• среда, 25 декември 2024
МИА Радио флеш

19 ноември 2024

Брисел - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Брисел заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. 

Се очекува овој Договор за партнерство да ја зајакне отпорноста на земјата и да овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици и поефикасна соработка во сферата на безбедноста и одбраната. 

Церемонија на потпишување на Договорот, ќе се одржи на маргините на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри за одбрана, на кое ќе се расправа за поддршката на Унијата за Украина и за одбранбената подготвеност на блокот.  

Скопје – Со претрес по амандмани за Предлог-буџетот за 2025 година, денеска треба да продолжи комисиската расправа во Собранито. 

Расправата за Буџетот за следната година на собраниската Комисија за финансирање и буџет трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница.  За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

На четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој вчера беше исцпрен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите околу Предлог-буџетот за 2025 година. Според едните, буџетот е развоен, домаќински и базира на дисциплина, мерење резултати, анализи, проверки и стратешко планирање, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.

Скопје - Судењето за случајот во кој политичката партија Левица ја тужи новинарката Михаела Димовска, уредникот Гоце Михајловски и трговското друштво Канал 5 за неовластено објавување личен запис, ќе продолжи денеска откако претходно беше одложено поради отсуство на законскиот застапник на партијата, Димитар Апасиев. Рочиштето е закажано за 12:30 часот во Основен кривичен суд Скопје.

На претходното рочиште, адвокатката на Левица изјави дека Апасиев е отсутен поради присуство на седница во Собранието. Таа истакна дека постои волја за помирување под одредени услови, додека, тужените, од друга страна, посочија дека не сакаат помирување.

Брисел - Европската унија треба да го гледа изборот на Доналд Трамп за американски претседател како можност да ги искористи своите капацитети и својот работен систем за нејзиниот глас да се слушне на светската сцена, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

„Трамп претставува можност за Европејците, не само да се разбудат, се разбудивме пред пет години, туку да ги искористат своите капацитети и нивниот систем на работа за нашиот глас да се слушне на светската сцена“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки.

„Односите со новата американска администрација секако ќе бидат интересни. Тоа е и можност за нас Европејците да се покажеме како доверливи партнери, како рационален актер, како некој што може да донесе рационалност, некој што го почитува меѓународното право, ги гледа климатските закани“, рече Борел.

Киев - Украина денеска одбележува 1.000 дена од почетокот на војната, а досега загинаа илјадници украински граѓани, додека над шест милиони луѓе живеат како бегалци. 

Популацијата на Украина е намалена за една четвртина откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна офанзивата, на 24 февруари 2022 година, за која Гардијан оценува дека е најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна.

„Гардијан“ денеска потсетува дека Кремљ го отфрли мировниот план предложен од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а кој требаше да биде претставен на самитот на Г20 во Бразил. 

Москва - Руското Министерство за одбрана соопшти дека вооружените сили на Украина претрпеле повеќе од 900.000 жртви, вклучително и мртви и ранети, од почетокот на војната пред 1.000 дена.

Според пресметките Министерството, само оваа година загубите на Украина ги надминаа оние од првите две години од конфликтот заедно, а вкупните загуби на Киев изнесуваат 906.500 мртви и ранети.

ДПА нагласува дека бројките на жртви во таквите конфликти генерално не можат независно да се проверат. Ниту Москва ниту Киев досега не открија точни бројки во однос на нивните загуби.

Вашингтон - Од Стејт департментот синоќа изјавија дека политиката на САД во однос на користењето американско оружје од страна на Украина за напади во руска територија не е променета, и дека Вашингтон дозволува „адаптација и корекција“ на оваа политика доколку „тоа е соодветно“.
 
-Не поседувам никакви нови информации за оваа политика. Како што знаете, уште пред Русија да ја започне својата сеопфатна инвазија, САД формираа коалиција од над 50 земји за да ѝ помогнат на Украина и да ја повикаат Русија на одговорност за нејзините дејствија. Јасно ставивме до знаење дека ќе ги адаптираме и коригираме потенцијалите што ѝ ги обезбедуваме на Украина кога тоа е соодветно, и видовте дека тоа го потврдуваме со нашите дејствија во изминатите неколку години, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер на прашањето каква е политиката на САД во однос на употребата на американските ракетени системи АТАКМС од страна на Украина против цели на територијата на Русија.

Њујорк – Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја опиша наводната американска дозвола за употреба на оружје со долг дострел на руска територија како потенцијална „пресвртница“ во војната.

Пред состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк, Сибиха изјави дека „колку подолго Украина може да нападне, толку пократка ќе биде војната“.

Според извештаите на американските медиуми, американскиот претседател во заминување Џо Бајден и дал дозвола на Украина да ги користи ракетите ATACMS испорачани од САД, кои имаат дострел до 300 километри, за да гаѓа воени цели во областа Курск во западна Русија.

Техеран - Иран денеска ги отфрли новите санкции што Европската унија и Велика Британија ги воведоа против иранските бродски линии, нарекувајќи ги „неоправдани“ и засновани на лажни тврдења за трансфер на ракети во Русија. 

Иранското Министерство за надворешни работи објави дека санкциите воведени вчера од Брисел против Иранската бродска линија (IRISL) и нејзиниот директор се резултат на наводната поддршка на Техеран за Русија во нејзината војна со Украина, пренесоа британските медиуми. 

И Велика Британија вчера воведе санкции против иранската национална авиокомпанија и бродскиот превозник, како одговор на тврдењата дека Иран и пренесува балистички ракети на Русија. 

Бејрут - Во израелски воздушен напад врз населба во централен Бејрут во понеделникот загинаа четири лица, соопшти либанското Министерство за здравство, втор ден по ред откако Израел гаѓаше цели во главниот град на Либан во неговата кампања против Хезболах.

„Чад се издигна од местото на нападот во областа Зукак ал Блат, на кратко растојание од централниот округ на Бејрут каде се наоѓа седиштето на либанската влада. Во нападот се повредени 18 лица“, соопшти Министерството.

Израел ги интензивираше своите бомбардирања на цели во и околу либанскиот главен град во текот на изминатата недела, ескалација што се совпаѓа со знаци на напредок во дипломатските напори предводени од САД за посредување за прекин на огнот.

Рио де Жанеиро -  Кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро изјави дека вештачката интелигенција не треба да биде „игра на богати земји и богати луѓе“, пренесе кинеската агенција Ксинхуа.

Си, исто така, повика на поголемо меѓународно управување и соработка за вештачката интелигенција, пренесе Ксинхуа.

Претходно вчера, Си ја истакна поддршката на Кина за земјите во развој и вети повеќе иницијативи за помош, вклучително и предложена иницијатива со три други земји од Г20 за да му помогне на Глобалниот југ да добие подобар пристап до научните и технолошките иновации.

Остани поврзан