30 мај 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта ќе присуствува на СРАС конференција (The Conservative Political Action Conference) која се смета за најголем и највлијателен собир на конзервативните партии во светот. Според агендата, како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ќе се обрати на сесија закажана во 15:30 часот.
На конференцијата меѓу другите гости се и словачкиот премиер Роберт Фицо, грузискиот премиер Иракли Кобахидѕе, Андреј Бабиш од Чешка, Јержи Квашњевски и Матеуш Моравиецки од Полска, Херберт Кикл од Австрија, Алис Вајдел од Германија, Хорхе Буксаде од Шпанија, како и американските десничарски ѕвезди Бен Шапиро, Џек Пособиец и Дејвид Рубин.
Скопје - Собранието денеска ќе ги одржи продолженијата на 52. и 41. седница. На дневен ред на 52. седница се Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа, во второ читање, Предлог на закон за изменување на Законот за културата, по скратена постапка, како и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, по скратена постапка.
Скопје - Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев денеска ќе учествува на промоција на документите „Национален концепт за полициско работење во заедницата“ и „Национален прирачник за полициско работење во заедницата“ изготвени во рамки на билатерален проект со Кралството Шведска.
Скопје - За справување со пожарите во летниот период, Владата со Оперативниот план за 2025 година предвидува вработување на 400 пожарникари.
Како што соопштија денеска од владината прес - служба, со оваа мерка Владата сака да постигне навремена и брза реакција на спречување на пожарите кои се најприсутни во летниот период.
Скопје - Фондот за иновации и технолоши развој (ФИТР) денеска во Инокс – иновативен центар Скопје ќе ги додели наградите во рамки на Натпреварот за успешни иницијативи од Западен Балкан.
Скопје - Здружението на инженери бара сметките за струја да се издаваат само врз основа на реално измерените податоци од струјомерите. Бараат бришење на член 31 од Правилата за снабдување кој дозволува издавање на сметки за електрична енергија врз основа на проценета, а не реална потрошувачка на струја и укажуваат дека во новиот Закон за енергетика, кој стапи на сила, јасно е уредена обврската за мерење и фактурирање на електричната енергија според реалната потрошувачка.
ФИТР соопшти дека ќе бидат доделени награди на шест иницијативи кои ги поттикнуваат младите да истражуваат и создаваат иновации, како и една главна награда за регионално признание за влијателни иницијативи фокусирани на младите.
Скопје - Во рамки на одбележувањето на 76-годишнината од основањето и патрониот празник, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе го одликува проф. д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија, со звање почесен професор (Professor Honoris Causa).
УКИМ соопшти дека признанието е во знак на неговите исклучителни научни и академски достигнувања, како и за долгогодишната поддршка и соработка во областа на инженерството и технологијата.
Скопје - Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска во Ректоратот на УГД ќе потпише договор за меѓународна соработка со Хумболт универзитетот од Калифорнија.
Калифорнискиот државен политехнички универзитет Хумболт (Cal Poly Humboldt или Humboldt) е јавен универзитет во Арката, Калифорнија и е еден од трите политехнички универзитети во системот на Калифорнискиот државен универзитет (CSU).
Скопје - СОС Детско село денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на детето и Денот на згрижувачките семејства со цел да се подигне свеста за важноста на згрижувањето и за поддршка на луѓето кои со љубов и посветеност се грижат за децата без родителска грижа.
Скопје - По повод 30 Мај - Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Република Северна Македонија – Мобилност Македонија денеска ќе организира марш за подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза.
Скопје - Пијанистката Јована Арсоска (20) освои две високи награди на Меѓународниот музички натпревар „Tempo“, што од 22 до 25 мај се одржа во Албанија, во рамки на културната манифестација „Gjiroclassica“.
Арсоска ја освои првата награда во својата категорија со максимални 100 поени од жирито, а беше добитник и на специјална награда за најдобар пијанист „Margarita Kristidhi".
Скопје - Под мотото „Пријателство без зборови – Човек и миленик“, во недела во Паркот на Франкофонијата во Скопје ќе се одржи најновото издание на „ПетФест 2025“ посветен на домашните миленици, одговорното сопствеништво и благосостојбата на животните.
Скопје - Рано наутро утре (сабота) екипи на Водовод ќе бидат вклучени во акција од Оперативен план чија цел е подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и намалување на загубите на вода.
Тел Авив – Израел го прифати предлогот на САД за привремен прекин на огнот во конфликтот во Газа, соопшти Белата куќа.
Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Каролин Ливит, синоќа изјави дека разговорите со сите страни се во тек и оти САД се надеваат на прекин на огнот и враќање на сите заложници од Газа.
Таа нагласи дека доколку се постигне договор, Белата куќа ќе го објави, но не даде никакви детали за актуелниот предлог за прекин на огнот.
Киев – Руската војска изврши голем напад со дронови врз источниот украински град Харков, соопштија локалните власти рано утрово.
Најмалку осум лица се повредени во нападот, меѓу кои и двајца тинејџери, напиша воениот гувернер Олех Синехубов на Телеграм.
Женева – Жителите на неколку швајцарски алпски заедници денеска остануваат во висока готовност, додека локалната река опасно се зголемува зад природна брана од шут, камења и мраз по уривањето на глечер претходно оваа недела.
- Бараме од жителите да се подготват за да можат што е можно побрзо да ги напуштат своите домови, соопштија општините Стег-Хотен и Гампел-Брач во долината Лечентал на нивната веб-страница.
Отава – Канадската регионална влада во провинцијата Саскачеван прогласи вонредна состојба додека шумските пожари продолжуваат да беснеат во нејзините северни региони поради што се раселени илјадници луѓе.
- Денеска прогласивме вонредна состојба на територијата на целата провинција бидејќи шумските пожари ги загрозуваат нашите заедници и веќе принудија илјадници наши жители да ги напуштат своите домови, напиша на Х Скот Мо, премиер на Саскачеван.
Сиудад де Гватемала - Археолозите во Гватемала открија скоро 3.000 години старо наоѓалиште од ерата на Маите во северот на земјата. Претпоставките говорат дека местото било едно од најважните обредни средишта во тоа подрачје, вели предводникот на археолошките ископувања, Милан Ковач.
Новооткриеното наоѓалиште го доби името Лос Абуелос (во превод: „Бабите и дедовците“), откако таму биле пронајдени две седнати камени скулптури, за коишто се верува дека претставуваат маж и жена. Ковач вчера изјави дека се смета оти скулптурите се поврзани со обожавањето на предците и дека близу статуите, високи околу 1,5 метри, се пронајдени и скршени ќерамички садови - најверојатно за ритуални приноси.