• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

11 јуни 2025

Скопје – Матурантите денеска ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е по нивни избор. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), најголем број пријавени има за тестот по англиски јазик (13 457 ученици). 

За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 - француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик. 

Првиот екстерен испит, задолжителен за сите ученици, мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, се полагаше на 31 мај. 

Скопје - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков ќе учествува на 9-та Меѓународна научна конференција за прашања и предизвици од областа на ЕУ и компаративното право „Силна и безбедна Европа: Правни и Економски аспекти“ која во наредните два дена ќе се одржи во Дубровник.  

На конференцијата, заменик-министерката Трајков, како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе има свое обраќање  на тема „Македонија на патот кон членството во ЕУ-предизвици и перспективи“.  

Деветтата Меѓународна научна конференција за прашања и предизвици од областа на ЕУ и компаративното право е во организација на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмајер“ во Осијек.  

Скопје - Одморалиштето Пониква станува рехабилитациски центар за сите повредени граѓани од трагедијата во Кочани. Тим на лекари ќе се грижат и ќе обезбедат здравствена нега и ќе им пружат психолошка поддршка на пациентите.

Владата на вчерашната седница донела одлука и го задолжила Министерството за внатрешни работи да го стави одморалиштето Пониква, кое има 27 соби и 56 легна на располагање на Министерството за здравство за лекување на пациентите кои имаат потреба од дополнителна медицинска услуга во период од 10 јуни до 20 август.

Доколку медицинските тимови и здравствени работници одлучат дека е потребно продолжување на временскиот период за лекување и рехабилитација на пациентите, како што денеска соопштија од владината прес-служба, Владата ќе ја продолжи одлуката.

- Нашата обврска како Влада е да понудиме и да обезбедиме целосна здравствена

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на свечена церемонија за доделување национално признание за врвни достигнувања во спортот, информираат од владината прес-служба.

Настанот ќе се реализира во свечената сала во Владата. 

Скопје - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска ќе изврши увид на градежни активности за изградба на вакумска фекална канализација во Јурумлери.

Како што информираат од Министерството за локална самоуправа, увидот е во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“.

Според најавата, министерот ќе ја посети општина Гази Баба и заедно со градоначалникот Бобан Стефковски, ќе извршат увид на градежните активности за изградба на вакумска фекална канализација во Јурумлери, при што ќе го најават и почетокот на новата фаза од проектот. 

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ќе ја посети Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охриски“ во Скопје.

Како што информираат од Министерството за култура и туризам, работната посета е по повод воведување во работите - блок 3 и 5 од првата фаза за санација на кровот.

Скопје – Висока делегација на Вооружените сили на Унгарија, предводена од началникот на Генералштабот на ВС, генерал Габор Беренди, е во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија.

Од Генералштабот на Армијата информираат дека генералот Беренди, по денешниот пречек со високи воени почести во Кампот за обука на вода во Охрид, ќе оствари средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

 Скопје - Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје со завршен збор на обвинителството. На изминатото рочиште обвинителката Жаклина Трајковска повеќе од четири часа ги презентираше доказите изведени во текот на процесот според кои обвинителството смета дека се докажа вината за кривичните дела што им се ставаат на товар. По завршните зборови на обвинителството, завршен збор треба да даде и одбраната за случајот.

Меѓу доказите од постапката кои обвинителката Трајковска ги образложи во завршниот збор на минатото рочиште, таа посочи дека од камерите на Сејф сити неспорно произлегло дека обвинетите се движеле заедно на критичните денови за да ги извршат кривичните дела.

Скопје – Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите, денеска, ќе одржат научно-стручна расправа по Предлог законот за Судски Совет на Република Северна Македонија.

Како што се наведува во соопштението од Здружението за кривично право и криминологија, со новиот закон треба да се надминат сериозните недостатоци кои беа детектирани во пракса, да се утврдат рокови за постапување на Советот за работите од негова надлежност, попрецизни критериуми во врска со поимот „истакнат правник“, како и процедури за разрешување на претседател на Советот.

Скопје – Уставниот суд денеска ќе ја одржи 12. седница, на чиј дневен ред се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и, како што е најавено, ќе треба да се донесат конечни одлуки за два предмета. 

На дневен ред е иницијатива со која се оспорува Член 65, ставови 1 и 2 од Законот за вештачење. Оспорените законски одредби според подносителот на иницијативата содржат непрецизност или двосмисленост и ја нарушуваат функционално-логичката целина на Законот за вештачење, при што се дава можност за недоследно или различно применување на тие законски одредби во практиката.

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија ќе биде домаќин на 16. сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) во организација на Европското движење. Тема на настанот е „Предизвици и перспективи во националните политики за дрога и психоактивни супстанци: усогласување на македонското законодавство со европските стандарди“, информираат организаторите на настанот.

- Дијалогот ќе се фокусира на клучните предизвици и можности во процесот на усогласување на македонското законодавство со европските стандарди во областа на политиките за дрога и психоактивни супстанци. Дебатата, исто така, се очекува да ги отвори и прашањата околу механизмите за мониторинг и справување со криминалните активности поврзани со дрогата, како дел од пошироките напори за борба против организираниот криминал, што е длабоко инфилтриран во оваа област и има значајни општествени последици, се додава во соопштението.

Скопје - Во законодавниот дом денеска ќе бидат презентирани ставовите и препораките произлезени од двете појдовни анализи изработени од Институтот за комуникациски студии (ИКС) - „Странско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“ од вон. проф. д-р Методи Хаџи-Јанев и д-р Маријан Стоилковски и „Документ за јавни политики: Осврнување на странското мешање и манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“ од д-р Конрад Блејер-Симон, научен соработник во Центарот за плурализам и слобода на медиуми (Европски универзитетски институт – Фиренца, Италија), и во Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕОДМ).

Настанот е во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и во соработка со собраниската Комисија за одбрана и безбедност, во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, финансиран од Британска амбасада во Скопје.

Скопје - Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ ја исплати фактурата за набавка на првата тура компресивна облека наменета за повредените од трагичниот настан во Кочани, во вредност од 923.458 денари.

Средствата за набавката, како што соопштија од иницијативата, биле целосно обезбедени преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство.

Од  „Сапорт Кочани“ информираат дека компресивната облека е нарачана и се очекува да пристигне во Кочани околу 16 јуни. Дополнително, веќе се обезбедени средства и за втора тура на облека, а на 16 и 17 јуни повторно ќе пристигнат експерти од Бугарија кои ќе започнат со земање индивидуални мерки за новата нарачка.

Белград - Претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе учествува на самитот Украина – Југоисточна Европа што денеска се одржува во Одеса, потврдија од неговиот кабинет.

Српските медиуми потсетуваат дека на минатогодишниот Самит во Дубровник имаше несогласувања околу текстот на заедничката декларација за украинската криза, поради што и овој пат се очекуваат тешки разговори и дипломатски судири.

Премиерите на Грција и Хрватска го потврдија своето присуство уште на 23 мај, а потврда пристигна и од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, посочува Анадолија.

Киев - Две лица загинаа, а најмалку 37 лица се повредени, меѓу кои и пет деца, при ноќен руски напад со дронови врз украинскиот град Харков, соопшти градоначалникот Игор Терехов.

Нападите се случија само еден ден по слични удари врз Киев и Одеса, во кои загинаа три лица. Харков, втор по големина град во Украина и лоциран на помалку од 50 километри од границата со Русија, е подложен на се почести масовни напади во последните денови.

„Извршени се 17 дронски удари во два реони на градот“, соопшти Терехов. Според локалното обвинителство, цел на нападите биле главно станбени згради, а биле користени дронови „Геран-2“, руската верзија на иранскиот „Шахед“.

Белфаст - Стотици маскирани лица нападнаа полицајци и запалија куќи и возила во Балимина, Северна Ирска, во втора последователна ноќ на нереди поврзани со протест поради наводен сексуален напад.

Полицијата соопшти за сериозни безредија во градот, кој се наоѓа околу 45 километри од Белфаст, и ги повика граѓаните да го избегнуваат подрачјето.

Новинар на Ројтерс јави дека специјални единици со оклопни возила употребиле водени топови и гумени куршуми поради напади со Молотови коктели, градежни материјали и камења, пренесува БТА. Неколку возила беа запалени, а едно е пронајдено превртено во пламен.

Лондон - Преговарачките тимови на САД и Кина постигнале начелна согласност за заедничка рамка за надминување на трговските разлики, која сега треба да биде одобрена од претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг.

- Двете страни се согласија на заедничка рамка и ќе ја презентираат пред своите лидери, изјави кинескиот претставник за меѓународна трговија Ли Ченган по дводневната средба во Лондон.

Американскиот министер за трговија Хауард Латник објасни: „Ние ќе се вратиме и ќе разговараме со претседателот Трамп за негово одобрување, а тие ќе направат истото со претседателот Си“.

Лос Анџелес - Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, воведе полициски час во центарот на градот поради ескалација на протестите против заострувањето на имиграционите мерки од страна на претседателот Доналд Трамп.

На прес-конференција, таа соопшти дека е прогласена локална вонредна состојба и дека забраната за движење ќе важи од вторник во 20:00 до среда во 06:00 часот по локално време.

„Достигнавме критична точка“, изјави Бас, додавајќи дека 23 продавници биле ограбени. Мерката се однесува на површина од еден квадратен километар, каде што протестите се интензивираат од петокот.

Лос Анџелес – Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече демонстрантите во Лос Анџелес „животни“ и „странски непријател“ за време на говор во воената база Форт Браг.

Тој го оправда распоредувањето на воени сили против демонстрантите кои протестираат против акциите на имиграциските служби насочени кон нелегалните имигранти. - Ќе го ослободиме Лос Анџелес и повторно ќе го направиме слободен, чист и безбеден, изјави Трамп.

Во досега најагресивниот настап во врска со протестите, Трамп го искористи говорот што требаше да биде посветен на 250-годишнината од основањето на американската армија, за да ги нападне демонстрантите, повторно тврдејќи дека претседателските избори во 2020 година биле наместени и упатувајќи критики кон својот претходник, поранешниот претседател Џо Бајден.

Лос Анџелес - Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом поднесе итно барање до федерален суд за да ја спречи администрацијата на Доналд Трамп да користи припадници на Националната гарда и маринци за поддршка на имиграциските власти во Лос Анџелес.

Тој предупреди дека таквиот потег ќе го зголеми социјалниот притисок и ќе предизвика јавни нереди. Според него, одлуката на Трамп за распоредување на околу 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци претставува опасен преседан.

Првично испратени да обезбедуваат федерални згради, војниците сега асистираат и при апсења на имигранти. Фотографии објавени од Имиграциската и царинската служба (ICE) покажуваат припадници на гардата како го штитат персоналот за време на акции.

Бразилија – Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, вчера за првпат се појави пред Врховниот суд, каде ги негираше наводите дека бил дел од заговор за задржување на власта и поништување на резултатите од претседателските избори во 2022 година.

Судењето, кое беше пренесувано онлајн, го следеа голем број граѓани на Бразил. Земјата сè уште ги чувствува последиците од немирите во јануари 2023 година, кога беа нападнати и оштетени зградите на Врховниот суд, Конгресот и претседателската палата.

Остани поврзан