МИА Радио флеш
- 14 јануари 2025
14 јануари 2025
Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска и утре учествува на Форумот на Централна и Источна Европа „Инвисо“, кој на едно место обединува клучни чинители од областа на финансиите, информираат од Министерството за финансии.
На Форумот, министерката за финансии ќе ги претстави политиките што ги спроведува Владата, кои се темелат на новиот концепт на економски раст заснован на инвестиции, а коишто имаат и позитивно влијание врз одлуките што ги носат инвеститорите.
Скопје - Управата за јавни приходи ја објави листата на должници за долгови доспеани до 30 септември 2024 година, а неплатени до 31 декември 2024 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата на должници, која е јавно достапна на веб страницата на УЈП, има 1962 правни лица што е помалку за седум должници од претходната листа и 3915 физички лица односно повеќе за 69 од претходната листа.
Белград - Седуммина студенти, кои во текот на ноќта го блокираа Правниот факултет во Белград, се повредени во три инциденти предизвикани од непознати лица, објавено е на Инстаграм профилот „Студенти у блокади“. Како што изјавија, напаѓачите фрлале стаклени и пластични шишиња кон учениците.
„Една студентка беше турната по скалите и падна на глава, а потоа заедно со уште пет студенти на Правниот факултет со возило на Брза помош беше пренесена во болница за да и биде укажана прва помош“, напишаа студентите.
Букурешт – Романија се подготвува да ја преземе командата над воените сили на Европска Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР). Четири повеќенаменски хеликоптери ИАР-330 веќе се стационирани во базата Бутмир во близина на Сараево, каде е и командата на ЕУФОР. Хеликоптерите се наменети за транспортни операции и медицински евакуации.
Според претходно утврдениот распоред за ротација, должноста командант на ЕУФОР ќе ја преземе романскиот генерал-мајор Флорин-Маријан Барбу на 31 јануари. Генералот Барбу (56) пристигнува во БиХ од позицијата началник за операции на романските вооружени сили.
Атина – Речиси половина од анкетираните, односно 49,4 отсто смета дека избраниот претседател на САД Доналд Трамп ќе биде личност на годината, а зад него со 12,7 проценти е грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, според резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „Action 24“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатиот период во Грција актуелна тема е изборот на претседател на земјата, во исчекување на одлуката на грчкиот премиер за тоа кој/а ќе биде владин кандидат, а од испитаниците, 76 проценти сметаат дека е потребно да се постигне најголем можен меѓупартиски консензус.
Хелсинки - Германската морнарица ќе испрати бродови за одбрана на инфраструктурата во Балтичкото Море поради загриженоста од така наречената руска „флота во сенка“ и неодамнешните инциденти со оштетување на подводните каблите, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Шолц, кој присуствува на Самитот во Хелсинки за безбедноста на Балтичкото Море, истакна дека Германија е подготвена да ја преземе одговорноста „со свои ресурси“ со оглед на растечката закана.
Ватикан - Папата Франциск, кој минатиот месец наполни 88 години и поради настинка побара од помошникот да прочита поголем говор, во новата книга вели дека се чувствува здрав и дека не планира да се повлече од функцијата.
„Добро сум“, пишува Папата во автобиографијата што во вторникот излезе во продажба во повеќе од 100 земји. „Реалноста е, едноставно, дека сум стар“, додава тој.
Хелсинки - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека низата инциденти во Балтичкото Море мора да се сфатат како дел од хибридната стратегија што им се заканува на европските земји.
Говорејќи во пресрет на состанокот на лидерите на НАТО во Хелсинки, германскиот канцелар ги повика балтичките земји да дејствуваат на координиран и брз начин во регионот на Балтичкото Море, пренесуваат британските медиуми.
Хелсинки – Германската морнарица ќе испрати бродови за одбрана на инфраструктурата во Балтичкото Море поради загриженоста од така наречената руска „флота во сенка“ и неодамнешните инциденти со оштетување на подводните каблите, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Шолц, кој присуствува на Самитот во Хелсинки за безбедноста на Балтичкото Море, истакна дека Германија е подготвена да ја преземе одговорноста „со свои ресурси“ со оглед на растечката закана.
Пекинг - ТикТок го отфрли како „чиста фикција“ извештајот во кој се тврди дека кинеската влада размислува да ја продаде платформата на Илон Маск за да избегне забрана во САД.
Блумберг Њуз објави дека кинеските власти се во прелиминарни разговори за потенцијална продажба, за да се избегне забраната што треба да стапи во сила доколку кинескиот сопственик БајтДенс (ByteDance) не го продаде својот бизнис во САД до 19 јануари.
Газа - Најмалку 18 Палестинци, меѓу кои шест жени и четири деца загинаа во синоќешните израелски напади врз Појасот Газа.
Две жени и нивните четири деца загинаа во нападот врз градот Деир ал Балах, централниот дел од Појасот Газа.
Сана – Јеменската бунтовничка група Хути тврди дека извршила ракетен напад врз Израел во текот на ноќта и лансирала хиперсонична балистичка ракета кон „окупираната Јафа“, што се однесува на израелскиот трговски центар Тел Авив, јави Тајмс оф Израел.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека се обиделе да ја пресретнат ракетата, која активирала сирени низ поголемиот дел од централен Израел.
Загреб - Поради невреме, со налети на места и до 130 километри на час, во делови од Хрватска на сила е црвен аларм.
Црвениот аларм важи за Истра, Кварнер и регионот Велебит. Автопатите меѓу клучките Свети Рок и Поседарје, Јадранската магистрала меѓу Карлобаг и Света Марија Магдалена, Масленица-Затон Обровачки и обиколницата Омиш се затворени за секаков сообраќај.
Атина - Во древниот арапски град Ал-Ула, Грција и Саудиска Арабија го одржаа првиот Висок совет за стратешка соработка, што воедно е прв за Грција со земја од Блискиот Исток, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го потпишаа записникот од состанокот, во кој се вклучени 46 иницијативи, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер, како што информираа од неговиот кабинет, истакнал дека Високиот совет испраќа јасна порака дека Грција и Саудиска Арабија ја зајакнуваат билатералната соработка на највисоко можно ниво во широк спектар на сектори, како што се одбраната, инвестициите, трговијата, енергетиката, туризмот, културата и спортот, но и посочил дека „Саудиска Арабија е стратешки партнер за Грција и ЕУ и клучен играч за стабилност и просперитет во целиот регион“.
Москва – Украина изврши масовен напад со дронови врз неколку индустриски локации низ различни руски региони.
Гувернер на Саратовската област, Роман Бусаргин денеска на Телеграм објави дека се погодени два објекти, еден во Саратов и еден во градот Енгелс, но нема жртви.
Варшава - Бројот на нерегуларни влезови во Европската унија (ЕУ) во 2024 година е најмал од 2021 година, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс.
- Новите прелиминарни податоци од Фронтекс покажуваат значителен пад од 38 отсто на нерегуларните гранични премини на ЕУ во 2024 година, достигнувајќи го најниското ниво од 2021 година, кога миграцијата сè уште беше погодена од пандемијата на Ковид, соопшти Фронтекс.