• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

 9 јуни 2025 

Скопје - Од денеска е во функција телефонската линија за сите повредени и нивните семејства во трагедијата во Кочани е во функција. Преку директна комуникација секој од повредените лица и семејствата ќе може да се јават, да ги искажат своите барања кои ги имаат, како и да понудат предлози и конкретни потреби.

-Телефонскиот број 070/355-526 на кој ќе можат да се јават повредените и семејствата е јавно достапен, и е директна комуникација управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата. Никој нема да биде заборавен. Наш приоритет е повредените од кочанската трагедија да добијат соодветна медицинска нега и целосна рехабилитација, за да можат да продолжат со животот понатаму, велат од Владата.

Скопје - Со завршни зборови на обвинителството, во Основен кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На изминатото рочиште заврши доказната постапка од судењето кое започна во септември 2024 година.

На судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа сослушани повеќе лица, вклучувајќи ги семејствата на жртвите, службени лица, инспектори, познаници и соработници на обвинетиот Љупчо Палевски.

Кавадарци  - Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски утрово потврди за МИА, дека денеска ќе го потпише решението за формирање комисија за стручен надзор при МЗ, во врска со детето од Кавадарци кое почина пред неколку дена.

 - Докторите се повикани за веднаш да почнат со работа, подвлече Андовски.

 Во петокот, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат рекоа за МИА дека при инспекциските надзори, не се констатирани недостатоци од надлежност на ДСЗИ, во врска со починатото тригодишно дете.  

Притоа, појаснија дека биле извршени вонредни инспекциски надзори во три здравствени установи, со цел да се следи патот на лекување на детето. Извршени биле надзори во ПЗУ Ординација по општа медицина Целзус Нова во Кавадарци, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност - Кавадарци и во ЈЗУ УК за детски болести - Скопје.

Скопје - Собранието денеска во рамки на 54. седница треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. На седницата, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Предлог-текстот за Алиу доставен од Владата и потпишан лично од премиерот Христијан Мицкоски, ја содржи биографијата на кандидатот. Во неа се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставеното ЦВ, бил и на други високи и одговорни позиции.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе престојува во работна посета на Астана. Посетата се реализира на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мурат Нуртлеу.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.

Битола - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ќе престојува во работна посета на институциите од областа на културата во Битола.

За време на посетата на Центарот за култура, Заводот за заштита на спомениците на културата и Народниот театар, министерот Љутков ќе се запознае со текот на реализацијата на проектите на овие институции, соопшти Министерството за култура и туризам.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заменик-амбасадорката на САД во Македонија Никол Варнс и заменик шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД во Македонија мајор Даниел Силвер денеска ќе го посетат реконструираното Основно училиште „Гоце Делчев“ во валандовското село Пирава.

Како што информира МОН, се работи за инвестиција во вредност од 322.600 долари кои ги обезбеди американската страна. 

Скопје - Во светот и кај нас 9 јуни се одбележува како Меѓународен ден на архивите, ден кога во Париз во 1948 година е формиран Меѓународниот архивски совет, организација посветена на унапредувањето и промовирањетона архивското работење и на заштитата на архивските материјали.

Мотото на Меѓународната недела на архивите, која оваа година се одржува од 9 до 13 јуни 2025 година, е #ArchivesAreAccessible – Archives for Everyone (Архивите се достапни - архиви за сите!).

Од Државниот архив велат дека оваа тема која е избрана преку глобална анкета со учество на повеќе од 300 професионалци, ја истакнува клучната улога на достапноста во архивската дејност.

Охрид - Припадници на Армијата на Република Северна Македонија од денеска до 11 јуни, во периодот од 10 до 16 часот ќе реализираат тактичко-технички активности на плажата „Бафало бич“ во близина на езерската полиција, соопшти СВР Охрид.

Припадниците на Баталјонот за специјални сили, како што е наведено, во водите на Охридското Езеро, ќе употребат артифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.

- Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување, што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ (Езерска полиција), информира СВР Охрид.

Скопје - Здружението „Инженери на Република Македонија“ соопшти дека упатило претставка до Владата и до Министерството за транспорт со барање за исклучување на можноста трасата на идната брза железничка пруга да поминува низ просторот резервиран за реализација на проектот „Вардарска долина“.

-Во време кога светот се стреми кон обновливи извори на енергија и одржлив развој, „Вардарската долина“ се наоѓа на крстопатот на историската одлука на оваа Влада која ќе го одреди правецот на нашата енергетска иднина. Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратешки столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија, наведуваат од Здружението.

Изградбата на хидроцентралите во „Вардарската долина“, според нив, ќе донесат многу економски придобивки.

Скопје - Вчера во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.

Како што соопшти Генералштабот на Армијата, повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенирал екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекле и имобилизирале повредениот.

Белград - Во српските градови Заечар и Косјериќ вчера се одржаа избори за советници во собранијата на локалната самоуправа каде граѓаните избираа помеѓу осум листи во Заечар и три во Косјериќ. Денот беше обележан со голема излезност и тензична атмосфера.

По затворањето на гласачките места, и СНС и опозицијата прогласија победа.
Прво, тоа го направи опозицијата на двете места, а потоа и претседателот на државата, Александар Вучиќ.
Изборните комисии се уште не ги објавија резултатите од гласањето во тие две српски општини.

Берлин – Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, предупреди за растечка склоност кон насилство кај младите екстремисти од десницата, пренесе ДПА.

- Гледаме значително зголемување на радикализацијата кај младите луѓе. Склоноста кон насилство кај младите силно расте во десничарската средина, изјави конзервативниот баварски политичар за „Функе Медија Груп“.

Безбедносните сили ја идентификувале оваа тенденција и кај левите екстремисти и кај младите исламисти.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе отпатува во посета на Велика Британија. 

Како што соопшти НАТО, предвидено е за време на престојот во Лондон, Руте да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер. 

Покрај ова, предвидено е Руте да има обраќање во лондонскиот тинк-тенк Кралски институт за меѓународни односи, позната како „Четам Хаус“, по што заедно со британскиот државен секретар за одбрана Џон Хили ќе го посети државната компанија за производство на челични конструкции и материјали „Шефилд Форџмастерс“.

Брисел - Делегација на Европската комисија, предводен од нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен денеска ќе учествува на Конференцијата на ОН за океаните, што се одржува во францускиот град во Ница. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во состав на делегацијата на Еврокомисијата што ќе учествува на Конференцијата ќе бидат и еврокомесарите за Медитеранот Дубравка Шуица, за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија Јесика Росвал, за одржлив транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас и за рибарство и океаните Коста Кадис. 

Според најавата, Фон дер Лајен претпладнево ќе има воведно обраќање на првиот пленарен состанок на Конференцијата, при што ќе се осврне на напорите на Европската комисија за унапредување на глобалната заштита на океаните. 

Тел Авив – Израелски трупи ги уапсија активистите од едрилицата „Медлин“ кои тргнаа да достават помош во Појасот Газа, а активистите, вклучувајќи ја и Грета Тунберг, ќе бидат испратени дома, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Израел објави видео на кое се гледаат притворените активисти, „безбедни и неповредени“, како ги придружува израелската морнарица до израелското пристаниште Ашдод, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти на Х дека активистите се неповредени.

Москва – Намалувањето на контингентот на НАТО во Источна Европа би било од корист за безбедноста на целиот континент, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.

- Би сакал да ве потсетам дека предлозите што ги упативме до Вашингтон и Брисел во декември 2021 година, вклучуваа императив на правни, правно обврзувачки и долгорочни гаранции за неширење на Северноатлантската алијанса на Исток, како и барања за нераспоредување на ударно оружје во близина на руските граници, рече Рјабков во интервју за Тас.

Тој додаде дека рускиот став по ова прашање останува непроменет.

Лос Анџелес – Во центарот на Лос Анџелес продолжуваат судирите меѓу демонстрантите и полицијата, а полицијата предупреди дека ќе одговори со соодветна сила доколку демонстрантите употребат „запаливи средства“.

Бројот на демонстранти на улиците на Лос Анџелес е намален, но некои групи сè уште се судираат со полицијата, додека сообраќајот е прекинат, а чад се издига од автопатот 101.

Јужните ленти на автопатот 101 се затворени до понатамошно известување поради протестите, објави полициската управа на Лос Анџелес на Х.

Вашингтон – Денеска стапи во сила забраната за влез во САД на државјани од 12 земји што ја воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Белата куќа.

Трамп ја најави забраната во средата, велејќи дека „мора да дејствува за да ја заштити националната безбедност и националниот интерес на Соединетите Држави и нејзиниот народ“.

Забраната целосно го ограничува влезот на државјани од Авганистан, Бурма, Чад, Република Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.

Вашингтон – Авион кој превезувал 20 луѓе се урна во САД, но несреќата заврши без смртни случаи. Трагедијата се случила во сојузната држава Тенеси, во близина на градот Тулахома.

Портпарол на локалните власти појасни дека три лица се повредени и се пренесени со хеликоптери во болница.

Авионот бил двомоторен „Де Хавиланд“. Тој се урнал веднаш по полетувањето од аеродромот во Тулахома, без да предизвика штета на копнената инфраструктура.

Остани поврзан