• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

28 март 2025

Скопје - Летното сметање на времето почнува викендов, ноќта сабота спрема недела во 02:00 часот кога стрелките на часовникот ќе се поместат еден час напред и наместо 02:00 часот ќе биде 03.00 часот. 

Промената на времето кај нас, како и во повеќето европски земји, се случува двапати во годината и тоа последниот викенд во март кога почнува летното сметање на времето и последниот викенд во октомври кога почнува зимското сметање на времето.

Годинава летното сметање на времето ќе трае до 26 октомври во 3 часот по полноќ.

Скопје - Единството во Армијата и единството во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани, порача министерот за одбрана Владо Мисјаловски,  на свеченоста што се одржува денеска во касарната „Илинден“ во Скопје  по повод 5. годишнината од пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата.

Мисајловски, осврнувајќи се на неодамнешната трагедија со пожарот во Кочани, посочи дека живееме многу тежок период од нашата независност и оти денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј туку и го одбележуваме заедништвото и меѓусебната поддршка.

Скопје - Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајот Сашко Лафчиски денеска истакна дека петгодишнината од пристапувањето на земјава во НАТО не ја покажува само нашата посветеност кон колективната безбедност туку дека тоа е и одраз кон нашата непоколеблива посветеност кон демократските вредности, слободата и стабилноста.

Пред пет години, рече Лафчиски, исполнивме една од нашите најзначајни стратешки цели - членството во НАТО, а патот не беше воопшто лесен. Денес, додаде началникот на ГШ на Армијата, нашата одлучност, напорната и посветена работа е лесно препознатлива.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на одвоени средби ги прими вонредната и ополномоштена амбасадорка на Канада, со седиште во Белград, Мишел Камерон, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.

На средбата со амбасадорката Камерон, како што соопшти денеска Министерството, била истакната одличната соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, особено во рамки на НАТО. Се разговарало за продлабочување на билатералната соработка со фокус на економијата, инвестициите и образованието. Особено била нагласена потребата од поттикнување канадски инвестиции и поддршка на иницијативи за развој на трговијата и претприемништвото.

Скопје - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Македонската берза АД Скопје (МБ) ќе соработуваат во поттикнување на работењето на локалниот пазар на капитал. Со Меморандумот на разбирање, што го потпишаа денеска главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев и Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, се создава основа за соработка меѓу двете страни во насока на зајакнување на локалниот пазар на капитал.

Од Канцеларијата на ЕБОР во Скопје информираат дека преку подигнување на свеста за финансирањето преку пазарот на капитал, се работи на привлекување на повеќе приватни компании да се финансираат преку јавна понуда на акции или да издадат обврзници. Крајната цел е оваа иницијатива да придонесе кон раст на пазарот, зголемување на инвестициските можности, и поддршка на подинамичен финансиски екосистем.

Скопје - Во февруари просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,19 проценти и бележи раст од 0,43 процентни поени, а просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,18 проценти и бележи пад од 0,34 процентни поени.  

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити е намалена за 0,72 процентни поени на годишна основа, а просечната каматна стапка на новопримените депозити бележи годишен раст од 0,10 процентни поени. 

Скопје - БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, прекршок, кој според Министерството за животна средина и просторно планирање е од трета категорија.  

-По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24 март годинава  од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од МЖСПП.

Скопје - Во рамки на сообраќајните контроли на МВР вчера на територија на целата држава издадени се 597 платни налози, од кои 200 се однесуваат на непрописно паркирање. Вкупно 92 случаи се за непочитување на пропишаната брзина на движење.

Како што информира МВР, по основа на неносење сигурносен појас и користење мобилен телефон при возење евидентирани биле 47, односно 16 прекршоци.

Полициските службеници откриле 50 лица што учествувале во сообраќајот без возачки дозволи. Во осум случаи санкционирани се возачи кои управувале под дејство на алкохол, додека изречени се и четири мерки за возачи на моторцикли кои не носеле заштитна кацига, а изречени се и 13 санкции за прекршоци што ги прават пешаците.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Брисел се подготвува за војна, иако, како што наведе, во моментов нема закана од војна.

„Нема закана од војна, Унгарија нема да војува со никого. Остануваме на страната на мирот и ако Европа започне војна, ние сигурно нема да влеземе во неа“, рече Орбан на прес-конференција, пренесе МТИ.

Орбан рече дека во моментов не се чини дека Европа е под непосредна закана од војна и дека е многу малку веројатно дека „некој би нападнал членка на НАТО“.

Рим - Италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека ги разбира критиките на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс кои се упатени кон Европа во неговиот говор на Минхенската безбедносна конференција во изминатиот месец.

„Морам да кажам дека се согласувам. Ова го говорам со години... Европа малку се изгуби себеси“, одговори Мелони на прашање за обвинувањата на Венс дека Европа назадувала во своето залагање за слободата на говорот и демократијата, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Париз - Уставниот суд на Франција донесе одлука според која, политичар може да биде сменет од функцијата или да му биде оневозможено да се кандидира за избори, дури и пред да бидат завршени сите правни постапки, објави бриселскиот портал „Политико“.

Иако одлуката е донесена во врска со друг случај, таа би можела да влијае и на случајот на лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен „поради измама“, наведува бриселскиот портал.

Брисел - Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) ја суспендира својата обвинителка Теодора Георгиева во рамките на покренатата административна истрага за евентуално прекршување на правилата на институцијата од нејзина страна, соопшти оваа тело на ЕУ со седиште во Луксембург.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, европската главна обвинителка Лаура Ковеши веќе ги информирала институциите на ЕУ дека против Георгиева, кој по потекло е од Бугарија, е покрената „истрага без преседан“ за утврдување дали таа го почитувала „целиот спектар на внатрешни мерки за заштита на интегритетот“ на постапките на Обвинителството. 

Брисел - Данска, Норвешка и Шведска најавија иницијатива со која ќе бараат од Европската Унија да преземе мерки против платформите за е-трговија, како „Тему“, „Шејн“ и „Виш“, со цел да се стави крај на хаосот во овој онлајн сегмент. 

Најавувајќи ја иницијативата, данскиот министер за животна средина Магнус Хеунике изјави дека овие платформи претставуваат „див запад“ за потрошувачите во ЕУ. Тој нагласи дека заедничка контрола на трите земји покажала дека 71 отсто од испитаните производи што се нудат преку платформите за е-трговија „не се во согласност со законодавството на ЕУ“, бидејќи се со „високи нивоа на токсичност“. 

Aмстердам - Се уште не е познат мотивот за нападот со нож што се случи вчера во центарот на Амстердам, во кој беа повредени пет лица, а министерот за правда Дејвид ван Вел не исклучува можност дека станува збор за терористички напад.

Осомничениот е во притвор, објави „НЛ Тајмс“.

Инцидентот се случил вчера околу 15 часот и 15 минути во близина на плоштадот Дам, кој е едно од најпосетуваните места во Амстердам, лоциран во неговото историското јадро и опкружен со знаменитости како што е Кралската палата. 

Тел Авив - Израел го смета Либан одговорен за денешниот ракетен напад врз регионот Галилеја и силно ќе одговори на заканите за безбедноста на земјата, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац.

„Ќе ја осигураме безбедноста на жителите на Галилеја и ќе дејствуваме силно против секоја закана“, наведе тој во соопштение, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Кац нагласи дека без мир во северните погранични градови на Израел, „нема да има мир ниту во Бејрут“.

Бејрут - Либан и Сирија потпишаа договор за демаркација на границата и зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на безбедноста долж нивната заедничка граница, јави денеска саудиската агенција за печат (SPA).

Договорот, потпишан доцна синоќа во Саудиска Арабија од страна на либанските и сириските министри за одбрана Мишел Менаса и Мурхаф Абу Касра, дојде по судирите во пограничните области овој месец во кои загинаа неколку луѓе, а десетици беа ранети од двете страни.

Бангкок – Премиерката на Тајланд Паетонгтарн Шинаватра го прогласи главниот град Бангкок за „вонредна зона“ по силниот земјотрес што го погоди соседен Мјанмар.

Голема зграда во областа на паркот Чатучак се урна, при што загина најмалку едно лице, а има информации за штети низ градот, јави Си-Ен-Ен.

Шинаватра „веднаш му наложи на Министерството за внатрешни работи да го прогласи Бангкок за вонредна зона и да ги извести провинциите ширум земјата да ја третираат ситуацијата како национална вонредна состојба, овозможувајќи итна јавна помош доколку е потребно“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерката.

Шринагар – Најмалку четворица полицајци и тројца вооружени напаѓачи се убиени во престрелка во делот на Кашмир кој е под контрола на Индија, соопштија денеска официјални лица.

Борбите почнале вчера откако полицијата, заедно со армијата, почнаа операции во регионот Џаму по дојава дека таму се кријат бунтовници кои се борат против индиската влада.

Најпидау– Хунтата во Мјанмар прогласи „вонредна состојба“ низ целото подрачје на центарот на земјата, вклучително и во вториот по големина град Мандалеј и главниот град Најпидау.

Прогласена е „вонредна ситуација“ во регионите Сагаинг, Мандалеј, Баго и Магвеј, како и во источната држава Шан, јави Си-Ен-Ен.

Вонредна состојба е прогласена и во Нејпудау, главниот град на земјата кој е седиште на највисокото раководство на хунтата.

Филаделфија - Археолозите во Египет открија голема варовничка гробница на досега неидентификуван египетски фараон што датира од пред околу 3.600 години. Тоа време, се вели, одбележа еден хаотичен период во египетската историја.

Домашни египетолози, во соработка со Музејот на Универзитетот на Пенсилванија во САД објавија дека гробницата се наоѓала седум метри под земја, во древната некропола на планината Анубис. Камената гробница е откриена во јануари, во близина на египетскиот град Абидос - важен град и престолнина во Древен Египет, на околу 10 километри од реката Нил. Ова е втора откритина гробница на египетски владетел оваа година. Таа била празна, што значи дека одамна била ограбена од ограбувачи.

Пекинг - Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, на покана на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, од 31 март до 2 април ќе престојува во официјална посета на Русија, соопшти денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џакун.

Тој најави дека за време на посетата на Русија, Ванг ќе се сретне со Лавров и со руските лидери, со кои ќе разговара за развојот на кинеско-руските односи и меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес.

Остани поврзан