МИА Општински пул
- 27 март 2025

Кочани – Интервенцијата на кочанските пожарникари во гаснењето на пожарот и спасувањето на младите лица во дискотеката „Пулс“, беше пожртвувана и храбра. Десетина дена по трагедијата и кај нив сѐ уште е присутен шокот од последиците што ги предизвика огнената стихија, иако во досегашното работење се соочувале со голем број слични предизвици.
Тројца пожарникари се здобија со изгореници и проблеми со дишните патишта, при што двајца се со полесни повреди, а поради вдишување отровен чад и телесни повреди командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов заврши на Клиниката за токсикологија во Скопје. Според последните информации, тој закрепнува и се чувствува добро, па се очекува идната недела да биде пуштен на домашно лекување.
И покрај недоволниот број пожарникари и дотраената опрема, ТППЕ - Кочани, заедно со колегите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани и од Територијалните противпожарни единици од Виница, Штип, Пробиштип и Свети Николе интервенираа според можностите и спречија во катастрофата да има и други жртви и повредени.
Поддршка и признание за нивната пожртвуваност добија и од претседателката Гордана Силјановска Давкова, која ја посети ТППЕ – Кочани и упати благодарност за дејствувањето во трагичниот настан.
Во ТППЕ – Кочани со години нема значителна промена во кадарот, односно има вработено 16 лица, иако според бројот на населението на територијата што ја покриваат, треба да се минимум 33. Освен во општина Кочани, тие имаат обврска да интервенираат и во соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево. Блок-дотацијата што на годишно ниво ја добиваат од Министерството за внатрешни работи изнесува нешто помалку од 10,5 милиони денари, од кои треба да се покријат бруто платите и другите обврски. Дополнително учествува и Општината со свои буџетски средства.
Скопје - Без електрична енергија утре од 9:00 до 14:00 часот ќе останат корисниците од селата Горно Нерези и Горни Крушопек. Во периодот од 9:00 до 15:00 часот утре без струја ќе бидат корисниците од улицата „Призренска“ бр. 1, 2, 3, 6, 8, 9, 18, 22 и 53 во Општина Бутел.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, прекините се поради планирани технички интервенции во електродистрибутивната мрежа.
Скопје - Без вода денеска од 8:15 часот се дел од корисниците лоцирани на улица „Кримска“ во Општина Чаир. Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради промена на противпожарен хидрант ф-80 милиметри на улица „Кримска“ број 80. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на интервенцијата.
Скопје - Општина Центар информира дека е отворен јавен повик за финансиска поддршка на проектот „Светски ден на уметноста“, кој ќе се одржи на 15 април. Овој настан, велат, ќе им овозможи на уличните уметници – музичари, акробати, танчери и перформери да го претворат јавниот простор во сцена за креативно изразување.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите уметници да аплицираат и заеднички да се одбележи овој значаен светски ден.
-Општините со силна уметничка сцена имаат силен идентитет. Уличната уметност е душата на урбаната култура, а ние сме тука да ја поддржиме и славиме. Ги повикувам сите центарци да се пријават на повикот, уметноста има моќ да ги поврзува граѓаните, да поттикнува емоции, да создава заедништво и токму затоа, со овој повик ја отвораме сцената за сите улични уметници, вели Герасимовски.
Јавниот повик е наменет за регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што делуваат во полето на културата и уметноста, со седиште во Општина Центар. Вкупните средства за поддршка изнесуваат 400.000 денари.
-Поради уличен дефект на ул.1559 бб во Радишани, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул.1559 и дел од село Радишани. Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување на интервенцијата.
Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје информира дека акцијата за отплата на долгови без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек и завршува заклучно со 2 април 2025 година.
- Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен и редовен), да ја искористат можноста за плаќање на рати без пресметана камата, се вели во соопштението.
Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Град Скопје, како и од општините во Град Скопје.
По истекот на овој период одлуката престанува да важи.
Неготино - Двајца млади од неготинското село Криволак биле лишени од слобода во текот на вчерашниот ден поради кражба, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
-Вчера во 17 часот, полициски службеници од ОВР - Неготино ги лишиле од слобода А.М. и А.М., на возраст од 24 и 23 години, двајцата од неготинското село Криволак. Тие биле фатени при обид да извршат кражба во правен субјект во близина на неготинското село Пепелиште, појаснуваат од СВР - Велес.
Кај нив биле пронајдени и одземени предмети со што се обиделе да го извршат делото.
Лицата биле приведени во полициска станица. По документирање на настанот, од СВР - Велес додаваат дека против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Општина Кочани треба да добие в.д градоначалник за да може да ги извршува основните задачи и функции
Кочани – Досегашниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој по трагедијата во дискотеката „Пулс“ си поднесе неотповиклива оставка, не успеа за приближно седум месеци да го заврши четиригодишниот мандат што го доби од граѓаните на Локалните избори во 2021 година.
Според членот 54 од Законот за локална самоуправа, по престанокот на мандатот на градоначалникот, членот на Советот на Општина Кочани што го заменува, во овој случај координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мирче Стојков, е должен за настанатата ситуација да го извести Министерството за локална самоуправа, кое пак понатаму, во рок од 15 дена, ја известува Владата.
Во Општината веќе тече законската постапка со која ќе треба да се избере в.д градоначалник кој ќе раководи со нејзиното функционирање.
-Откако оставката од досегашниот градоначалник е депонирана во архивската служба на Општината, известено е Министерството за локална самоуправа, кое за тоа веќе ја информирало Владата. Според непотврдени информации, се очекува на владината седница во вторник да се разгледува дописот од Министерството и после тоа очекуваме претседателот на Советот на Општина Кочани да свика седница и да се потврди кој ќе биде в.д. градоначалник до локалните избори. Мојата функција е досегашната – советник во општината и немам депонирано потпис во Централен регистер, така што дискутабилно е дали можам да потпишувам документи. Ова е прв ваков случај, се работи за правен лавиринт со кој ниту една општина досега не се соочила, па има различни мислења меѓу правните експерти за валидноста на мојот потпис, истакнува Стојков.
Според законските одредби во рок од триесет дена од објавувањето на одлуката на Владата, Советот на Општина Кочани со мнозинство гласови од вкупниот број треба да избере еден од своите членови што ќе ја врши должноста. Избраниот в.д. градоначалник ќе остане на функцијата сѐ до изборот на нов на редовните локални избори, што треба да се одржат во октомври годинава.