МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
1 октомври 2024
Скопје - Рокот до 30 септември што го даде Владата помина, но за жал до нас не стигна ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во нашиот правосуден систем. Затоа од денеска ние почнуваме да го развиваме нашиот систем и започнуваат реформите во македонскиот правосуден систем, затоа што Македонија и граѓаните немаат повеќе простор за чекање, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција по повод 100 дена од мандатот на новата Влада.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата, на која даде отчет за сто дена од сработеното на новата извршна власт, се осврна и на издвојувањето на Албанија од земјава во процесот во евроинтегративниот процес, напоменувајќи дека по ова прашање двете битни позиции се дека Владата никогаш нема да отстапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните.
Во своето обраќање во делот на забелешките, кои се упатувани кон Владата во овие сто дена, говорејќи за раскинувањето на пакетот Скопје-Тирана и закажување почеток на преговори со Албанија на 15 октомври, додека земјава се уште останува во чекалната на ЕУ, поради неусвојувањето на уставните измени, Мицкоски посочи Владата никогаш нема да направи ниту една остапка, која ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани.
Скопје – Има напредок во реализацијата на автопатот од Кичево до Охрид, секојдневно се работи и очекувам првата половина од автопатот од селото Арбиново до Охрид, со исклучок на мал дел кај село Ботун, да биде пуштена во употреба до мај следната година, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Посочи дека до крајот на 2026 година, како што беше ветено во кампањата, ќе биде целосно пуштен во употреба овој автопат.
Скопје - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје доставил Предлог за издавање казнен налог против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста согласно член 144 став 5 од Кривичниот законик.
- На 21 јуни, преку информатички систем, обвинетиот се заканил дека ќе стори кривично дело – Убиство од член 123 став 2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од најмалку 10 години, спрема оштетена – судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија. На својот профил на социјална мрежа, незадоволен од одлука на Уставниот суд во врска со законот за застареност на долгови, обвинетиот објавил пост со закани дека ќе го стори кривичното дело, директно споменувајќи ја посочената уставна судијка, со што кај оштетената предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Со казнениот налог, како што се додава во соопштението, обвинителството предлага на обвинетиот да му биде изречена кривична санкција – условна осуда со која ќе му биде определена казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку тој не стори ново кривично дело во рок од една година од правосилноста на пресудата.
Брисел - Портпаролот на Европската комисија Петер Стано денеска ги нарече неприфатливи и „многу вознемирувачки“ заканите упатени кон новинарите на Танјуг и нагласи дека ЕУ ги осудува таквите закани и дека овој случај мора да се истражи.
-Ова е многу вознемирувачко што го кажавте за примените мејлови и закани. Позицијата на ЕУ е многу јасна кога станува збор за заканите и заплашувањето на новинарите. Ова е неприфатливо. Ние целосно го отфрламе и го осудуваме, рече Стано на брифинг во Брисел.
Стано нагласи дека „ова е нешто што не треба да се случува“.
Брисел - Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека правото на Украина на самоодбрана „не завршува на границата“.
Руте призна дека ситуацијата на украинското бојно поле е тешка, но додаде дека напредокот на Русија има многу висока цена, пишува NL Times.
„Според неодамнешните проценки, руските загуби се движат од околу 1.000 убиени или ранети дневно. А тоа е само мал дел од вкупно 500.000 кои се веќе убиени или ранети“, рече Руте.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц сака телефонски да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за прв пат по речиси две години, објави денеска германскиот весник „Цајт“, повикувајќи се на владини извори.
Телефонски повик пред состанокот на Г-20 во Бразил во ноември, наводно, се разгледува. Сепак, барањето за интервју се уште не е пристигнато од Берлин, пишува весникот.
Доколку успее тој разговор, Шолц ќе биде првиот шеф на влада од земјите кои најмногу ја поддржуваат Украина, кој ќе има директен контакт со Путин. Последниот телефонски разговор меѓу Шолц и Путин беше во декември 2022 година.
Минхен - Повеќето германски компании, поточно 70 отсто, очекуваат во иднина да постигнат поголема продуктивност благодарение на вештачката интелигенција (ВИ), е заклучокот од извештајот што денеска го објави Институтот за економски истражувања од Минхен.
Резултатот покажува дека многу компании го гледаат потенцијалот во вештачката интелигенција, коментира шефот на истражувањето од Институтот, Клаус Волрабе.
Според него, сите компании ќе треба да размислат дали и како можат да користат вештачка интелигенција во својата работа.
Тел Авив – Сирени за тревога попладнево повторно се активираа во близина на северната граница со Либан, предупредувајќи на ракетен напад.
Претходно денеска беа истрелани околу 30 ракети од Либан кон истата област.
Израелската армија денеска нареди и евакуација на речиси дваесет погранични населби.
Рим - Италијанската премиерка Џорџа Мелони соопшти денеска дека нејзината земја останува посветена на соработката со сојузниците за стабилизирање на ситуацијата на границата меѓу Израел и Либан, јави италијанската новинска агенција АНСА. Taa истакна дека деескалацијата на ситуацијата во регионот е неопходна и итна.
„Италија ќе продолжи да работи со сојузниците за стабилизирање на границата меѓу Израел и Либан за раселените лица да можат да се вратат дома. Деескалацијата на регионално ниво е неопходна и итна, а Италија ќе учествува во процесот како претседавач со Г-7“, рече Мелони.
Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека сака „ефикасна“ соработка со новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте.
- Со нетрпение очекувам да работиме ефикасно за зајакнување на евроатлантската безбедност и нашето партнерство со Алијансата, додека Украина го продолжува својот пат кон полноправно членство во НАТО, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Бејрут – Мировната мисија на Обединети нации во Либан (УНИФИЛ) денеска соопшти дека била информирана од израелската армија за намерата да изведе ограничена копнена офанзива.
И покрај новиот развој на настани во Либан членовите на мировната мисија ќе останат на своите позиции, се наведува во соопштението на УНИФИЛ.
Мисијата упати апел до сите учесници во судирот да се воздржат од акција што може да доведе до ескалација на ситуацијата.
Париз – Француски носач на хеликоптери ќе пристигне во источниот Медитеран во следните пет или шест дена за да заземе позиција доколку се донесе одлука за евакуација на странски државјани од Либан, изјави портпаролот на француската војска.
Западните земји ги разгледуваат опциите за безбеден транспорт на нивните државјани од Либан доколку таму избие целосна војна, при што Кипар и можеби Турција се споменуваат како можни засолништа за десетици илјади луѓе.
Феникс – Кошаркарот на Феникс санс, Кевин Дурент изјави дека прашањето за продолжување на договорот не му важно пред почетокот на сезоната.
- Имам уште две години од мојот сегашен договор. Значи, сите мои мисли се да играм најдобро што можам на теренот. И ќе се справиме со договорните прашања кога ќе дојде време, рече Дурант.
Напаѓачот на Санс наполни 36 години на 29 септември.