.
Како што сопшти „Матица македонска“, станува збор за прва книга за македонскиот роман во 21 век и за издание со иновативна структура што е прво од ваков формат објавено кај нас.
Скопје - Од денеска до 12 јуни ќе се одржи Фестивалот за класичен балет и модерен танц во Македонскиот народен театар, во организација на Детскиот културен центар – Карпош.
Според директорката д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и современиот танц.
Белград - Првиот состанок за планирање на меѓународно учество на специјализираниот саем Експо 2027 Белград ќе се одржи денеска кога претставници од повеќе од 140 земји учеснички ќе имаат можност да ги посетат работите на градилиштата.
Повеќе од 140 земји го потврдија своето учество, со 350 делегати.
Во главниот град на Србија веќе пристигнаа највисоките претставници на држави од целиот свет, министри, заменик-министри, државни секретари, амбасадори и директори на национални институции, кои ги водат клучните политики во областите на надворешната трговија, економскиот развој, спортот, туризмот, културата, иновациите, образованието и младите.
Белград - Нова рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се одржи денеска во Брисел под покровителство на Европската унија.
Белградската делегација, во која учествуваат бројни експерти, ја предводи директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија и главниот преговарач на техничко ниво, Петар Петковиќ.
Белград - Претседателот на Градската изборна комисија на Заечар, Ненад Динуловиќ, ги објави доцна синоќа прелиминарните резултати од локалните избори одржани на 8 јуни во тој град и нагласи дека листата на Српската напредна странка „Не ја даваме Србија - Александар Вучиќ“ освоила најмногу гласови, односно 47,13 проценти од гласовите.
Динуловиќ, исто така, нагласи дека нема да има повторување на изборите на ниту едно избирачко место бидејќи нема ниту една законска основа за поднесување приговор.
Тирана - Албанската парламентарна комисија за економија и финансии даде зелено светло за Предлог-закон за енергетска ефикасност во станбените згради, кој предвидува реновирање на 745.000 објекти, јави Албанската радиотелевизија.
Целта е да се постигнат нула емисии од станбениот фонд во Албанија до 2050 година.
Зградите планирани за реновирање се протегаат на површина од 60 милиони квадратни метри.
Лос анџелес - Околу 700 маринци привремено ќе распореди американската војска во Лос Анџелес додека пристигнат дополнителни војници на Националната гарда, изјави функционер на американската администрација.
Околу 300 војници на калифорниската Национална гарда беа распоредени на улиците на Лос Анџелес во неделата за да помогнат во смирувањето на третиот ден од протестите против имиграциските мерки на претседателот Доналд Трамп, потег што демократскиот гувернер Гевин Њусом го нарече нелегален.
Вашингтон - Американската администрација за храна и лекови објави дека повеќе од 20 милиони јајца се повлечени од продажба откако 21 лице беше хоспитализирано поради салмонела, јавија американските медиуми.
Јајцата, што беа дистрибуирани од August Egg, се продавани во голем број малопродажни објекти, вклучувајќи ги Walmart и Safeway Stores, помеѓу 3 февруари и 19 мај.
Според ФДА, јајцата се во продажба од 4 март.
Вашингтон - Американскиот секретар за здравство, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, го распушти експертскиот советодавен одбор за вакцини, што традиционално ги водеше препораките за вакцини на федералната влада, нагласувајќи дека групата е „преполна со судири на интереси“, јави Си-Ен-Ен.
Целиот 17-член Советодавен комитет за имунизација (ACIP), што ги советува Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) за распоредите за вакцинација и задолжителното покривање на имунизацијата, ќе биде повлечен и заменет со нови членови, објави Кенеди во колумна на Волстрит џурнал.
Барселона - Унијата за Медитеранот (UFM), организација што ги обединува 43 земји, предупреди дека за 25 години може да има повеќе пластика отколку риби во Средоземното Море доколку управувањето со отпадот не се подобри радикално.
„Средоземното Море е една од областите најзагадени со пластика во светот“, предупреди организацијата од своето седиште во Барселона по повод Светскиот ден на животната средина.
Лондон - Трансферот на напаѓачот на Ајнтрахт, Хуго Екитике во Челзи е во опасност да пропадне.
Според „Sky Germany“, англискиот клуб одбил да плати 100 милиони евра за 21-годишниот Французин.
Ваков развој на настаните би можел да го искористи Ливерпул, кој исто така е заинтересиран за трансферот на Екитике.
Нион - Раководството на УЕФА планира до 30 јуни да го разјасни учеството на Кристал Палас во Лигата на Европа, пишува „Дејли мејл“.
Постои голема веројатност или самиот клуб или другите страни засегнати, пресудата да ја оспорат пред Судот за спортска арбитража.
Така, на исклучувањето од Лига Европа може да се жали мнозинскиот сопственик на Кристал Палас, Џон Текстор, кој поседува и контролен пакет акции во Лион, уште еден учесник во Лига Европа. Според правилата на УЕФА, еден инвеститор не може да контролира повеќе од еден клуб во европските натпреварувања.