• петок, 08 ноември 2024
МИА Радио флеш

30 август 2024

Гевгелија - Очекувам напролет да се вози по одредени делници, а до крајот на 2026 година конечно да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид, рече денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање при посетата на Гевгелија.

Соопшти дека Владата донела нов закон за измена и дополнување на Законот за реализација на автопатот Кичево-Охрид, кој следната недела треба го усвои Собранието и со него ќе биде решен еден од основните проблеми за реализација на овој автопат.

Како што посочи Николоски, законските иамени се во делот на техничките каректеристики на асфалтот што се користи за финализирање на завршните слоеви на автопатската делница, прилагодени на домашните геолошки услови. 

Гевгелија - Обезбедив 30 милиони денари за изградба на „Западен булевар“ во Гевгелија и очекувам набрзо да започне неговата изградба. Претходно со околу 10 милиони денари се реконструираше улица во населеното место Мрзенци и ова е начинот како оваа Влада дава силна поддршка за развој на општините, истакна денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија.

Потенцираше дека се обезбедени 100 милиони евра за оваа година за инфраструктурни проекти за општините, а за следната година планирани се 250 милиони евра директна поддршка исто така за проекти во општините.

Николоски заедно со градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, го посетија и населеното место Миравци каде пуштија во употреба новоизграден пазар.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска потврди дека ќе продолжи да се спроведува Договорот за набавката на осум хеликопетри од италијанскиот производител Леонардо, склучен на ниво на држава со држава од поранешната Влада и ја повика Антикорупциската комисија да се произнесе поскоро за поднесената претставка по однос набавката.

-Денеска официјално ќе имаме управна група каде што ќе има две точки за разгледување - новиот буџет за наредната година каде треба да ги испланираме сите средства и исто така да ги видиме програмските цели за наредната година. Тука се сите оние цели што НАТО ги задава како нашата обврска, но и да ги разгледаме сите потребни наши чекори како да обезбедивме средства за дополнителни финансии. Имаме  потпишан договор кој чини навистина премногу со Леонардо за пристигнување осум хеликоптери. Вчера имавме состанок со амбасадорот и со новото аташе и со старото кое замина. Разговаравме за повеќе работи. Сега треба да се формираат дополнителни тимови каде што ќе започне оваа постапка за да се почитува договорот, рече Мисајловски на новинарско прашање останува ли договореното хеликоптерите Леонардо да почнат да пристигнуваат во 2026 година. 

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денека потврди дека е подготвен нов пакет помош за Украина, кој наскоро треба да се најде на владина седница, што е обврска на земјата како членка на НАТО.

-Точно, има дополнителен пакет за помош кон Украина. Многу скоро ќе биде на седница на Влада, иако чека сите министри да добијат безбедносни сертификати бидејќи дел од овие информации се со доверлив карактер. Наскоро ќе се обзнани што дополнителна опрема ќе се дава. Но, таа опрема е од претходната што се давала, дел од тоа што останало дополнително да се предаде, рече Мисајловски прашан за новото украинско барање за помош пристигнато на НАТО Самитот во Вашингтон, дали тоа било разгледано со претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова и со шефот на дипломатијата.

Мисајловски кажа дека е многу важно да се направи проценка на вредноста на донираната помош, што не било направено досега.

Скопје - Назначувањето на началникот на ГШ на Армијата генерал - мајор Сашко Лафчиски е согласно закон и сите прописи, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски и потврди дека од страна на Антикорупската комисија е отворен предмет за новоназначениот началник.

-Стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и од стана на ГШ, исто така има доставено до претседателката, сите заеднички ќе одговориме. Но јас сакам да ве уверам дека е согласно закон и сите прописи, рече Мисајловски на новинарско прашање по примопредавањето на опрема од Република Турција за Армијата во касарна „Илинден“.

Скопје -  Во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ денеска во просториите на Заедницата на единиците на локалната самоуправа - ЗЕЛС се одржа јавна дискусија за предлог законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници со учество на општинската администрација, а во организација на Министерството за јавна администрација со поддршка на ЗЕЛС. На јавната дискусија претставниците на сите општини во земјава можеа да ги искажат своите забелешки за трите предлог-законски решенија за јавна администрација.

-Владата преку Министерството за јавна администрација е силно фокусирана на овие значајни реформски закони за коишто очекуваме да се вклучат што е можно повеќе заинтересирани страни или конкретно денеска претставниците на повеќе општински администрации за коишто сметаме дека се првиот контакт на јавната администрација со граѓаните со цел да добиеме што е можно поквалитетна и попрофесионална јавна администрација, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев на паузата на јавната дебата.

Скопје – Министерството за локална самоуправа до 5 септември ќе го објави јавниот повик за доделување средства на општините за реализација на инфраструктурни проекти, најави денеска ресорниот министер Златко Перински. 

- Како што веќе информираше премиерот на минатата владина седница се донесе одлука и се формираше Координативно тело за следење на целокупниот процес. Денеска има прв состанок на ова Координативно тело во Владата и до 5 септември ќе биде објавен јавниот повик од страна на Министерството за локална самоуправа, рече Перински во одговор на новинарско прашање на паузата на Јавната дискусија за предлог законите за административни службеници во ЗЕЛС.

Владата за до крајот на годинава има предвидено 100 милиони евра за реализација на инфраструктурни проекти во општините во земјава. Годишно за оваа намена Владата ќе обезбедува по 250 милиони евра, а сите општини треба да аплицираат со готови проекти за да добијат средства.

Скопје - Пријавени се 17 нови случаи на голема кашлица во периодот од 23 до 29 август. Возраста на заболените се движи до 49 години, а најголем број случаи се од возрасната група од една до четири години. Од новите случаи, три беа хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај што го објави денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

- Заклучно со 29 август, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 1.049 случаи на голема кашлица, со инциденца од 57,1/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи, пишува во извештајот.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 477 лица се од машки, а 572 од женски пол.

Од вкупниот број заболени лица, кај 1 042 лица биле регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина била во асимптоматска форма.

Скопје- Во второто тримесечје од годинава, во споредба со првото тримесечје, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се пониски за 0.1  процент, трошоците за материјали за 0.7  проценти, а трошоците за вработените се повисоки за 1.2  проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во второто тримесечје од 2024 година, во споредба со второто тримесечје од 2023 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се пониски за 6,8  проценти, трошоците за материјали за 11,8  проценти, а трошоците за вработените се повисоки за 5,8  процент.

Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведувањето на процесот на изградба на нови објекти за индивидуално домување. Главни корисници на податоците за индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се градежните претпријатија, кои се повикуваат на движењето на трошоците во градежништвото во калкулациите при склучувањето на градежните договори.

Скопје - Во текот на денешниот ден, до 14 часот, имало вкупно четири пожари на отворен простор. Од нив, два се сѐ уште активни, а другите два се под контрола, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Едниот активен пожар е во подрачјето на селото Смиљковци, Општина Гази Баба. Другиот е во Општина Чучер Сандево. На двете места гори сува трева.

Од пожарите под контрола, првиот е на територија на Општина Штип, меѓу селата Едеклерци и Хаџи-Хамзали, префрлен на армискиот полигон „Криволак“. Опожарени се нискостеблеста шума и сува трева. Вториот е на граница меѓу општините Долнени и Чашка, каде е опожарена мешана шума.

Њујорк - Обединетите нации издвоија 100 милиони долари за да помогнат во справувањето со 10 недоволно финансирани хуманитарни кризи во Африка, Северна/Јужна Америка, Азија и Блискиот Исток.

„Повеќе од една третина од средствата се наменети за помош во Јемен (20 милиони долари) и во Етиопија (15 милиони долари), каде многу луѓе се принудени да ги напуштат своите домови и страдаат од глад, болести и природни катастрофи“, рече портпарол нa OН.

Други земји кои ќе добијат финансирање се Мјанмар (12 милиони долари), Мали (11 милиони долари), Буркина Фасо (10 милиони долари), Хаити (9 милиони долари), Камерун и Мозамбик (по 7 милиони долари), како и оние погодени од климата на Ел Нињо феномен - Бурунди и Малави, кои ќе добијат по 5, односно 4 милиони долари.

Брисел - Европската унија сака да обучи повеќе украински војници, но останува поделена околу тоа дали да обезбеди поддршка во самата Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

ЕУ веќе постави цел да обучи околу 60.000 украински војници оваа година, но со жестоките борби кои продолжуваат во земјата разурната од војна, унијата сака да направи повеќе.

„Ќе разговараме за тоа како да ја зголемиме нашата мисија за обука на украинските војници. Размислуваме да имаме координативен центар во Украина, но нема договор за обука на украински војници на украинска територија со европски инструктори, истакна Борел за новинарите во Брисел пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ.

Прашањето ги подели 27-те земји-членки на ЕУ. Неколку земји, вклучувајќи ги Естонија, Франција и Шведска, поддржуваат обука на војници во Украина, но други земји, вклучително и Унгарија, стравуваат дека таквиот потег може да доведе до ескалација на конфликтот.

Прага - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска на регионалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК во Прага изјави дека е благодарна на САД, но дека заштитата на Европа е прва и основна должност на самите Европејци и дека континентот мора да ја изгради својата европска одбрана.

„Европа го надмина својот недостиг на волја да вложува во одбраната. Не можам доволно да ја нагласам поддршката на САД, Америка уште еднаш застана покрај слободата на сите Европејци, но заштитата на Европа е прва и основна должност на Европејците“, рече претседателот на ЕК на отворањето на тридневниот меѓународен форум.

Европската функционерка предупреди дека почетокот на оваа деценија урна многу илузии на стариот континент, илузијата за траен мир, илузијата дека на рускиот претседател Владимир Путин мирот ќе му значи повеќе отколку неговите империјални илузии, како и илузијата дека економските врски и работите гарантираат мир.

Женева - Околу 1,2 милиони дози вакцини против детска парализа веќе се доставени во Појасот Газа, изјави Рик Пеперкорн, претставник на Светската здравствена организација (СЗО) за окупираните палестински територии.

Според него, околу 400.000 дополнителни дози се на пат кон Појасот Газа.

Израелската војска и палестинската милитантна група Хамас се согласија на три одделни тридневни паузи во борбите во различни делови на Појасот Газа за да дозволат околу 640.000 деца да бидат вакцинирани против детска парализа, рече Пеперкорн.

Берлин– Германските безбедносни власти предупредуваат дека „неконвенционалните запаливи средства“ се испраќаат преку давателите на товарни услуги. Предупредувањето уследи по неколку инциденти во кои пакетите испратени од приватни лица низ Европа се запалиле додека биле во транзит.

Германските власти се свесни за неколку пратки кои биле испратени од приватни лица на локации во Европа и се запалиле на патот до нивните крајна дестинација во неколку европски земји, се наведува во безбедносното известување испратено од германската Федерална криминалистичка полиција.

Предупредувањето е испратено до логистичките и воздухопловните компании, но во него не се споменува Русија.

Сараево- Ширењето на детска парализа, вирусна болест што може да има сериозни последици по здравјето на децата, но и на возрасните, стана закана за Босна и Херцеговина поради ниската стапка на вакцинација во таа земја, објавија денеска локалните медиуми.

Европскиот регионален комитет за сертификација на елиминација на детска парализа (RCC) ги повика властите во БиХ да преземат итни мерки за да се спречи ширењето на болеста, откако процени дека најмалку 64 отсто од нејзиното население живее во области каде стапката на вакцинација на децата е помала 80 проценти.

Полиовирусот е речиси искоренет во многу делови од светот, но неодамна тој е закана, особено во земјите со ниски стапки на имунизација. Поради опасноста од ширење на оваа болест, дури и Израел и Хамас се согласија на привремен прекин на огнот во Газа за да може медицинските тимови да ги вакцинираат децата таму, но Босна и Херцеговина сега се соочува со последиците од кампањите против вакцинација кои се проширија на социјалните мрежи во изминатите години, како и слаба информираност на нејзината популација.

Каракас- Во Каракас, главниот град на Венецуела, и други региони во државата од утрото има прекин на електричната енергија, потврди денеска Министерството за комуникација и информации.

Прекинот зафати најмалку 13 региони, вклучувајќи ги Карабобо и Арагва, според објавите на социјалните мрежи и западни медиуми.

„Повторно сме жртва на електрична саботажа“, рече Фреди Нанез, министер за комуникации и информации, без да даде дополнителни детали.

Остани поврзан