МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
13 август 2024
- Освен учебниците по странски јазици, кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на 1 септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска. Како што соопшти МОН, во утринската програма на Канал 5 ТВ, таа соопшти дека дел од учебниците се веќе дистрибуирани, а дел се печатат и, според договорот со печатницата, на 1 септември треба да бидат во училиштата. -За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои учениците ќе можат да ги користат, рече Јаневска.
- Треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак го донесоа тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот. Од овој аспект мора да се разбере дека ова е една заедничка татковина за сите и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров, на права но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, но она што не е завршено и на што мора да работиме се реалните проблеми на на нашите сограѓани. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената седница на Владата по повод 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, посочувајќи дека 23 години се доволна временска дистанца на работите да се погледне со доза на објективност и да се говори за аспектите и придонесот на овој договор, но и предизвиците кои стојат пред нас.
- Од постконфликтно општество, чие функционирање е загарантирано со мировен договор, наша задача е Северна Македонија да ја направиме модерно општество во кое институциите ќе одразуваат целосна еднаквост на секое ниво. Не можеме вечно да се согласуваме, сега дојде време постигнатите договори да се вратат на основата за модернизација и европеизација на државата. Во периодот пред нас ќе отвориме нова етапа на креирање политики, истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на панел-дискусијата „23 години од Рамковниот договор – Децентрализацијата останува предизвик”. Како држава што членува во НАТО, нарушувањето на мирот, рече Меџити, „веќе не е опција за нашата земја“, нагласувајќи дека предизвик денеска е како да се направи поефикасна децентрализација, помоќни институции, понезависно судство, послободни медиуми и пофункционална демократија.
- Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Извештајот за утврдените состојби во финансирањето на Претседателските избори 2024 година констатирала бројни недостатоци во правната и административната рамка што го регулираат изборниот процес и финансирањето на изборните кампањи во државата. И покрај постоењето на законска регулатива, значителни проблеми во имплементацијата создаваат ризик за корупција. -Ова е особено изразено во несоодветната примена на законските одредби, што води кон зголемен ризик од злоупотреба на средствата. Административните процедури, како што е пријавувањето на донации и трошоци од страна на политичките партии, се оценети како премногу комплексни и неефикасни, што доведува до зголемени административни трошоци и одложувања. Потребна е реформа на овие процеси за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција, соопштија од ДКСК.
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил проштална средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, како и средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, на која ги примил копиите од акредитивните писма, соопшти Министерството. На средбата со холандскиот амбасадор, министерот Муцунски изразил благодарност за конструктивниот ангажман на амбасадорот во насока на интензивирање на билатералната соработка помеѓу нашите две земји за време на неговиот мандат.
- Нема да финансираме олимписки туризам како што ни се случува во моментов, туку ќе ги форсираме најталентираните, ќе ги финансираме нивните програми, но ќе бараме и соодветни резултати. Комплетно ќе го смениме пристапот. Ќе направиме целосна анализа на сите потенцијални следни олимпијци и ќе се фокусираме на нив, најави денеска министерот за спорт Борко Ристовски. Одговорајќи на новинарски прашања, Ристовски напомена дека за да се бараат резултати од нашите спортисти, мора најпрво да се обезбедат соодветни услови. Сепак, оцени, досегашните слаби олимписки резултати се последица на неправилното работење, независно од средствата кои биле на располагање и постоечките услови.
- Ветеринарните инспектори да ги усогласат своите смени со оние на цариниците, за да се овозможи побрз проток на стоки на границите. Ова го иницирала Царинската управа на првата средба со новото раководство на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). - Една од првите средби кога дојдов како директор на Царинската управа, беше со директорот на АХВ. На наша препорака се иницираше ветеринарните инспектори од АХВ да ги усогласат своите смени со оние на цариниците за да функционираме многу поусогласено, а така на стопанствениците и транспортерите, посебно на оние што вршат увоз и извоз, да им овозможиме многу побрз проток на стоката, рече денеска директорот на Управата, Бобан Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.
- Mинистерството за правда денеска соопшти дека пристапило кон завршување на процесот на изготвувањето на кодификацијата на граѓанското законодавство. - По повеќе од деценија, а водејќи исклучително сложен и обемен процес Министерството за правда во оваа завршна фаза ќе спроведе постапка за водење на стручни јавни расправи за Граѓанскиот законик со цел да се презентира концептот, но и да се слушнат коментари и идеи кои би придонеле за подобрување на истиот, се наведува во соопштението од Министерството за правда. Граѓанскиот законик, како што е посочено во соопштението, претставува целина од пет сегменти на современи и харамонизирани решенија во повеќе области, кои ќе дадат значителен придонес кон обезбедување на пристапот до правда и правната сигурност на граѓаните.
- Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС денеска соопшти дека ги подржува општините во процесот на изградба на капитални проекти од јавен интерес, чија реализација ќе се забрза со предложените измени во Законот за урбанистичко планирање, што е во собраниска процедура и каде се предвидени поедноставени процеси на донесување на плановите, како основ за одобрение за градба. Со тоа, како што се наведува во соопштението од ЗЕЛС, ќе им се овозможи на општините да реализираат објекти кои се исклучиво од јавен интерес (градинки, училишта, амбуланти, катни гаражи.... ), односно во интерес на граѓаните.
- Комерцијална банка денеска објави дека нуди 3.200 денари по акција за преземање на Стопанска банка АД Битола. Во објава преку Македонска берза, банката соопшти дека од Народната банка и е издадена претходна согласност за стекнување капитален дел од 100 проценти од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. -Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација: Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека Народната банка на Република Северна Македонија на Комерцијална банка АД Скопје и издаде претходна согласност за стекнување на капитален дел од 100% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Истовремено, Комерцијална банка АД Скопје известува дека согласно Одлука донесена од Надзорниот одбор на Банката, во постапката на јавна објава на понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола, цената на акциите која ќе биде понудена во понудата за преземање изнесува 3.200,00 денари за 1 (една) акција, стои во објавата.
– Грчкиот кошаркарски клуб Арис од Солун преку социјалните мрежи се прости со својот поранешен тренер Лазар Лечиќ, кој синоќа почина во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина. Во постот придружен со фотографија од времето кога македонскиот кошаркарски тренер го водеше солунскиот клуб, му порачаа дека никогаш нема да го заборават, но се осврнаа и на Јанис Јоанидис кој почина лани, а заедно со Лечиќ беа дел од Арис.
– Грчката опозициска партија СИРИЗА официјално побара од министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Василис Кикиљас да достави податоци за бројот на воздушните средства што интервенираа во пожарите во североисточниот дел на Атика, јави дописничката на МИА од Атина. Лидерот на партијата Стефанос Каселакис на социјалните мрежи напиша дека лично тој, за време на вчерашната посета на координативниот центар на цивилната заштита, на системот за следење видел само три авиони кои интервенираат, а портпаролот на противпожарната служба соопшти дека од воздух се гасне со 32 средства и затоа преку надлежниот пратеник од СИРИЗА Симеон Кедикоглу доставиле официјално барање, „затоа што грчкиот народ има право да ја знае вистината“.
– Во Измир вчера е уапсена една жена под обвинение дека поттикнувала омраза и го навредувала претседателот Реџеп Тајип Ердоган бидејќи забранил користење на Инстаграм. Инстаграм беше забранет во Турција од 2 до 10 август поради непочитување на „законите и правилата“. Забраната на Инстаграм уследи откако висок турски функционер ја обвини социјалната мрежа дека блокира објави во кои се изразува сочувство за убиството на политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханија. Уапсената жена е една од неколкуте минувачи кои минатата недела беа прашани што мислат за забраната на Инстаграм, а одговорите беа објавени на Јутјуб.
– Руската морнарица е обучена да гаѓа цели длабоко во Европа со проектили способни да носат нуклеарни боеви глави во потенцијален конфликт со НАТО, покажуваат тајните документи во кои увид имаа новинарите на „Фајненшл тајмс“ (Financial Times). Според британскиот дневен весник, документите покажуваат како Русија го замислува судирот со Западот далеку од нејзините непосредни граници со НАТО, всушност планирани се серија напади во Западна Европа. Руските документи подготвени во периодот од 2008 до 2014 година, вклучуваат листа на цели за ракети кои можат да носат или конвенционални боеви глави или тактичко нуклеарно оружје.
– Украина контролира 800 квадратни километри од Курската област во Русија, соопшти Американскиот институт за проучување на војната (ISW). Украина тврди дека контролира повеќе од 1.000 километри руска територија, а нејзините сили сè уште се во офанзива што почна на 6 август. Поради украинската офанзива Москва нареди евакуација на жителите на западната руска област. Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека „врши злосторства“ и вети дека ќе ги протера нејзините сили од руска територија.
– Само прекин на огнот во Појасот Газа ќе го одврати Иран од директна одмазда против Израел за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, изјавија тројца неименувани високи ирански претставници. Висок ирански безбедносен претставник истаккна дека Техеран заедно со сојузниците, како Хезболах, ќе преземе директен напад ако преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа не успеат или ако се добие впечаток дека Израел ги пролонгира преговорите. Неименуваните ирански претставници не прецизираа колку време ќе дозволат да се преговара. По убиството на Ханија во Техеран и на командантот на Хезболах, Фуад Шукр во Бејрут, САД и западните земји апелираат Иран да ја ограничи својата одмазда.