• петок, 28 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

24 март 2025

Скопје -  Од денеска ќе се исплаќа финансиската поддршка од собраните донации на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани преку Црвениот крст, во износ од по 150 000 денари. Заклучно со 22 март собрани се 51.822.579 денари преку Црвениот крст од каде денеска ќе ги соопштат преземаните активности и начинот на исплатата. 

Според последните информации од Министерството за здравство, од околу 200 повредени во трагедијата што се случи пред една недела, во критична состојба се пет од 115 лица кои се на лекување во странство. Во македонските болници  сите 55 пациенти се во стабилна и добра состојба и се планира девет да бидат испишани на почеток на неделава, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања. 

Софија - Состојбата на сите 15 повредени во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во Бугарија, е стабилна, изјави синоќа бугарскиот министер за здравство Силви Кирилов за БТВ.

Нивното лекување продолжува, а најголем проблем за повредените, како што посочи, е вдишувањето гасови за време на пожарот.

- Имаме двајца екстубирани пациенти, можеме да кажеме дека се во добра општа состојба, а оние кои се на механичка вентилација се во тешка, но стабилна состојба, рече Кирилов.

Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште беше сослушуван Велибор Манев, еден од обвинетите. Тој рече дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо и дека сметал оти требало да извршат само грабнувања и се изненадил кога Палчо ги застрелал Вања и Панче.

Манев беше испитуван од Љупло Палевски и неговата одбрана при што му беа поставени повеќе прашања во однос на временските рамки за извршување на активностите при што посочија на неколку искази на Манев, според кои, настаните не се опишани идентично. Одговорот на Манев за причината за ова беше дека тоа е поради состојбата во која ги давал изјавите во тие моменти.

Кавадарци - Четири лица биле повредени синоќа околу 23 часот во сообраќајка во Кавадарци, при судир на две возила на крстосницата кај Брушински мост, потврди за МИА, доктор Антоан Паракеов, раководител на Итната медицинска помош во Кавадарци. 

- Како итна медицинска помош бевме на лице место веднаш штом го добивме повикот за сообраќајна несреќа, директен судир на две возила на крсосницата кај Брушански мост во градот. Четирите повредени лица ги пренесовме во Општата болница во Кавадарци, изјави Паракеов. 

Радовиш- Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети општина Радовиш каде ќе присуствува на реконструкција и пренамена на стоковна куќа во современ мултифункционален центар и музеј во Општина Радовиш.

- Објектот кој триесет години стоеше запуштен и занемарен, нем сведок на транзицијата, сега повторно ќе биде ставен во функција. Вкупната сума за реализација на проектот за реконструкција и пренамена на стоковната куќа во Радовиш е 223.075.612 денари, информираат од Владата.

Ријад – Посредници од САД денеска ќе одржат одделни разговори со руски и украински тимови во Саудиска Арабија, додека Вашингтон се обидува да посредува за ограничен прекин на огнот по повеќе од три години војна.

Како што пренесе ДПА, американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, ги опиша индиректните разговори како „шатл дипломатија“, при што американската делегација се движи меѓу двете страни додека се состануваат во „одвоени простории“.

Ријад - Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави вчера во Ријад дека разговорите со американската делегација во Саудиска Арабија биле „продуктивни“ и фокусирани на енергетскиот сектор.

„Разговаравме за клучните прашања, вклучувајќи го и енергетскиот сектор“, додаде Умеров во својот пост на платформата Х.

Министерот за одбрана на Украина ја предводи делегацијата на неговата земја на разговорите, кои се дел од дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на тригодишната војна.

Вашингтон – Советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц изјави дека воздушните напади врз украинската и руската инфраструктура се веќе прекинати.

- Ќе има напредок. Веќе имаме инфраструктурен прекин на огнот кој стапи во сила веднаш по телефонскиот разговор на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот лидер Владимир Путин оваа недела, рече Волц во интервју за Фокс њуз.

Советникот на Трамп изјави и дека преговорите на САД со украинската и руската делегација во Саудиска Арабија продолжуваат и дека страните се блиску до склучување мировен договор.

Истанбул – Демонстрантите кои се противат на апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, четврта ноќ по ред одржуваат протести во тој град, во Измир и турскиот главен град Анкара.

Некои учесници на протестот нападнаа полицајци, а во Анкара полицаец беше повреден во напад на маскирани лица. Полицијата пукаше со гумени куршуми кон демонстрантите, јави ТРТ Хабер.

Организатор на протестите е главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

Софија – Бугарската партија „Преродба“ поднесе барање за гласање недоверба на владата на Росен Жељазков поради системски неуспех во надворешната политика на земјата, соопшти партијата.

Според партијата, „наместо да го брани националниот интерес, кабинетот слепо ја следи конфронтирачката линија на либералната елита во Брисел, игнорирајќи ја желбата на бугарскиот народ за мир, неутралност и дијалог“.

Под притисок на надворешни сили, Бугарија беше вовлечена во странски геополитички конфликт, без јавна согласност и без стратешка корист за земјата, смета „Преродба“. 

Сеул – Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи импичментот на актуелниот премиер Хан Дак-Су и со тоа му ги врати овластувањата на претседателот што ги презеде откако поранешниот претседател прогласи вонредна состојба.

Хан ја презеде функцијата од претседателот Јун Сук Јеол, кој беше отповикан поради кусо прогласување вонредна состојба во декември. Хан веднаш се врати на својата позиција по пресудата.

- Благодарен сум за мудрата одлука на Уставниот суд, рече Хан по одлуката и им се заблагодари на членовите на владата за нивната напорна работа за време на неговата суспензија.

Вашингтон - Шумските пожари ги принудија локалните власти во американската сојузна држава Северна Каролина да наредат евакуација на жителите кои се уште се опоравуваат од ураганот Хелена, додека гувернерот на Јужна Каролина прогласи вонредна состојба поради шумски пожар кој исто така се шири во таа држава.

Одделот за јавна безбедност на Северна Каролина издаде наредба за задолжителна евакуација која започна во саботата во 20:20 часот за делови од округот Полк на западот на државата, околу 80 милји (130 километри) западно од Шарлот.

Париз - Судењето на француската филмска ѕвезда Жерар Депардје, по обвиненијата за сексуален напад, треба да почне денеска во Кривичниот суд во Париз, по одложувањето поради здравствената состојба на глумецот.

Случајот се однесува на обвиненијата од две жени дека Депардје во 2021 година ги допирал на интимни места против нивна волја, за време на снимањето на филмот „Зелени ролетни“ (Les Volets Verts) на режисерот Жан Бекер. Од нив, едната го обвини актерот дека насилно ја запрел во ходник, ја допирал и ѝ давал непристојни коментари. Таа поднела тужба против него во февруари 2024 година за сексуален напад, вознемирување и сексистички навреди.

Остани поврзан