• сабота, 12 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

1 април 2025 

Скопје - Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН Арбен таравари синоќа во интервју за „360 степени“ на МРТ искажа јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата ВЛЕН функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација. Таквото мислење, како што вели, не било само негово лично, туку го темели и на анкети спроведени пред сѐ меѓу Албанците во земјава.

- Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70% од населението Албанци е дека ВЛЕН не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата, кажа Таравари.

Скопје - Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно правната комисија.

На дневен ред на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е Јавна расправа за утврдување на предлог листа од пријавените кандидати по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. На огласот се пријавени осум кандидати, кои денеска на јавната расправа треба да се претстават пред пратениците.

Скопје - Македонското Собрание денеска треба да ја започне 42. седница, а претходно пратениците во рамки на 38. седница треба да гласаат за единствената точка која остана неразгледана - Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. За пратениците ова ќе бидат први собраниски заседанија по двонеделната пауза по трагедијата во Кочани на 16 март кога загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.

Четириесет и втората седница, пак, е новозакажана, и на неа предлог точки се Предлог на закон за изменување на Законот за работните односи, по скратена постапка, Предлог законот за изменување на Законот за работните односи, по скратена постапка, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка , Предлог законот за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата,по скратена постапка, како и Предлог законот за изменување на Законот за учебници во основно и средно образование, исто така по скратена постапка.

Скопје - Во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, денеска ќе биде отворена конференција за одржливо управување со отпад „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“. 

Како што е најавено, конференцијата ќе ја отвори амбасадорката на Кралството Шведска Ами Ларсон Џеин, а воведни обраќања ќе имаат првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, извршната директорка на Здружението на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ, Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Рајан Нокс, извршен директор на SALAR International.

Скопје - Балканскиот институт за вера и култура (БИВК) од денеска до 4 април ја организира единаесеттата по ред програма „Конекција Оксфорд“, која овозможува размена на идеи меѓу академици, професори, научници, студенти и други интелектуалци.

-Досега преку оваа иницијатива во Македонија гостувале над сто научници од Оксфорд, кои годинава ќе бидат надополнети со уште петтмина други, велат од БИВК.

Скопје - Во Судскиот совет денеска свечена изјава ќе дадат новоизбраните судии од редот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители.

Новозбрани судии во Основен суд Битола се Марија Филиповска-Поповска, Стефан    Гајдаровски, Гордана Николовска и Александра Средовска-Лазановски. Во Основен суд Велес Мила Цилакова, во Основен суд Гевгелија Ива Цоневска Вангелова и Марта Спасовска. Во Основен суд Гостивар Полумбеша Сефери, Арлинда Адеми-  Османи, Љеонора Јакупи, Кујтим Фетаи и Ален Садику, во Основен суд Делчево Наташка Атанасовска, во Основен суд Кавадарци Костадинка Крстевска- Петрова, во Основен суд Кичево Урим Јусуфи, во Основен суд Кочани Иван Стојанов, во Основен суд Крива Паланка Даниела Младеновска- Митовска, во Основен суд Куманово Натали Колев -Бојковиќ, Бехар Амети, Арефат Весели и Арменд Мехмети. Во Основен суд Охрид нови судии се Елена Балевска и Илсен Салиеска Патилоска, во Основен суд Прилеп Филип Пашоски, Хари Караџоски, Петар Караѓулески и Јане Јаковоски, во Основен суд Свети Николе  Марина Мишева, во Основен суд Струга Јасна Парталоска, во Основен суд Струмица : Марија Маневска и Гордана Мачукова, во Основен суд Тетово: Арлинда Османи, Емира Асани, Борче Костовски и Адмире Адеми, во Основен суд Штип: Марија Михова и Дејана Дејановска, во Основен граѓански суд Скопје Маја Бошковска, Мартина Коцевска-Ролевска, Сања Анѓелеска, Ирина Нефтенова -Пешевска, Валмира Аџиреџа и Љира Бојко и во Основен кривичен суд Скопје Сања Лазова-Стојанова, Тереза Лазовска, Елизабета Постоловска, Маја Котевска, Билјана Шуплиновска-Јовевски и Санида Јашар. 

Скопје - Забрана за употреба на пиротехнички средства во затворен простор и зголемување на глобите за физички и правни лица се предлага во измените и дополнувањата на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир кој е на дневен ред на денешната нова 42. собраниска седница. 

Законското решение се предлага од неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ по тргедијата во Кочани во која на 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица а беа повредени повеќе од 190.

Скопје - Денеска се одбележува 1 април – Денот на шегата. Ова не е национален празник, но насекаде во светот се прославува како ден кога многумина прават шеги и будалаштини.

Вообичено, на овој ден во земјава дефилираат најмладите маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекарки, како и ликови од цртани филмови. Денот на шегата се прославува различно во светот. Во Канада, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и Јужна Африка, шегите траат до пладне и оној кој прави трикови после пладне го нарекуваат „априли-ли-ли“ и го исмеваат, додека во Франција, Италија, Јужна Кореја, Јапонија, Русија, Холандија, Германија и други држави, луѓето се шегуваат цел ден.

Скопје - Изложба на карикатури и хумористично-сатирични текстови на карикатуристи и текстописци од редакцијата на Остен и долгогодишни соработници „Еден за сите, сите за никаде!“ ќе биде отворена вечер во галерија ОСТЕН.

Изложбата е по 80-години ОСТЕН и Денот на шегата - 1 Април 2025.  Ќе бидат изложени карикатури и текстови на Никола Анѓелкоски, Сунчица Божиновска, Владо Бороевиќ, Ѓуро Варга, Ане Василевски, Миро Георгиевски, Мирослав Грчев, Блаже Докуле, Миле Ѓорѓијоски, Ласко Џуровски, Мице Јанклуовски...

Белград - Заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска синоќа оствари средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, при што рече дека континуираната соработка меѓу НАТО и ЕУ е клучна за зачувување на стабилноста на Западен Балкан.

„Одлично е што се сретнав со Петер Соренсен, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина. Континуираната соработка меѓу НАТО и ЕУ е клучна за зачувување на стабилноста во регионот на Западен Балкан“, објави Шекеринска на социјалната мрежа Х.

Софија - Националниот систем за рано предупредување и алармирање (НСРПО) и мобилната апликација BG-ALERT денеска ќе бидат тестирани во повеќе градови во Бугарија, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Тестовите ќе се одржат во периодот од 11:00 до 11:30 часот по локално време. Преку звучните уреди на системот за рано предупредување ќе бидат емитувани сигналите „Национален аларм за тревога“ и „Национален сигнал за крај на тревогата“ во Софија, Бургас, Варна, Карџали, Монтана, Пазарџик, Плевен, Пловдив, Русе, Смолјан, Враца и Стара Загора.

Атина - Училиштата на грчките острови Парос, Миконос, Сими, Кос и Родос денеска се превентивно затворени поради невремето што од вчера ја зафати Грција, а на Парос и Миконос предизвика материјална штета, каде што вчера од бројот 112 за итни случаи беа испратени пораки до жителите и посетителите на двата острови дека е забранет сообраќајот на сите возила, со исклучок на оние за итни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.

По силниот и обилен дожд и невремето што вчера попладне ги зафати Кикладските острови во Егејското море и предизвика поплави и проблеми и најпогодени беа Парос и Миконос, каде што улиците се претворија во реки и водата повлече паркирани автомобили, утрово ситуацијата е подобрена, но се пребројуваат штетите.

Киев - Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска пристигна во украинската престолнина Киев во посета која не беше однапред објавена јавно од безбедносни причини, јави ДПА.

„Украина е подготвена веднаш да склучи договор за прекин на огнот“, изјави Бербок. „Мораме да дадеме јасни гаранции дека следната германска влада ќе продолжи со својата голема поддршка за Украина“, додаде таа.

Брисел - Европската Унија го поздрави формирањето на новата преодна влада во Сирија и изрази подготвеност за соработка со неа во справувањето со големите предизвици, изјави синоќа високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Како што е наведено на официјалната веб-страница на ЕУ, Калас изјави дека аспирациите на сите Сиријци мора да бидат исполнети и дека Унијата ќе застане покрај сирискиот народ, обезбедувајќи новата влада да ги почитува своите обврски кон мирна и инклузивна транзиција.

Лондон - Британски, француски и украински високи воени претставници ќе одржат состанок во наредните денови за да дадат „реален импулс“ на напорите за јакнење на безбедноста на Украина, изјави портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер.

Средбата, која има цел да ги разгледа следните фази на детално воено планирање, била договорена за време на телефонскиот разговор меѓу Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД вовеле дополнителни визни санкции за кинески официјални лица поради политиката на Пекинг за ограничување на пристапот на странци до Тибет.

„Долго време Кинеската комунистичка партија (ККП) одбива да им даде пристап на американските дипломати, новинари и други меѓународни набљудувачи до Тибетскиот автономен регион, додека кинеските дипломати и новинари имаат широка слобода на движење во САД“, изјави Рубио.

Вашингтон - САД го оценија формирањето на новата сириска влада како „позитивен чекор“, но нагласија дека нема да ги олеснат санкциите сè додека не видат напредок во приоритетните области, како што е борбата против тероризмот.

- Оддаваме признание на сирискиот народ за неговата борба против децениското деспотско владеење и угнетување од страна на режимот на (Башар ал) Асад и се надеваме дека оваа објава (за формирањето на новата влада) претставува позитивен чекор кон инклузивна и репрезентативна Сирија, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Тами Брус.

 

Остани поврзан