• сабота, 09 ноември 2024
МИА Радио флеш

 1 октомври 2024

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на маргините на Конференцијата на глобалната коалиција за борба против ИСИС, се сретнал со Брандон Јодер, заменик помошник секретар на Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот при американскиот Стејт Департмент.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата станало збор за борбата против корупцијата и поддршката на САД во делот на владеењето на правото, што е меѓу приоритетите во рамките на Стратешкиот дијалог. Министерот Муцунски, се додава, изразил благодарност за континуираната поддршка за демократски процеси во земјава.

-Високо ја цениме одлука на американската Влада за зголемување на фондовите за меѓународна контрола на наркотици и спроведување на законот, со посебен фокус на развојните програми за граѓанска безбедност и спроведување на законот, како и за владеење на правото, истакнал министерот Муцунски на средбата.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против 18 службени лица, од кои 12 се полициски службеници - припадници на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, додека останатите шест се вработени како службени лица на наплатна рампа Романовце при Јавното претпријатие за Државни патишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека по преземени мерки било констатирано дека шест службени лица од патарината Романовце, со претходно изготвен список на регистарски таблички на приватни возила, им овозможиле на 12 полициски службеници премин без да се изврши наплата 959 пати во периодот од 01 јануари 2024 година до 15 август 2024 година, односно ја искористиле својата службена положба на полициски службеници и прибавиле материјална корист со неплаќање билет за премин на наплатна станица Романовце на автопатот Куманово – Миладиновци и обратно со своите приватни возила.

Скопје - За последните десет години, бројот на студенти во земјава се намалил за 7.043, односно за 12 проценти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Најголем пад од 11.150 студенти, односно 22 отсто има на државните универзитети. Наспроти тоа, на приватните има 4.054 или 56 проценти студенти повеќе. Кај верските високообразовни установи има 53 или 20 отсто повеќе студенти.  

Бројот на студенти во земјава го достигнал најниското ниво во пандемиската 2020/21, само малку повеќе од 50 илјади. По порастот во следните две учебни години, вкупниот број студенти повторно паднал во последната учебна година. 

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Скопје имал поздравно обраќање на министерска конференција на Управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука и истражување и иновации, во организација на делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Во своето обраќање, министерот Андоновски ја истакнал важноста на дигиталната трансформација за напредокот на Македонија и регионот.

- Денес дигиталните вештини и иновации се клучни за напредокот на нашето општество и економија, изјавил Андоновски, соопштија денеска од Министерството за дигитална трансформација. 

Тој ги презентирал плановите на Република Македонија во областа на градењето на дигиталните вештини.

Белград - Српската новинска агенција Танјуг објави на својот сајт дека денеска добиле заканувачко писмо испратено од лице потпишано како „Трим Барди“, во кое се вели дека секој новинар на таа агенција „ќе го добие куршум во тилот“ ако стапне на Косово.

„Гледаме дека во последно време вашата пропагандистичка, шовинистичка и воено-хушкачка машина наречена „Танјуг“ станува се поагресивна, користејќи го шовинистичкото име „АП КиМ“ за Република Косово, во служба на диктаторот ... Александар Вучиќ. Ги следиме лагите што секојдневно се шират низ државата Косово и Албанците, како што ги следиме движењата на секој новинар на вашата псевдомедиумска агенција во Косово, бидете сигурни дека некој од нив ќе добие куршум во тилот следниот пат кога ќе стапне на тлото на Република Косово.Следиме се“, се наведува во заканата.

Агенцијата објави дека ги ангажирале сите надлежни служби да реагираат по смртните закани кон новинарите на Танјуг.

Атина – Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш ги поканил лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци, на неформална трилатерална дискусија за размена на мислења за текот на кипарското прашање во Њујорк во октомври, рече портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик за кипарската новинска агенција ЦНА, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот истакна дека „наскоро ќе биде објавен датумот на неформалната средба на која ќе присуствува и генералниот секретар на ОН“.

- За време на неодамнешни билатерални средби во Њујорк, генералниот секретар ги покани лидерот на заедницата на кипарските Грци, Никос Христодулидис и лидерот на заедницата на кипарските Турци, Ерсин Татар на неформална трилатерална дискусија во октомври, со цел размена на мислења за текот на кипарското прашање, рече Дижарик за ЦНА.

Атина – Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александруполи од денеска започнува со комерцијална работа, преку кој низа земји од југоисточна и централна Европа, меѓу кои и Северна Македонија ќе се снабдуваат со природен гас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од „Гастрејд“, компанијата-оператор велат дека станува збор за еден од наважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво и ќе придонесе за енергетската безбедност и развој, за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа, „надградувајќи ја улогата и важноста на Грција на модерната енергетска карта на Европа, што ја прави енергетска порта за повеќе од девет земји“.

Берлин - Повеќе германски медиуми, повикувајќи се на интерни документи, објавија дека неколку пратеници во Бундестагот сакаат да поднесат таканаречено „парламентарно барање“ до сојузниот Уставен суд за забрана на работата на партијата Алтернатива за Германија (АфД). 

Дојче Веле пишува дека овој предлог, наводно, е поддржан од некои пратеници на владејачките партии, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Зелените, како и некои членови на опозициските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ, односно пратеници на опозициската левица. 

Овие пратеници настапувале како поединци, бидејќи предлогот не е поддржан од комплетните пратенички групи. 

Стразбур - Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (53) денеска изјави дека е ослободен од затвор затоа што се изјаснил за виновен за новинарство, а не затоа што функционирал правниот систем, објави Гардијан.

Тој им рече на европските парламентарци дека е неопходно да се изјасни за виновен по обвиненијата за американска шпионажа бидејќи правните и политичките напори за заштита на неговата слобода не се доволни, пишува Гардијан.

-На крајот ја избрав слободата наместо недостижна правда. Денеска сум на слобода по години поминати во затвор затоа што се изјаснив за виновен за новинарство, рече Асанж пред Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа на ПССЕ во Стразбур во своето прво јавно обраќање по неговото ослободување во јуни.

Париз - Новоименуваниот француски премиер Мишел Барние попладнево ќе ја претстави програмата на неговата влада пред Националното собрание во Париз.

Барние, кој ја презеде функцијата пред три недели, состави централнодесничарска влада која нема мнозинство во парламентот и може да се соочи со гласање недоверба или од левицата или од десницата во поделениот парламент.

Поранешниот комесар на Европската унија, кој исто така беше одговорен за преговорите за условите за Брегзит, најави дека ќе бара промени во француската политика кога беше назначен од претседателот Емануел Макрон на 5 септември.

Тел Авив – Израелската армија (ИДФ) издаде предупредување до жителите на јужен Либан поради „тешките борби“ во регионот.

Итно предупредување до жителите на јужен Либан. Во јужен Либан има тешки борби. Армијата ги повикува жителите да не ги преместуваат своите возила од северната во јужната област на реката Литани, објави ИДФ на Икс.

Портпаролот на ИДФ, Авичај Адраи истакна дека Хезболах ја користи „цивилната околина и населението како жив штит“ за да изврши напади врз израелските сили.

Киев – Украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, денеска изјави дека до украинската Влада поднел барање за разрешување на тројца негови заменици, пренесуваат британските медиуми.

Станува збор за Станислав Хајдер, Олександр Сергии и Јури Џигир, пренесуваат руските меидуми.

Британските медиуми пренесуваат дека Умеров, во објава на Телеграм, исто така, објави дека побарал разрешување на Људмила Дарахан, државна секретарка на Министерството за одбрана.

Мексико Сити – Клаудија Шејнбаум денеска го почнува шестгодишниот мандат како прва жена претседател на Мексико. Таа доаѓа на местото на нејзиниот ментор, левичарот Андрес Мануел Лопез Обрадор.

Популарноста на Лопез Обрадор и помогна на 62-годишната физичарка и поранешна градоначалничка на Мексико Сити да победи на изборите во јуни. Таа ќе биде првиот претседател на Мексико со еврејско потекло.

Шејнбаум планира да ја продолжи политиката на нејзиниот претходник, иако со свои акценти, да ги следи неговите социјални програми и да ја прошири железничката мрежа.

Бангкок – Дваесет и пет лица се водат како исчезнати откако се запали автобус кој превезуваше 44 ученици и учители. Несреќата се случи во северно предградие на главниот град на Тајланд, Бангкок.

Министерот за транспорт Сурија Јунгрунгреангкит изјави дека сè уште не е познат бројот на загинати, но 25 лица се водат како исчезнати по пожарот.

- Според првичните извештаи во автобусот имало 38 ученици и шест наставници. Колку што сега знаеме, тројца наставници и 16 ученици излегле од автобусот, истакна Јунгрунгреангкит.

Несреќата се случила откако пукна гума на автобусот, по што возилото удри во бариера, при што се запалиле резервоарите за гориво, полни со компримиран гас.

Остани поврзан