МИА Општински пул
- 15 јануари 2026
15 јануари 2026
Битола - Општина Битола во 2026 година утврди програма за животна средина за чија реализација ќе вложи 11,5 милиони денари.
Главна цел на програмата е постигнување повисок степен на решавање на состојбите во сферата на животната средина и зачувување на квалитетот на медиумите на животната средина, со што ќе се заштитува здравјето и ќе се подобрува квалитетот на живот на граѓаните.
Според програмата, во претстојнава година локалната самоуправа ќе влијае врз заштитата и подобрување на квалитетот на амбиентен воздух, управување со отпад и намалување на диви депонии во градот и околината, заштита од бучава, подигнување на јавна свест и вклучување на заедницата, но и зголемување на бројот на зелените површини и урбаното зеленило во општината.
Со одлука на општинскиот Совет за реализација на програмата планирани се 11,5 милиони денари, а од нив 1,5 милиони ќе бидат доделени за изработка на стратегија за развој на зеленило, 3 милиони денари за субвенционирање на инвертер клима уреди, еден милион денари ќе бидат доделени за субвенционирање на замена на дограма за домаќинствата, еден милион за субвенционирање на велосипеди, 3 милиони денари за поставување подземни садови за собирање на комунален отпад, а средства ќе има и за други креативни еко-проекти.
Струмица - Преку општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми „Систем 48“ лани биле решени 1.046 проблеми од вкупно пријавените 1.153 од страна на граѓаните.
Според информацијата од Општината, за останатите 107 е потребно повеќе време од 48 часови и истите биле проследени до надлежните служби.
Најголем број од доставените пријави се од областа на улично осветлување 777, од областа на собирање смет 241, водовод и канализација 74, паркови и зеленило 70, улици, патишта и тротоари 19 и општински инспекциски служби 12.
Во информацијата се додава дека целта на општинскиот сервис „Систем 48“ е зголемување на транспарентноста на јавно достапните услуги кои ги нуди Општина Струмица, подобрување на нивниот квалитет и професионално решавање на пријавените проблеми.
-Следејќи го овој принцип „Систем 48“ како јавно достапен сервис за сите граѓани на општина Струмица, а кој успешно функционира веќе 14 години, ја отсликува работата на поголем дел од општинските служби кои проблемите пријавени од граѓаните ги решаваат во најкраток можен рок, се наведува во информацијата од локалната самоуправа.
Од „Систем 48“ им благодарат на граѓаните за користењето на нивните услуги и остануваат во нивна служба за решавање на проблемите преку пријавување на бесплатните телефонски броеви 080014848 и 076/484-848.
Инаку, во 2024 година преку општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми биле решени 1.119 проблеми од вкупно пријавените 1.191 од страна на граѓаните.
Струмица - По доволно поминато време и по донесена лична одлука, одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ, објави на неговиот фејсбук профил поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
- Сакам јасно да нагласам дека останувам зад сите мои претходни ставови и позиции по однос на бројни прашања од јавен интерес и дека овој чекор не значи нивно менување или повлекување.Во овој момент не најавувам никаква форма на активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно, напиша Костадинов.
Додава дека единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во имe на секој еден социјалдемократ.
Инаку, Костадинов го замрзна членството во СДСМ пред локалните избори кога од партиската централа во Скопје не беше кандидиран за втор градоначалнички мандат.
Кочани - Жителите на Нивичани, село десетина километри оддалечено од Кочани, упатија апел за итно чистење на мразот од коловозот кај месноста позната како „Кршов бунар“.
Станува збор за локален планински пат кој се искачува на Осоговските Планини и Кочани го поврзува, освен со Нивичани, и со селата Пантелеј, Рајчани,Турско Рударе, како и со Пробиштип.
Поради заледената подлога кај „Кршов бунар“, сообраќајот на овој патен правец се одвива отежнато.
Луѓето од Нивичани бараат надлежните служби навремено да реагираат, со цел да се спречи евентуална несреќа и да се обезбеди безбедно движење за сите учесници во сообраќајот.
Скопје - Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска - Трајкоска ќе оствари средба со претставници на локалниот бизнис сектор, информираат од локалната самоуправа.
Како што се посочува во соопштението, денешниот настан е со наслов „Градиме доверба и вмрежување на деловните луѓе од општина Кисела Вода“.
Најавено е и присуство на заменик - министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Тетово - Фудбалерите на второлигашот Тетекс од Тетово вчера ја имаа првата прозивка со што почнаа да се подготвуваат за вториот дел од сезоната. Од екипата заминуваат шест фудбалери, а во текот на преодниот рок ќе се договараат нови засилувања.
- Подготовките ќе се одвиваат во Тетово, тука на фудбалскиот стадион со вештачка трева на Спортско-рекреативниот центар во градот. Имаме закажано шест контролни натпревари. Околу играчите, шест играчи имаат заминато од претходната полусезона, а со четворица е договорено да пристапат. Управата работи на тоа да донесат уште некој играч, информираше Петар Митев, тренер на голманите.
Шеф на стручниот штаб и понатаму ќе биде Марјан Билбиловски, а како играч и тренер ќе настапува Блашко Николовски.
- Целта е да се обезбеди директен опстанок во лигата, да не бидеме во ситуација, како претходните години кога сме останувале преку бараж или во последно коло да се бориме, ќе пробаме што порано да го обезбедиме тој опстанок. Така да ќе се подготвиме како што треба, истакна Петар Митев.