МИА Општински пул
- МИА Општински пул
11 декември 2025
Тетово - Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово упатува јавна реакција по најавата на Општина Тетово дека ќе се возобновува Саат кула од Османслискиот период, оценувајќи дека се развива погрешна политика во третманот на културното наследство во градот Тетово. Тие велат дека додека вистинското градско архитектонско културно наследство пропаѓа Општина Тетово воскреснува објекти од Османлиската империја.
-Во моментов ни пропаѓаат Старата пошта, заштитените куќи на ул. Кузман Јосифивски Питу, ул. Страшо Пинџур, ул. Радован Цониќ, Арабати Баба Теќето, фрескописот во црквата Св. Никола, а Центарот за култура ,,Иљо Антески Смок" особено во фасадниот дел е во очајна состојба, притоа се заканува рушење на култниот Ловец, а Монопол е речиси целосно срушен, фасадите на градскиот трговски центар и пазарот ги менува кој како сака, се префарбуваат муралите на Павле Кузмановски во јавните објекти...Општина Тетово ваквата очајна состојба во третманот на градското архитектонско и културно наследство го пресретнува со најава за подигнување на Саат кула, на местото на таква срушена кула од времето на Османлиите, велат во реакцијата од Сојузот на борци Тетово.
Според нив секоја совесна власт би алоцирала интервентен фонд или би вршела притисок на институциите за подобрување на состојбата и преземање на мерки за непосредна заштита.
Кочани - Боречкиот клуб „Спартак“ – Кочани в сабота, 13 декември, во Спортската сала кај Гимназијата го организира 25-от Меѓународен турнир во борење слободен стил „Легендите на Спартак“, оваа година во чест на жртвите од трагедијата од 16 март, во спомен на кочанските ангели.
На меморијалот ќе настапат борачи од Македонија, Бугарија и Албаниј во машка и женска конкуренција, на возраст од 11 до 17 години.
Првите борби започнуваат во 10 ч., свеченото отворање е во 14 ч. Финалните борби и прогласувањето на победниците е закажано во 15 ч.
Годинава кочанскиот боречки клуб „Спартак“, клубски европски вицешампион во 1976 - та, одбележува 65 години постоење.
Турнирот се организира со поддршка на Министерството за спорт, Боречката федерација на Македонија, Општина Кочани и Светската боречка федерација.
Охрид – Охрид и Република Македонија се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Отворањето на конференцијата е предвидено за утре во 10 часот, со воведно обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат уште и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ минатата година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Кавадарци - Водата за пиење во Кавадарци повторно е исправна, по неколкудневната препорака да се преврива пред употреба, информираат од ЈП „Комуналец“.
Оттаму соопштуваат дека Сектор водовод при ЈП ,,Комуналец" Кавадарци на карактеристични места низ градот направил интерни испитувања на водата за пиење.
- Со испитувањата се утврди дека присуството на резидуален хлор во водоснабдителниот систем е во граници на нормалата. Со ова се констатира дека водата од градскиот водовод Лукар е исправна и може да се употребува за пиење, се вели во известувањето до јавноста, објавено на Фејсбук страницата на претпријатието.
Претходно, поради, како што наведоа, обилните дождови на изворите Лукар, од комуналното претпријатие известија дека водата во градскиот водовод била заматена и пред консумирање потребно било да се преврива.
Тогаш истакнаа дека во корелација со Центар за јавно здравје Кавадарци состојбата се следи и најавија дека дополнително ќе известат, кога ќе се нормализира состојбата со водата.
Битола - Здружението планинарско-спортски клуб „Пелистер“ – Битола, најтрофејното и најстарото национално планинарско-спортско друштво на Република Македонија, формирано во 1935 година, слави 90 години постоење.
Во рамки на јубилејната програма, вечер во Битола пред планинарите и рекреативците од градот и држава, ќе гостува д-р Сашко Кедев, кој во битолскиот театар ќе ја претстави преентацијата „14х8000 метри“, а в недела на планината Баба ќе биде изведена планинарска пешачка тура.
Во архивите на клубот е забележано дека тој е основан во Битола во 1935 година како Туристичко-планинарско друштво „Пелагонија“, а Здружението планинарски спортски клуб „Пелистер“ е негов правен наследник. Како основоположник на македонското национално планинарско движење друштвото ги постави основите на организираното планинарење и скијање во Македонија.
Во текот на своето постоење ги изнедри најголемите имиња на битолското и македонското планинарство, меѓу кои и Димитар Илиевски Мурато, кој во 1989 година стана првиот Македонец што го освои Монт Еверест.
Од ПСК „Пелистер" произлегоа многу државни прваци во скијање во сите категории, а неговите планинари стигнаа на највисоките точки од Балканот, односно планинските врвови Мусала, Олимп, Триглав, Пирин, Кораб, Пелистер, Пинд, Боботов Кук, Солунска Глава, но и на највисоките места од Европа и светот, како што се Елбрус, Матернхорн, Арарат, Доломити, Монблан, Аконкагва, Килиманџаро, Врвот на Комунизмот, Хималаите, информираа од ПСК „Пелистер“-Битола.
Гостивар – Невзат Бејта на повторените избори за градоначалник на Гостивар, ќе го бара третиот мандат. Тој синоќа на неговиот профил на Фејсбук ја објави кандидатурата и дека ќе има поддршка од коалицијата Вреди.
- Почитувани граѓани на Гостивар, согласно резултатите од анкетите и по консултациите со лидерите на Вреди, беше одлучено кандидат на Вреди за овие избори во Гостивар да бидам јас. За официјализирање на ова иницијатива, чија единствена цел е доброто на градот и граѓаните на Гостивар, утре во 12 часот ќе ја поднесеме кандидатурата до Општинската изборна комисија, стои во објавата на Бејта.
Во обраќањето до граѓаните, Невзат Бејта упати покана да го придружуваат во поднесувањето на кандидатурата во малиот парк до општинската зграда.
Бејта изминативе дваесетина години изгради богата политичка кариера. Беше во два наврати градоначалник на Гостивар (2005-2009 и 2013-2017), претходно пратеник од редовите на ДУИ, потпретседател на партијата и министер за локална самоуправа. Тој беше кандидат на ДУИ и во 2021 година кога за против кандидат го имаше Арбен Таравари.
Невзат Бејта е вториот кандидат кој влегува во трката за градоначалник на општина Гостивар, откако Ваљбон Лимани вчера ги поднесе документите до ОИК.
Тетово - Со втор предновогодишен концерт „Новогодишна музичка магијa“ детскиот хор „Крешендо“ се претстави пред тетовската публика. Хорот со деца од шест до 12 години на диригентките м-р Фотини Георгиадис Кировска и проф.Марија Пулковска Здравковска настапи со 15 песни, а беа изведени и неколку драмски пиеси.
-Крешендо пее за сите убави и тажни работи. Пее за секое едно дете, испраќа пораки за љубов, сигурност и среќа. Со песничките создаваме вистинска новогодишна магија, магија во која светот е прекрасен. Вечерашните песни инспирираат детско единство, сочуствување и колективна акција да му се пружи детска рака на оној на кој му е потребна. Имаме одговорност да си помагаме едни на други особено ако сме во можност да го направиме тоа, посочија диригенките.
Аранжманите за композициите се дело на двете диригентки во соработка со проф.Ираклис Георгиадис. За пиесите на децата актери Никола Стојановски и Данило Ивановски се погрижи режисерот Саше Серафимовски.
Хорот го придружуваше оркестарот, кој го сочинуваат Ираклис Георгиадис (пијано), Теодор Јаневски (перкусии), Владимир Ивановки (бас гитара), Филип Поткоњак (електрична гитара), Венеса Митевска (флејта), Шкељзен Пајазити (виолина), Ангел Манојлов (труба), Лука Тодоровски (кларинет), Антонио Лазаревски (саксофон), Марко Ѓорѓијоски (кларинет).
Крива Паланка - Будењето на свесноста, присуство во моментот, вечните категоории: проблеми и промени, четирите најопасни карактеристики што го разнебитуваат човекот: страв, тага,стрес и гнев се четирите најопасни карактеристики што ги разнебитуваат човекот, важноста е да се бара и пронајде смислата на постоењето, беа темата на синоќашното предавање во Крива Паланка на тема „Будење на свеста“ од универзитетскиот професор Зоран Крстевски.
Предавањето беше во организација на Национална установа Центар за култура Крива Паланка со поддршка од Министерство за култура и туризам.
Крстевски зборуваше за тоа како да ја разбудиме позитивната енергија во себе и да ја насочиме кон подобро здравје, хармонија и секојдневна радост.
-Премногу сум задоволен и од посетеноста и интересот на присутните со внимание да го слушаат предавањето, така што почнувајќи од вечерва , се надевам и во други прилики ќе можам да им пренесам некои индикативни методи за будење на свесноста, работа на себе, хармонизирање на личноста, бидејќи ова денешно време на разни непријатности, притисоци и негативни состојби, многу е важно луѓето да ја одржуваат својата личност, да се потпрат на себеси, да го фатат правецот на позитивната енергија. Овде, во Крива Паланка, забележав голем потенцијал за градење на таа позитивна енергија, методи што сум ги напишал и проучувал во книгата „Будење на позитивната енергија“, рече Крстевски.
Од НУЦК Крива Паланка истакнаа дека читалната во библиотеката била претесна да ги собере сите заинтересирани, поради што предавањето се одржа во салата на Советот на општина Крива Паланка.