• четврток, 18 декември 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  28  април 2025

 

Скопје – Во законодавниот дом денеска ќе се одржат 22. и 27. седница на Комисијата за прашања на избори и именувања.

На продолжението на 22. седица на Комисијата на дневен ред се останати Утврдување Предлог - одлука за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Утврдување Предлог за избор на член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Утврдување Предлог - одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври”.

На дневен ред на 27. седница се Утврдување Предлог - одлука за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија и Утврдување Предлог - одлука за именување на членови на Комисијата на Агенцијата за пошти.

Скопје - Во Уставниот суд на Република Северна Македонија во Скопје денеска ќе се одржи тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“. Настанот има за цел да отвори дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Уставниот суд, преку дијалог меѓу претставници на институциите, правната струка и граѓанскиот сектор.

Воведни обраќања ќе имаат претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд, Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија, Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија и Анџела П. Агелер, Амбасадорка на САД.

Скопје - Пред 24 години, на 28 април 2001 година за време на воениот конфликт во земјата се случи масакрот на осумте припадници на македонските безбедносни сили помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина во месноста Брезовица. 

На 28 април 2001 беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и полицајци при ОВР Битола - Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24) Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24). 

Во нападот беа повредени и шестмина припадници на безбедносните сили. 

Скопје - Генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт и Андраш Радо, раководител за комуникации во „Виз ер“ денеска  на прес-конференција ќе информираат за новата авиолинија од Меѓународниот аеродром Скопје до Лион, како и за повторното воведување на летот од Скопје за Барселона, коишто според претходните најави, треба стартуваат на 3.ти следниот месец. 

Според најавите, летови за Барселона ќе има двапати неделно, секој вторник и сабота, а за Лион трипати, секој вторник, четврток и сабота. Авиолиниите се реализираат  со субвенции од Владата. „Виз ер“ согласно Договорот за финансиска поддршка, од  29 септември треба да ја воведе и авиолинијата Скопје - Штутгарт, која ќе ја опслужува три пати неделно, во понеделник, среда и петок, а од 27 март се опслужува линијата Охрид - Истанбул. 

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска ќе биде домаќин на петтата сесија на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавја 5 – јавни набавки, 18 – статистика, 32 – финансиска контрола) во организација на Европско движење во Република Македонија (ЕДРМ).

Тема на настанот е „Борба против корупцијата преку транспарентност и отчетност: Препораки и можности во Република Северна Македонија низ перспективата на европските практики“.

Скопје - Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) денеска ќе го одбележи 28 Април - Светскиот ден за безбедност и здравје при работа и ќе го презентира Годишниот извештај за случени несреќи и повреди на работните места во 2024-та.

Како и во минатите години, во парк во Аеродром, ќе бидат засадени дрвца  во спомен на загинатите работници на работните места. 

Светскиот ден за безбедност и здравје при работа е востановен од  Меѓународната организација на трудот  за да ја промовира превенцијата од несреќи, повреди и професионални болести на глобално ниво.

Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во 10 часот во Основен Кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски на вкрстени прашања од Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.

Во својот исказ Палевски на изминатото рочиште повторно ги оспори обвинувањата против него, тврдејќи дека доказите на обвинителството се нецелосни и манипулативни.

Скопје - Македонско издание на италијанскиот роман „Солзотворец“ ќе биде промовирано вечер од 19 часот во „Јуроп хаус“ во Скопје. Книгата е на современа италијанска авторка која пишува под псевдонимот Ерин Дум.

Романот е објавен во специјалната едиција „Нашите приказни“ на Издавачкиот центар „Три“ и ќе го  претстават професорката Весна Мојсова-Чепишевска и авторката на преводот, проф. Радица Никодиновска.

Скопје - „Матица македонска“  го објави шестиот том од Избраните дела на Блаже Миневски - романот „Форензички извештај за една мува“ („Општа историја на сувото око“).

Како што информира издавачката куќа, романот е „приказна  за тишината на минатото и вревата на сегашноста, приказна што се слуша кога читателот веќе завршил со читањето; приказна за читањето што се враќа како ехо на прочитаното“.

Скопје - Во Францускиот институт во Скопје вечер од 18 часот ќе биде отворена изложбата „Никогаш незаљубен" на уметникот Дарко Алексовски.

Изложбата комбинира писма напишани на машина за пишување и серија цртежи во голем формат кои создаваат асоцијативен морски пејзаж, евоцирајќи битовo сликарство.

Скопје – Ракометната федерација на Македонија, актуелниот македонски шампион Пелистер, како и двократниот европски шампион Вардар упатија честитки до РК Алкалоид за пласманот во финалето на Европскиот куп.

- Ракометната федерација на Македонија упатува честитки до РК Алкалоид за пласманот во финалето на Европскиот Куп.

Белград - Студентите во блокада и пет синдикални здруженија во Србија најавија заеднички протест за 1 мај пред Владата на Србија, кога ќе врачат предлог за измена на Законот за работни односи и Законот за штрајкови, а воедно ќе одбележат и шест месеци од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Како што објавија студентите во блокадата на официјалната веб-страница, тоа е чекор кон радикализација, јави дописникот на МИА од Белград.

Белград - На барање на опозицијата во Србија, за  денеска е закажан состанок на собранискиот Одбор за култура и информации, на чиј дневен ред е објавување нов повик за избор на членови на Регулаторното тело за електронски медиуми. Тоа е во согласност со барањето на студентите кои ја блокираат работата на РТС, јави дописникот на МИА од Белград.

Студентите во блокада го блокираат РТС од 14 април во 22 часот и изјавија дека блокадата ќе трае се додека не се објави нов конкурс за членови на Советот на РЕМ или „додека РТС не се исклучи“ .Студентите нагласија синоќа дека доколку конкурсот биде распишан, тие ќе се повлечат од блокадата и ќе се вратат на своите факултети.

Тирана - Опозициската  Демократска партија на Албанија потпиша договор за лобирање вреден шест милиони долари со американската компанија Continental Strategy, која ја водат луѓе блиски до претседателот Доналд Трамп, објавија албанските медиуми.

Договорот, кој на 4 април го потпишал генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока и Карлос Трухиљо, поранешен советник на Трамп и основач на компанијата, предвидува месечна исплата од 250.000 долари во период од две години.

Рим - Кардиналите на Католичката црква, кои пристигнаа во Рим од целиот свет, денеска ја одржуваат петтата Генерална конгрегација по смртта на папата Франциск, јави ДПА.

Состанокот ќе започне во 9:00 часот по локално време и се очекува на него да биде утврден датумот за почеток на конклавата, на која ќе се избира новиот папа. Според проценките на експертите, конклавата би можела да започне на 5 или 6 мај, веднаш по завршувањето на деветте дена официјална жалост, што завршува на 4 мај.

Берлин - Германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) денеска ќе одржи партиска конференција, на која ќе биде ставен на гласање постигнатиот договор со социјалдемократите за коалициска влада на федерално ниво, јави ДПА.

Конференцијата ќе се одржи повеќе од една недела пред очекуваниот избор на лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, за канцелар на Германија.

На партиската конференција во Берлин, се очекува Мерц да ги претстави кандидатите на ЦДУ за министри во сојузната влада.

Стокхолм - Глобалните воени трошоци достигнаа 2,72 трилиони долари во 2024 година, што е зголемување од 9,4 отсто во споредба со 2023 година и најголем скок од крајот на Студената војна, се посочува во денеска објавениот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).

Порастот на геополитичките тензии довел до зголемување на трошоците за одбрана во сите региони. Најголем раст е забележан во Европа и Блискиот Исток.

Букурешт - Доналд Трамп Помладиот, најстариот син на претседателот на Соединетите Американски Држави, денеска ќе ја посети Романија.

Поводот е настан посветен на деловното опкружување, објавуваат романските медиуми, повикувајќи се на информации од организаторите.

Трамп Помладиот нема планирани средби со романски политичари.

Вашингтон - Преговорите за Украина денеска влегуваат во „одлучувачка недела“, предвидоа САД. Овие надежи ги изрази американскиот државен секретар Марко Рубио, иако борбите не покажуваат знаци на смирување.

Русија изврши напад со 150 дронови и ракети во неделата навечер, при што загинаа четири лица во источна Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Москва, од друга страна, објави „целосно ослободување“ на Курската област, што Украина го негираше.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во емисијата „Ер Форс Уан“, враќајќи се од погребот на папата Франциск во Рим, изјави дека Америка е многу блиску до постигнување нуклеарен договор со Иран.

-Во многу добра позиција сме, наскоро ќе се постигне договор. Се случува. Ќе имаме нешто без да мора да фрламе бомби. Сакам да го завршам иранското прашање, рече американскиот претседател.

Неговите изјави дојдоа по завршувањето на третиот состанок меѓу американските и иранските претставници. Разговорите траеја повеќе од четири часа, а Иран изрази задоволство од дискусиите. Американските претставници изјавија дека е постигнат „напредок“ кон договорот.

Берлин - Украина не треба да се согласи на најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп да отстапи големи територии во замена за прекин на огнот со Русија, бидејќи тоа би било „капитулација“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Писториус вчера за германската јавна телевизија АРД рече дека Киев веројатно е свесен дека за постигнување траен и одржлив прекин на огнот може да биде принуден да се откаже од некои територии.

Отава – Канадскиот премиер Марк Карни и лидерот на Конзервативната партија Пјер Поалиевр ги завршија своите предизборни кампањи во мрачно расположение по нападот во Ванкувер, каде што најмалку 11 лица загинаа откако маж со автомобил прегази луѓе на фестивал на филипинската заедница.

Вчера беше последниот ден од петнеделната кампања пред денешните избори, во која Карни и Поалиевр ги презентираа своите ставови пред гласачите. Кампањата главно се фокусираше на царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп и неговите закани за анексија на Канада.

Отава - Канадската полиција соопшти дека маж од Ванкувер е обвинет за осум обвиненија за убиство од втор степен откако џип се заби во луѓе на фестивал на филипинската заедница во саботата навечер, при што загинаа 11 лица, а десетици беа повредени, објави канадската телевизија Си-Би-Си.

Полицијата соопшти дека не е запознаена со никакви конкретни закани против фестивалот „Лапу-Лапу“, кој е именуван по домороден филипински воин кој се борел против шпанската колонизација во 16 век.

Вашингтон - САД нападнаа повеќе од 800 цели во Јемен од средината на март и убија стотици борци на бунтовниците Хути, вклучувајќи и високи функционери. Ова го објави вчера Централната команда на САД, одговорна за Блискиот Исток.

-Нападите уништија неколку командни и контролни објекти, системи за воздушна одбрана, напредни погони за производство на оружје и напредни складишта за оружје, соопшти Централната команда.

Пјонгјанг - Северна Кореја за првпат официјално потврди дека испратила свои војници во Русија за поддршка на Москва во војната против Украина, во рамки на нивниот договор за взаемна одбрана, јави јужнокорејската агенција Јонхап.

Според државната севернокорејска новинска агенција КЦТА, испраќањето на војниците било наредено од лидерот Ким Џонг-ун.

Ова е прва официјална потврда на присуството на севернокорејски војници во Русија, неколку месеци откако илјадници нивни војници беа распоредени во Курската област за борбени дејства.

Остани поврзан