МИА Општински пул
- МИА Општински пул
12 декември 2025
Гостивар - Две лица се пренесени во гостиварската болница со повреди здобиени при пад на мал спортски авион во водите на Мавровското Езеро, информират од СВР Тетово.
Според портпаролот, Фатмир Реџепи, денеска во 12:35 часот во СВР Тетово – ОВР Гостивар е пријавено дека во Мавровското Езеро, во близина на браната „Белички канал“ паднал мал спортски авион.
-Според пријавеното, од авионот на копното успеале да излезат двајца косовски државјани Џ.П.(41) и Д.М.(64), кој го управувал леталото. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во Медицински центар Гостивар за укажување помош, изјави портпаролот Фатмир Реџепи.
Полициски службеници од Полициското одделение Маврово веднаш излегле на местото и во разговор со нив Д.М. изјавил дека поради проблем со моторот слетал во езерото, близу до браната.
Куманово - Почнаа подготовките за единаесеттото издание на Бадниковата поворка во Кумановo, соопштија денеска организаторите. Годинашниот настан ќе донесе нови содржини и проширени активности, со цел да се зачува духот на празникот, но и да се поттикне креативноста и учеството на најмладите.
Новина е воведувањето на литературен конкурс на тема „Божиќ“, организиран во соработка со Друштвото на писатели од Куманово и со поддршка од Општината. Основци и средношколци можат да испраќаат свои творби до 20 декември, а најдобрите ќе бидат наградени.
Минатогодишната поворка постави рекорд со над 400 деца-учесници, а се очекува сличен одзив и оваа година. За да го збогатат учеството, организаторите воведуваат нов концепт, децата ќе можат самостојно да ги изработуваат традиционалните ѕвездички дома.
На официјалната Фејсбук-страница на здружението веќе се објавени видео упатства, кои изработката ја претвораат во семејна работилница, активност што минатата година се покажа како особено успешна.
Делчево - Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денеска на прес-конференција ја претстави новогодишна програма, која ќе трае 22 дена и, како што истакна, претставува најобемна и најбогата манифестација организирана досега во градот.
Во рамки на програмата ќе настапат бројни македонски изведувачи, меѓу кои Ламбе Алабаковски, BROOKA BAND, Ангел, Иван и Драган, Бумбари, Амбасадор, како и диџеите DJ Bryan, DJ Brysid, DJ Freeky и Filip–Rocci–Hristijan Sax. Публиката ќе може да проследи и настапи од групата „Троја“, Грин-џ зимскиот уличен фестивал, Баскерфест – Македонија, Кирил Пантомима, Штулар – Grinch и голем број забавувачи и аниматори за најмладите.
Според градоначалникот Гоцевски, урбаниот простор на Делчево во празничниот период ќе биде исполнет со уметници од локалните и националните институции – основните и средните училишта, детската градинка, Центарот за култура, граѓански здруженија, како и познати македонски уметници од различни музички жанрови.
Под отворено небо, граѓаните ќе можат да уживаат во настапи на диџеи од повеќе електронски стилови, како и во македонска стара и современа музика, евергрин хитови, рок, рееге, блуз и поп музика. Програмата ќе биде збогатена со улични артисти, костимирани аниматори и традиционалниот Дедо Мраз, кој ќе доделува новогодишни пакетчиња за сите деца до петто одделение.
Куманово - Продолжува соработката помеѓу Општина Куманово, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово и партнерите од Тирол, Австрија, информираа денеска од општината. Петмина претставници на ТППЕ Куманово и волонтери во моментов следат стручна обука во Австрија за функционирање и управување со противпожарни возила, при што се запознаваат и со австрискиот противпожарен систем.
Од општината додаваат дека Куманово ќе добие две противпожарни возила, од кои едното ќе се користи за потребите на ТППЕ Куманово, а второто возило ќе го користи доброволното противпожарно друштво. Новата опрема има за цел значително да ги зајакне капацитетите за интервенција на терен.
Претходно Куманово преку донација доби современо возило со корпа и хидраулична скала од 32 метри, што ги проширува можностите за брза и ефикасна интервенција, особено во висококатници и ситуации кои бараат спасување на големи височини. Овој тип опрема досега недостигаше во најголемата општина во државата.
Охрид – Културното наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во средините во кои се евидентни климатските промени, деградацијата на просторот и притисокот од масовниот туризам, станува неопходно да се применат интегрирани методологии кои ги поврзуваат научните знаења и практиките и современите технологии. Заштитата на наследството во таа смисла е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации. Тоа го истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во обраќањето пред учесниците на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ што се одржа во Охрид.
Министерот во обраќањето посочи дека од климатските ризици до социоекономските нарушувања, видливо е дека културата не може да остане на маргините на општествениот и цивилизацискиот развој. Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа усвоена во Охрид во 2014 година, ги постави темелите на соработката во областа на кулутрата во регионот, но како што посочи, денес е очигледно дека формалниот избор на приоритетите мора да се прошири со функционални механизми и со зацврстена меѓусебна доверба. Културните политики се најуспешни тогаш кога се втемелени и на институционална рамка и на човечка интеракција, нивната сила произлегува истовремено од визијата и од луѓето што ја реализираат.
Битола - Актери на НУ Народен театар и театарот Бабец, на покана на македонско-шведското друштво „Пелистер“ гостуваа во градот Трелеборг.
Пред македонските иселеници во Шведска, битолските актери ги изведоа претставите ,,Ако останеш дома" работена по мотиви на Карој Сакони и „На гости кај Кате и Фреда“, подготвена според делото на Ингеборг Фон Задов, и двете претстави во режија на Јован Ристовски.
Приходот од продадените билети за двете театарски претсави беше дониран за ,,Македонска Библиотека Трелеборг” и придонесува во развојот на македонската заедница во Шведска, истакнаа организаторите на културниот настан во Трелеборг.
Прилеп - Осумдневно бебе од Прилеп било вчера донесено на детското одделение во прилепската болница без знаци на живот. Бебето починало, а прилепското основно јавно обвинителство отвори предмет и нареди обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Според СВР Битола, во полицијата за случајот било пријавено вчера изутрината во 8.35 часот.
- Во 8,35 часот вчера на 11 декември е пријавено дека на детското одделение во општата болница „Борка Талески“ во Прилеп без знаци на живот било донесено бебе старо осум дена. По наредба на јавен обвинител, телото на бебето е дадено на обдукција, соопштуваат од СВР Битола.
Од Основното јавно обвинителство го потврдуваат случајот и велат дека е отворен предмет зашто родилката се породила во прилепската болница и по два дена на нејзино барање си заминала со бебето.
Неготино - Во салата за состаноци на Општина Неготино, денеска доделив 38 ваучери со вредност од 7.000 денари на родители кои во изминатиот квартал имале новороденчиња и го прошириле своето семејство, информираше градоначалничката Марија Нацева на нејзината „Фејсбук“-страница.
За таа цел, како што појасни Нацева, од буџетот на општина Неготино биле издвоени средства од 266.000 денари како еднократна поддршка за семејствата со новороденчиња.
- На сите присутни им ги честитав приновите, а на бебињата им посакав добро здравје и среќа во животот. Со денешниот настан го заокружуваме доделувањето ваучери за тековната година, а со иста динамика продолжуваме и во 2026 година, додаде градоначалничката.
Кавадарци - Започна изградбата на нов модерен био пазар во Кавадарци - инвестиција во здравјето, земјоделието и локалниот развој, се наведува во денешната објава на „Фејсбук“ на градоначалникот Митко Јанчев.
- Ваквиот вид на пазар ќе биде прв од ваков вид во Тиквешкиот регион, инвестираме во здравјето, земјоделието и локалниот развој во Кавадарци, се додава во објавата.
Како што појаснува градоначалникот, овој проект има за цел да обезбеди современ, уреден и сертифициран простор каде локалните земјоделци, органски производители и мали семејни бизниси ќе можат директно да ги продаваат своите производи, нагласува, без посредници - по фер цени, со зголемена доверба од потрошувачите.
- Со овој капитален проект инвестираме во три столба - здравјето на граѓаните, економската моќ на нашите производители и одржливата иднина на Кавадарци. Ова е простор каде локалното добива вистинско значење. Клучни карактеристики на био пазарот: простори за продажба на органски јаткасти плодови, мед, преработки и домашни прозводи, сирење, кашкавал, урда, путери од јаткасти плодови и слично, објектот ќе биде поделен на 15 деловни единици, нагласува Јанчев.