МИА Општински пул
- 27 март 2025

Кочани – Досегашниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата во дискотеката „Пулс“ си поднесе неотповиклива оставка, не успеа за приближно седум месеци да го заврши четиригодишниот мандат што го доби од граѓаните на Локалните избори во 2021 година.
Според членот 54 од Законот за локална самоуправа, по престанокот на мандатот на градоначалникот, членот на Советот на Општина Кочани што го заменува, во овој случај координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мирче Стојков, е должен за настанатата ситуација да го извести Министерството за локална самоуправа, кое пак понатаму, во рок од 15 дена, ја известува Владата.
Во Општината веќе тече законската постапка со која ќе треба да се избере в.д. градоначалник кој ќе раководи со нејзиното функционирање.
-Откако оставката од досегашниот градоначалник е депонирана во архивската служба на Општината, известено е Министерството за локална самоуправа, кое за тоа веќе ја информирало Владата. Според непотврдени информации, се очекува на владината седница во вторник да се разгледува дописот од Министерството и после тоа очекуваме претседателот на Советот на Општина Кочани да свика седница и да се потврди кој ќе биде в.д. градоначалник до локалните избори. Мојата функција е досегашната – советник во општината и немам депонирано потпис во Централен регистер, така што дискутабилно е дали можам да потпишувам документи. Ова е прв ваков случај, се работи за правен лавиринт со кој ниту една општина досега не се соочила, па има различни мислења меѓу правните експерти за валидноста на мојот потпис, истакнува Стојков.
Куманово - Поврзувањето е многу значајно во процесот на исцелување и на директно погодени од траума и на индиректно погодените. Наместо изолација која предизвикува осаменост и безнадежност, споделувањето обезбедува поддршка, разбирање и утеха, порача денеска психологот и психотерапевт Сања Јовановска од Куманово.
Во изјавата за медиумите Јовановска посочува младите во државата да побараат емоционална поддршка од семејството, училиштата и врсниците.
- Трагичниот настан на индиректен начин влијае и кај младите во целата држава. Согласно својата возраст полесно се поврзат и идентификуваат со жртвите и повредените во пожарот што и предизвика силни емоционални реакции на тага, бес, гнев чувство на несигурност и небезбедност и ваквите силни емоции може да влијаат и врз промена во однесувањето. Во процесот на силни емоционални реакции присуството на блиски членови на семејството, пријатели, врсници е од големо значење. На тој начин се обезбедува можност за разговор и споделување, нудејќи чувство на сигурност и поврзаност. Да бидеме заедно, да се поддржуваме, вели Јовановска.
Кумановскиот психолог Јовановска порачува дека најсоодветно решение при интензивни и долготрајни реакции на стрес е барањето на соодветна стручна помош и поддршка од психолог/психотерапевт, психијатар е најсоодветно решение.
Штип – Осум студенти, кои студираа на еден од факултетите или Академиите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски денеска изјави дека и студентската заедница, како и вработените на УГД-Штип се погодени од големата трагедија во која загинаа 59 лица, а над 100 се повредени.
-Ние имаме осум студенти меѓу загинатите, има повредени. Има фамилии кои се силно погодени од оваа трагедија. Универзитетот уште од самиот почеток заедно со студентските организации почнавме да работиме, да ги санираме последиците и да им помогнеме на колегите, кои директно беа погодени. Универзитетот со поддршка на Министерството за образование и наука и Универзитетската комора, веднаш отворивме Центар за психолошка поддршка, кој ние како активност ќе подолжиме да го поддржуваме се додека е потребно, изјави Мираковски.
Тој истакна дека Центарот за психолошка поддршка е во рамките на Факултетот за образовни науки.
-Испративме инструкции до сите колеги, професори, како да постапуваат, како да им помогнат на студентите кои имаат потреба. Уште еднаш ги повикувам, сите студенти да ги искористат капацитетите кои им се на располагање. Навистина е подобро кога болката заедно ја делиме. Сите колеги им се на располагање, рече Мираковски.
Дебар - Градоначалникот на Пустец Пали Колефски максимално е ангажиран за надминување на проблемот со Македонците од Пустец, на кои не им се дозволува влез на македонска територија со албански лични карти, преку граничниот премин Стење – Горица, кај Ресен, информираа од неговиот кабинет.
Додаваат дека повеќе од оптимист е дека овој проблем присутен веќе трет ден ќе биде брзо надминат. - Согласно ситуацијата што настана со забраната за влез во Република Македонија за лица што поседуваат албански лични карти, сакаме да ве информираме дека градоначалникот на Општината е во постојан контакт со македонските власти за да се реши овој проблем што побрзо. Искрено се надеваме дека овој проблем ќе биде решен, информираа од Општината.
Оттаму додаваат дека оваа ситуација најмногу влијае на жителите на Пустец и регионот на Преспа, од каде многу сезонски работници патуваат секој ден во Македонија и истиот ден се враќаат дома.
За ова прашање вчера реагираше и Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, која наведува дека „овие лица се соочуваат со забрана за влез поради податоци во системот дека престојувале повеќе од три месеци во Македонија, иако нивниот влез и излез се случува на дневно ниво“.
Скопје – Децата учат во безбедни училишта. Јавноста и родителите да бидат спокојни, нема простор за паника и страв. Оправдана беше нивната паника и страв, но децта се во сигурни раце и ние сме гарантит за сето тоа, изјави денеска претседателот на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.
Во наредниот период, посочи Георгиевски, ќе се заложам задолжително да биде најмалку еднаш во годината согласно закон да мора да се вршат редовни контроли, а не да се остава на добрата волја на градоначалникот или службите.
Георгиевски, рече дека сега се прават вонредни инспекциски контроли, посочувајќи дека во Општина Кисела Вода, редовната контрола е направена на крајот на минатата година и има целосно комплетна документација за тоа дека училиштето е по сите стандарди и ги исполнува сите услови.
-Како претседател на ЗЕЛС, но и како градоначалник на мојата општина, сакам да порачам на нашите граѓани, дека нивните најмили и најмлади учат во безбедни училишта и градинки. Сето она што е утврдено како недостаток, дали е некаде треба да се замени црево заради застареност, дали има пропусти од типот дека во одредено училиште не се спроведени редовни контроли... тоа не смее да се случува во перпсектива, ќе биде во наредниот период експедитивно отстрането од локалните власти во соработка со диреторите на училиштата и службите на општините, изјави Георгиевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на основното училиште „Партенија Зографски“.
Битола - Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“, битолските актери ќе го одбележат Светскиот ден на театарот, и целиот приход од продадените влезници ќе биде дониран за семејствата на настраданите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ е во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски, а премиерно беше изведена минатата година кога беше одбележан јубилејот 80 години од денот на одигрувањето на првата театарска претстава на македонски јазик во овој град и државата.
Во чест на јубилејот, викендов во Битола ќе биде промовирана монографија „80 години Народен театар Битола“ од авторот Иван Додовски, најавија од таа национална установа.
Тетово – Во Основниот суд во Тетово по втор пат се одложи почетокот на повторното судење на Менсур Пајазити обвинет за сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22 годишната Теодора Ристовска. Како и за првото одложување на 27 март, судијата Елведин Ферати наведе дека обвинетиот доставил поднесок до судот во кој навел дека од здравствени причини нема да присуства на рочиштето. Потоа судијата донесе решение со кое ја одложи главната расправа за 7 април 2025 година во 12 часот и 30 минути.
-Од наша страна ќе биде проверено дали навистина е во болница, дали навистина му е потребно лекување. И дали во овој период од одлагањето тој се јавува на работа затоа што е наставник во гимназија во Тетово. Затоа што, ако е на боледување, како оди на работа, за што ќе се потрудиме до наредната расправа да добиеме одговор од надлежните институции, изјави адвокат Наташа Ѓорчевска, бранител на семејството на Теодора.
Семејството на Теодора е револтирано од вака поставениот судски систем кој овозможува одолговлекување на судењето.
-Мора да има системски промени. Како може Апелација да ја укине пресудата од 3,5 години. Јас се сомневам на можен поткуп. Како може истиот да се жали до Врховен суд, а ние немаме право на жалба. Го молам и претседателот на Владата да преземе одговорност за оваа работа, мора да има системски промени. Три години не мачат. Ќерка од 22 години ја изгубив, ја убија. Мора да се борам за неа, јас плачам за правда. Не плачам за друго. А правдата ја нема во Македонија, изјави Круме Ристовска.
Скопје – За исполнување на минималните услови за секоја општина да може да постапува соодветно потребно е да се вработат уште околу 40 инспектори низ општините, изјави денеска претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски. Контроли, нагласи Георгиевски, мора да се направат секаде и тука сите општини ќе си помогнат меѓусебно, а во наредниот период, како што рече, ќе се потрудат во секоја општина да биде вработен соодветен инспектор.
Оваа состојба не е нова, рече Георгиевски, посочувајќи дека општините и досега меѓусебно соработувале во однос на инспекциските служби.
-Јас кога станав градоначалник во општината немаше практично никаков инспектор, ниту градежен, ниту за домување. Било каква инспекција не функционираше во нашата општина, дали тоа било од објективни или субјективни причини не навлегувам, но првата меѓуопштинска соработка ја направив со општина Ѓорче Петров, а сега сме општина која што помага со инспекции во другите општини, изјави Георгиевски.
Во однос на проверките на станбените објекти, Георгиевски, рече дека најчесто постарите згради имаат проблеми со хидрантската мрежа, но дека не се решава ништо преку ноќ и мора од некаде да почнеме.
Кавадарци - Се реконструира фекална канализација во кавадаречкото село Ресава, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
- Општина Кавадарци постојано инвестира во селата и руралните средини. Во тек е реконструкција на фекална канализација во село Ресава. Изведувач на работите е фирмата РМК ,,Градба" од Студеничани. Вкупната вредност изнесува 8.089.655 денари, од кои 3.000.000 денари се инвестиција на Министерство за животна средина и просторно планирање, а останатиот износ е инвестиција на општина Кавадарци, соопштија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму нагласија дека Општината континуирано рамномерно инвестира како во урбаните, така и во руралните средини.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го посетија основното училиште „Партенија Зографски“, каде се започнати активности за поставување на фотоволтаичен систем, како дел од проект за подобрување на енергетската ефикасност и поставување фовотолтаици на сите училишни објекти во рамки на општината.
Ѓорѓиевски: посочи дека од денеска практично се започнува со поставување фотоволтаици на сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, посочувајќи дека тоа е проект за којшто аплицирале со сите основни училишта, а како Општина учествувале во најголем дел во кофинансирањето.
-Со инсталирање на овие фотоволтаични панели и централи практично на крововите на училиштата, нашите очекувања се, а и физибилити студијата покажува, дека сметките драстично ќе се намалат. Тие средства што во минатото се трошеле за плаќање електрична енергија, ќе се искористат во наредниот период за да се унапредат условите значително во сите училишта на нашите простори, изјави Ѓорѓиевски:.
Министерката Јаневска рече дека проектот е значаен бидејќи значајно е да се води грижа за енергетската ефикасност, за заштита на животната околина, но, секако и поради многу други фактори, како што, на пример, е заштеда на средства од буџетот.
Скопје - Во чест на Светскиот ден на театарот 27 март, Општина Центар организираше завршен настан од проектот „Театарот, уметност на емоции“, на кој беа прогласени победниците од натпреварот за најдобра ученичка театарска претстава.
Како што информираат од Општината, градоначалникот Горан Герасимовски ги доделил признанијата и паричните награди на трите најдобри училишта, кои со својата посветеност и креативност го воодушевија жирито и учениците.
-Првото место го освои ООУ „Киро Глигоров“ со претставата „Убавицата и ѕверот“, која доби највисоки 169 поени. Второто место му припадна на ООУ „Гоце Делчев“ за претставата „Девојчето и куклата што патува“ од Франц Кафка, со 168 поени, додека пак третото место го освои ООУ „Кочо Рацин“ со претставата „Времеплов“ авторско дело на наставниците од истото училиште, која собра 163 поени. Најдобрите училишта освоија и финансиски награди: 30.000 денари за првото место, 20.000 денари за второто место и 10.000 денари за третото место, велат од Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски, кој го проследил настапот на учениците, истакнал дека театарската уметност има големо значење за развојот на учениците и нивната способност за комуникација, креативно размислување и тимска работа.
Тетово – Партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ се со доминантно мислење дека заедно треба да настапат на локални избори во октомври, најави денеска од Тетово, Биљал Касами, претседател на Движење Беса една од коалициските партнери. Касами рече дека Арбен Таравари истакнал различно размислување за советнички листи.
- Во делот на листите за советници, тој цени дека доколку би отишле посебно секоја партија дел од коалицијата би собрале повеќе гласови за да го добиеме тој легитимитет и на локалните избори. Но од сите други субјекти во рамките на коалицијата доминира идејата дека вредноста на секој поединечен субјект е поголема како дел од коалицијата отколку ако би било надвор од коалицијата така да останува Алијанса на Албанци да се одлучува дали ќе биде дел од коалицијата на локалните избори или ќе оди посебно, рече Касами денеска во Тетово по брифинг со претставниците на медиумите.
Според Касами иако има различни мислења во коалицијата „Вреди“ е далеку од примерите од некои партии за коишто рече дека имале поделби при одлучувањата кои резултирале со конфликти.
-Доминира идејата дека на следните избори одиме заедно и за градоначалници и за советници. Добро е тоа што за разлика од претходните процеси каде во рамките на една партија имаше поголеми поделби дури имаше и тепачки и убиства. Во рамките на коалицијата Влен немаат такви поделби до тоа ниво, значи има дебати, има размислувања а поради тоа што има 4 субјекти + Самоопределување сигурно различни размислувања, но јас сум сигурен дека на крај ќе излеземе со еден став – одиме заедно и за градоначалници и за советници, рече Касами.
Струмица - Северна Македонија заедно со Португалија, Шпанија, Италија, Холандија, Германија и Грција интезивно го реализира тригодишниот проект за знаења во зелена и дигитална транзиција “SEBCoVE-Smart Electricity for Buildings” финансиран од Европската комисија со вкупен буџет од 3, 7 милиони евра.
На панелот кој се одржа денеска во Струмица, покрај партнерските организации на SEBCoVE проектот-Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Сојуз на стопански комори на Македонија и Емкице КИЦ, учествуваа и градоначалници и стопанственици од регионот.
Според директорот на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Ѓоко Камчев, во проектот се вклучени 19 партнери, од кои 16 се од земјите членки на ЕУ, а три од земјава.
-Овој проект има за цел да ни даде еден правец во рамките на енергетската ефикасност и паметната електрична енергија за згради. Со проектот до крајот на годината ќе биде отворен Центар за обука, односно за стручна извонредност, кој ќе се наоѓа во рамките на Југоисточниот плански регион и во него ќе се вршат обуки за компании, ученици и студенти и ќе бидат ангажирани експерти за да дадат поттик како објектите, и во јавниот и во приватниот сектор, да се градат и да бидат побезбедни, изјави Камчев.
За Илија Вучков, директор на Емкице КИЦ, добро е што има три партнери-јавен, приватен и академски сектор.
Дебар – Директорот на Агенцијата за дијаспора, Горан Ангелов остварил средба со претставници на македонската дијаспора во Италија, предводени од претседателот на италијанско-македонската стопанска комора „АПИ НОРДЕСТ“ Мунир Шемши.
На средбата, како што објави на Фејбук Шемши, присуствувале и координаторката Билјана Костова и генералниот конзул Фросина Ременски а станало збор за состојбата на македонската заедница во Италија, интеграцијата, зајакнувањето на културните и економските врски меѓу двете земји и важноста од сѐ посилна соработка меѓу двете земји.
-Разговаравме за можностите за соработка меѓу македонските и италијанските претприемачи, со цел создавање нови бизнис мрежи, промовирање на културните и образовните вредности. Важен фокус беше даден и на видливоста на македонската заедница во Италија, со цел зголемување на препознавањето на нашиот придонес во италијанскиот економски и социјален пејзаж. Исто така разменивме мислења и околу правните и бирократски предизвици со кои се соочува нашата заедница а ја разгледавме и можноста за стимулирање на меѓусебниот туризам и зајакнување на врските меѓу двете нации, стои во објавата.
Нагласена била важната улога на италијанските и македонските институции во обезбедувањето континуиран дијалог кој овозможува подобрување на условите на македонската дијаспора во Италија.
Кавадарци - Кавадарци најави хуманитарен карактер на традиционалната манифестација Априлијада за оваа година. За ова денеска информираа од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
- Годинешнава Априлијада ќе биде малку поразлична. Најавуваме еден поразличен настан, што веруваме дека ќе биде посетен од голем број наши сограѓани, а ќе биде од хуманитарен карактер и ќе има една и единствена цел, собирање на финансиски средства за Бела Кузев и нејзиното семејство, кои ги чека долг пат за лекување во странство, соопштија од градоначалничкиот кабинет.
Оттаму најавија дека во вторник, од 11 часот на градскиот плоштад, ќе се одбележи Денот на шегата.
-Учениците од сите основни општински училишта и дечињата од објектите од детската градинка ,,ЈОУДГ Рада Поцева’’, ќе продефилираат во улога на нивните омилени ликови од цртаните филмови, во друштво на маскоти. Истовремено, ќе има поставено кутија за донации. Во неа, апелираме сите што ќе бидат присутни на градскиот плоштад, да дадат придонес во лекувањето на малата Бела.
Делчево - Советник во Советот на Општина Делчево кој сака да остане анонимен откупи 100 влезници за натпреварот Брегалница Делчево - Хоризонт Турново. Средствата од влезниците од овој натпревар кој ќе се одигра во сабота на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев" во Делчево ќе бидат наменети за семејствата на загинатите во несреќата во Кочани.
-Овие 100 влезници ќе бидат поделени на членовите на младите категории на ФК Брегалница. Овој позитивен гест за препознавање на нашата хумана идеја нека биде пример за физичките и правните лица од Делчево кои може да обезбедат карти на телефонскиот број 070354021. Се гледаме на стадион, стои во објавата на ФК ,,Брегалница 1926 Делчево.
Како информација за останатите граѓани од клубот додадоа дека влезниците кои се по симболична цена од 50 денари ќе можат да се купат и за време на самиот натпревар.