10 јуни 2025
Скопје - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднела кривична пријава против С.Н. во својство на градоначалник на Општина Росоман.
Како што денеска соопштија од Финансиската полиција, пријавениот С.Н .во својство на градоначалник на Општина Росоман, во текот на 2022 и 2023 година постапил спротивно на Закон за градење чл. 58 став 2 (Службен весник на РМ бр. 130/09, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 138/13, 163/13, 27/14. 28/14, 42/14, 154/14, 194/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16 и 35/18), а во врска со член 205 став 1 и чл. 209 од Закон за општа управна постапка (Службен весник на РМ бр. 38/05, 110/08, 124/15 и 65/18) на начин што изготвил 6 лажни јавни исправи, од кои 4 одобренија за градење и 2 одобренија за реконструкција на улици.
Скопје - Во рамки на работната посета на Република Казахстан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу. Во фокусот на разговорите беа можностите за интензивирање на севкупната билатерална соработка, размена на посети на високо ниво, како и одржување на третата рунда политички консултации во Скопје, информираат од Министерството.
Скопје - Инспекциските контроли на храната од почетокот на годинава ја надминаа бројката од 12 000 само во внатрешниот промет. Како небезбедни, досега се уништени околу 56 тони храна од животинско и неживотинско потекло. За утврдените недолесености се изречени 1 325 мерки од кои 260 парични казни и други казни како времени забрани за вршење дејност, а поднесени се и прекршочни пријави, рече денеска директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов.
Во обраќањето на трибината за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната, Миланов напомена дека дополнителни контроли се вршат за секоја пратка која се увезува во земјава.
Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ и полковникот Стјепан Домјанчиќ, на кој му истекува мандатот како одбранбено аташе.
Како што објави на неговиот фејсбук профил министерот Мисајловски на полковникот Домјанчиќ му се заблагодарил за досегашниот ангажман и како доајен на Асоцијацијата на одбранбени аташеа во Македонија и во одржувањето и унапредувањето на билатералните односи помеѓу двете министерства и армии и му посакал добро здравје и успех на новата работна задача.
Скопје - Пријатен летен распуст и честитки за напорната работа и заслужениот успех им посака министерката за образование и наука Весна Јаневска на основците и средношколците кои денеска ја завршуваат учебната 2024/2025 година.
-Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување, напиша министерката на својот фејсбук-профил.
Скопје - Тетовската полиција вчера попладнето во Тетово ги лишила од слобода И.Р.(36), А.Р.(37) и М.Р.(61), сите од Тетово, бидејќи при претрес во нивнито дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пиштол калибар 9 мм, рамка со 15 куршуми калибар 9 мм, две празни рамки, 100 куршуми калибар 9 мм, неколку пакувања со бела прашкаста материја, таблети, мобилен елефон и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Скопје - Бесплатни летни интензивни курсеви по англиски јазик и информатика ќе се одржуваат во текот на јули и август, наменети за ученици од ранливи социјални категории, кои ќе бидат организирани во групи според нивото на знаење - од почетно до напредно.
Како што соопшти Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, курсевите ќе се одржуваат во рамки на иницијативата „Направи чекор“ и ќе се реализираат преку eTвининг-мрежата „Јазикот и технологијата во служба на квалитетен eTвиниг проект“.
Белград - Иницијативата „Бунтовен универзитет“ продолжува со блокирање на улици во Белград во близина на зградата на Владата и според најавите, ќе трае до исполнување на барањата доставени вчера до Владата на Србија.
Бунтовниот универзитет бара Работната група за изготвување на новиот Закон за високо образование да се распушти и да се отвори јавна и инклузивна дебата за тоа.
Барање е и откажување на незаконските измени на Правилникот за стандардите за работа на универзитетите и санирање на нивните последици, како и усвојување на буџетски квоти за прием на факултетите најдоцна до крајот на јуни.
Љубљана - Словенечката партија Левица што е дел од владината коалиција, предлага консултативен референдум за плановите на владата да ги зголеми трошоците за одбрана на 2 проценти од БДП оваа година и над таа бројка во иднина, јави СТА.
Левица соопшти дека немало јавна дебата за ова прашање.
Парламентарната комисија за одбрана вчера одобри план за зголемување на трошоците за одбрана на 2 проценти од БДП оваа година.
Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама, изјави дека земјата ги почнала подготовките за Самитот на НАТО, што во Албанија ќе се одржи во 2027 година.
Во директната комуникација со граѓаните во емисијата „Очи в очи" на Фејсбук, нагласи дека на прв поглед се чини дека има време, но ова е "начинот да се постапува со организација на овие геостратешки настани".
Атина – Такси возилата во Атина, од 15 часот до полноќ нема да сообраќаат поради новиот закон за безбедност во сообраќајот за кој денеска ќе расправа грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Синдикатот на такси превозници (САТА) соопштија дека преку денешниот деветчасовен прекин со работата го изразуваат нивното незадоволство што во новиот закон не е предвидена дозвола за такси возилата да сообраќаат во лентите наменети за автобуси.
Париз - Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, изјави дека ја поддржува идејата Хамас да се разоружа и „повеќе да не владее со Газа“ како дел од мерките за создавање идна палестинска држава.
Абас го изрази овој став во писмо упатено до францускиот претседател Емануел Макрон и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кои ќе бидат копретседатели на конференцијата на ОН посветена на решавање на израелско-палестинскиот конфликт преку создавање две држави.
Њујорк - Пентагон вчера објави дека мобилизира уште 2.000 војници на Националната гарда и околу 700 маринци како одговор на немирите поврзани со имиграцијата. Овој потег го зголемува бројот на војници што треба да се распоредат во Лос Анџелес, на околу 4.700. Протестите во градот избувнаа откако федералните службеници уапсија имигранти во специјална операција во петокот. Демонстрациите брзо се проширија, а ескалацијата на тензиите продолжува да биде водечка тема во американскиот печат денеска.
Киев - Украинските сили соопштија дека Русија во текот ноќта нападнала цели во Украина со 315 дронови и седум ракети. Вчера Украина соопшти дека Русија лансирала 479 беспилотни летала и 20 ракети во - како што нагласи - најголемото ноќно бомбардирање во војната досега.
Главната насока на нападите бил Киев, додаваат украинската армија, а регионите Одеса, Дњепарк и Чернигов исто така биле цел на Москва. Од 315 беспилотни летала и седум ракети, 284 беспилотни летала и сите ракети биле уништени.
Кан - Црвениот тепих од скалите на зградата каде што се одржува Канскиот филмски фестивал се менуваше секој ден од 13 до 24 мај, се додека траеше настанот, а сега се продава по цена од едно евро за килограм.
Тон и пол црвен синтетички материјал, по кој годинава газеа бројни ѕвезди на светската кинематографија, добива нов живот во Марсеј - во рацете на стилисти, за потребите на театарски трупи или модни ревии, пишува францускиот весник „ Фигаро“.