МИА Општински пул
- МИА Општински пул
11 декември 2025
Битола - Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ додели плакета на градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски во знак на јавна благодарност за поддршката на фестивалот.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираа дека на заедничка средба со градоначалникот Коњановски, директорот на фестивалот Димитрија Доксевски и извршниот директор Роберт Јазаџиски биле разменети информации за досегашната и идната соработка меѓу фестивалот и општината.
Првите луѓе на фестивалот „Браќа Манаки“ на градоначалникот Коњановски му врачија плакета со мотив од плакатот за 46-то издание чиј автор е светски познатиот македонски сликар Киро Урдин.
Струмица - Со свечена седница на Советот на Општина Струмица заврши одбележувањето на Денот на заштитниците на градот-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.
За значењето на овој ден на седницата говореше градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
-Нема град што расте ако нема корен. А нашиот корен е токму тука: во подвигот на светителите. Во нивната непокорна љубов кон доброто. Во нивната неисплашена смелост пред неправдата. Денес, и кога улиците ни се полни со светла, и кога градот расте и се развива знаеме дека под тие светла гори и едно друго светло, нешто постаро, нешто посилно, светлото од тивериополските кандила. И навистина, се чувствува мирот над Струмица. Денес, над нашиот град има благослов. За да чекориме сигурно напред, мора да се ослободиме од сопствените сенки. Мора да престанеме да ја храниме нашата суета, да престанеме да се мериме по тоа кој е погласен, кој е повиден, кој е прв. Зашто силата на заедницата секогаш била поголема од силата на индивидуата, рече градоначалникот Јанков.
Штип - Клиничка болница-Штип денеска објави колку специјалистички прегледи и интервенции се извршени на речиси сите одделенија во болницата во период од 11 месеци, или од 1 јануари до 1 декември 2025 година. Во пишаното соопштение од Клиничка болница-Штип, кое е објавено на социјалните мрежи се наведува дека болницата во Штип е клучна алка во здравствениот систем и носител на најголемиот товар во источниот регион. Во него се наведува дека и покрај ограничениот број на вработени, или какошто пишува „само 415 посветени професионалци, нашиот колектив секојдневно обезбедува квалитетна, навремена и достапна здравствена услуга“.
-Во периодот од 1 јануари до 1 декември 2025 година се реализирани, да напоменеме дека ова е информација само за дел од службите: 10.977 уролошки амбулантски прегледи, 402 приеми на одделение, 193 операции, 67 биопсии на простата, 458.728 лабораториски анализи, 72.383 повеќе за разлика од целата 2024 година, 1.380 коронарографии, 498 стентирања, 69 периферии, ехокардиографии 2.349, 9.210 кардиолошки прегледи, 122 коронарни стрес теста, 5.551 инфектолошки преглед, 493 приеми, 8.088 невролошки прегледи 613 хоспитализации, потоа 11.507 ортопедски прегледи, 595 хоспитализации 504 операции, 580 мали интервенции, 1.283 максилофацијални прегледи, 80 интервеницц, 103 приеми (еден лекар специјалист), 6.471 хируршки прегледи, 1.005 приеми, 731 операција, 788 интервенции, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
Скопје - Градот Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови придонесувајќи во разубавувањето на празничниот амбиент на градот за време на Новогодишните и Божиќните празници.
Заинтересираните граѓани кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, во периодот од 11 до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адресата, учесниците можат да ги испраќаат на интернет-адресата kabinet.nastani@skopje.gov.mk, или на адреса: булевар „Илинден“ бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски“.
Градот годинава ќе избере победници во три категории: најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа; најубаво новогодишно украсена тераса од стан и најубави раскази напишани од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Охрид – Општинската организација на Црвениот Крст од Охрид и оваа година ќе ја спроведе новогодишната хуманитарна акција „Волшебна елка“ наменета за децата од социјално загрозените семејства.
Во соработка со „Oхридмол“ во просторот на молот кај големата Новогодишна елка, волонтерите на Црвен крст Охрид во посебен сад ќе постават волшебни лампиони во кои ќе се напишани скромните новогодишни желби на децата од социјално загрозените семејства од Охрид и Дебрца. Секој хуман сограѓанин, фирма, институција ќе има можност да избере еден или повеќе волшебни лампиони, да го обезбеди подарокот и на тој начин да ја исполни новогодишната желба на некои од дечињата.
Акцијата ќе трае од денеска до 22 декември, а децата своите новогодишни подароци ќе ги добијат на предновогодишна забава што че биде организирана на 25 декември.
Дебар - Повереникот со надлежности на градоначалник, Арјан Ибраим повторно ќе биде кандидат на Демократската партија на Турците, на повторените избори, што ќе се одржат на 11 јануари.
-До Општинската изборна комисија има доставено кандидатура за Арјан Ибраим од ДПТ. Рокот завршува денеска на полноќ. Независен кандидат нема, рече за МИА, Неџип Илјаз, претседател на комисијата.
Ибраим(52) градоначалник на оваа општина беше три последователни мандати. На изборите на 19 октомври тој беше поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и освои 950 гласови, додека двајцата против кандидати Инает Баки и Алил Емрула освоија 386 односно 227 гласа.
Поради необезбедени цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело, односно 7551 лице, изборот за градоначалник се повторува.
И на претходните избори, во октомври 2021 година, во оваа печалбарска општина, во двата круга на гласање не беше обезбеден потребниот цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело. Владата потоа го наименувана Ибраим за повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалник.
Кочани - Боречкиот клуб „Спартак“ – Кочани в сабота, 13 декември, во Спортската сала кај Гимназијата го организира 25-от Меѓународен турнир во борење слободен стил „Легендите на Спартак“, оваа година во чест на жртвите од трагедијата од 16 март, во спомен на кочанските ангели.
На меморијалот ќе настапат борачи од Македонија, Бугарија и Албаниј во машка и женска конкуренција, на возраст од 11 до 17 години.
Првите борби започнуваат во 10 ч., свеченото отворање е во 14 ч. Финалните борби и прогласувањето на победниците е закажано во 15 ч.
Годинава кочанскиот боречки клуб „Спартак“, клубски европски вицешампион во 1976 - та, одбележува 65 години постоење.
Турнирот се организира со поддршка на Министерството за спорт, Боречката федерација на Македонија, Општина Кочани и Светската боречка федерација.
Скопје - Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска се сретна со делегација од Амбасадата на САД предводена од амбасадорката Анџела П. Агелер, која беше прва посета во Градот Скопје откако е на својата должност, информираат од Град Скопје.
-Денеска со особено задоволство бев домаќин на делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, предводена од амбасадорката Н.Е. Анџела П. Агелер. Во делегацијата учествуваа и Дејвид Маерс, шеф на Политичко-економскиот оддел, како и Розита Мреношки, помошник за политичко-економски прашања. Ова е прва посета во градот Скопје на амбасадорката Агелер откако е на својата должност. Ја информирав за изборната програма, за динамиката на нејзина реализација и тековните проекти кои Град Скопје ги спроведува, напиша Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.
Разговаравме, вели тој, отворено за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години.
-Особено важно беше заедничкото согледување на потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.